од изданието „Акатист на светиот Симеон Нов Богослов“
Акатистот, како што посочува и самата етимологија на зборот (ακάθιστος), е молитва којашто се совршува не-седејќи, туку стоејќи, бивајќи исправен. Во богатата ризница на Коработ на нашето спасение, акатистот претставува ремек дело на црковната химнографија. Без двеумење, ќе речеме дека во Црквата и не постои личност на којашто не ѝ е познат акатистот посветен на Пресвета Богородица, којшто на мнозина им е секојдневна молитва, а во храмот особено торжествено се чита во саботата што ѝ претходи на петтата седмица од Великиот Пост.
Акатистот се состои од дванаесет мали строфи—кондаци, и дванаесет големи строфи—икоси, посветени на Господа Христа, Пресвета Богородица или на светителите. Особеност на оваа служба се извесните, како што се наречени—херетизми,1 односно усрдните восклици: Радувај се!, упатени оному, на когошто акатистот е посветен.
Пред нас го имаме акатистот на оној, којшто себеси се умртви за сè што постои во светот, бидејќи го заиска животот сокриен во Христа Бога. Пред очи ги имаме молитвените воскликнувања кон оној, којшто после првиот—светиот Апостол Јован, и после вториот Богослов—светиот Григориј, се јави како трет: Нов Богослов, којшто „како столб огнен преку дејствителното делање на заповедите, го воведе новиот Израил во земјата на бестрастието.“2
Светиот Симеон Нов Богослов е мошне бележита отечка појава од X–от, односно XI–от век, (949–1022). И покрај обидите на Западот да изврши влијание со неодржливите ставови дека светиот Симеон Нов Богослов е „декадентен“ теолог, тој останува ревносно читан и подражаван во монашките (и, не само во монашките), средини на православниот Исток. Следствено, неговата важност и неговата актуелност за нашето совремие ги наоѓаме во мистичната теологија произлегувашта од неговиот живот, каде што светиот Симеон Нов Богослов ги опфаќа суштинските прашања за созерцанието на божествената светлина и гледањето на Самиот Христос, што, пак, е сосема можно, бидејќи Синот Божји Самиот Се даде да биде виден како овоплотен Богочовек . Ваквата, за нас, осмислувачка цел на животот според внатрешната философија на православната, мажествена побожност, бива третирана во исихастичката лектира на светиот Симеон Нов Богослов, со јасен призвук дека во тој возвишен призив, за жал, удел немаат ниту стерилниот рационализам на модерниот човек, ниту, денес, бездруго би го посочиле, расколот од еМПеЦе-овски калибар, ниту, пак, било што друго вон Соборната Црква.
Постојаното, одново и одново, оприсутнување на благодатно секогаш присутниот Нов Богослов, на таа неодминлива карпа во мозаикот на светото Предание на Црквата, е дотолку поважно, доколку е јасно дека заедничарењето со овој светилник на Православието, го крева човека од калта на неопитното зафаќање со Божествените нешта, та: му го окрилува угоре умот преку дишењето на Духот; целата мисла, којашто станува бистра, се насочува кон небесата, проникнувајќи во длабочините Божји.3
Запазувајќи ги неговите филокалиски совети за постојана молитва за оние што нè мразат, навредуваат, гонат, што, пак, претставува од Бога откриен пат за преуспевање во духовниот живот, усрдно да му воспееме на овој учител на божествените енергии и нас да нè настави на божеското озарение, та оттаму и да добиеме сила за живот во подвиг, којшто ќе се однесува на, според зборовите на светиот Симеон Нов Богослов, единствената причина заради којашто сме се родиле како луѓе, а тоа е—обожението.
Преподобен Симеон Нов Богослов
25/12 Октомври 2007

