Успение

Гробот на Свети Јован Дамаскин

Свети Иларион Троицки

Триединството на Божеството и единството на човештвото

Успение број 8 · December 2004 · Свети отци · Print

Кратко житие на светиот новомаченик Иларион Троицки

Свештеномаченикот Иларион роден е како Владимир Алексејевич Троицки во 1886 год. во селото Липице на Тулската губернија. После завршеното духовно училиште и семинарија се запишува на Московската Духовна Академија, каде што, по сопствено признание, се соочил со неблагодатните плодови на западната ученост вгнездени во срцето на тогашната „богословска наука.“ Уште тогаш овој иден бележит богослов на Црквата Христова ја открил причината за ваквата недопустива состојба во опаѓањето на свеста и чувството за црковноста. Оттука, сиот свој понатамошен богословски устрем и живот Св. Иларион го посветува на силовито оприсутнување на преданиското православно учење за Црквата втемелено во длабокото и бескомпромисно поимање на 9-от член од Символот на Верата. Притоа, наспроти духот на времето, тој и самото богословие го ценел онака како тоа го налага Преданието, во склад со што вели: „Што е тоа богословие? За мнозина тоа претставува само знаење на богословските вистини, но не и познание на Бога. Познанието, пак, на Бога е опитна наука. Само чистите по срце ќе го видат Бога, и затоа вистинското богословие мора да биде благочестие, па дури тогаш ќе донесе плод по својата мера.“

Веќе како студент, а подоцна и како професор тој ги пишува своите врвни богословски дела: Христијанство или Црква, Гностицизмот и Црквата во односот кон Новиот Завет, За црковноста на духовното училиште и богословската наука, За нужноста од историјско-догматска апологија на 9-от член од Символот на Верата, Триединството на Божеството и единството на човештвото (кое ви го пренесуваме во овој број на нашата периодика), Покајанието во Црквата и покајанието во католицизмот.

Во сите нив тој смело го изложува сфаќањето дека за современите луѓе средишно прашање станало не толку прашањето за Божественоста на Иисуса Христа, ниту за крстните страдања на Богочовекот, туку за Црквата, без која нема спасение, без којашто и самата вера постанува прелестна и демонска. Од ова стојалиште Светителот и можел дерзновено (но за мнозина и тогаш и денес соблазниво) да каже во однос на еретичко-расколничкиот легион, земајќи како пример еден од неговите членови: „Јас никако не можам да мислам дека Православието и римокатолицизмот се речиси исто, дека тоа се две помесни Цркви. Јас исповедам дека Црквата е Една, а римокатолиците за мене не се Црква, па според тоа, не се ни Христијани, зашто без Црквата нема Христијанство.“

За време на Великиот Пост во 1913 година младиот професор Владимир Троицки решава да прими монашки постриг како одговор на неговиот исконски призив на срцето, при што го добива името Иларион. Образложувајќи си ја постапката пред своите пријатели, тој ним им се обраќа: „Интересно е, се разбира, што мислите сега за мене: ‘пропадна човеков, и не се знае зошто’; ‘што сторил со себе?’ Ех, светот, светот. Јас светот го сфатив и се помирив со него, и многу ми е жал што светот не сака да се помири со монаштвото. А треба само да признае – ‘ниеден облик на живот не мора да биде ист за сите.’ Го избрав оној, за кој ми се чинеше, а и сега ми се чини дека најмногу ми одговара. Не жалете, туку заедно со мене радувајте се, зашто јас сега се радувам. А што значи името – Иларион. Радосен“

Наскоро е востановен и во иеромонашки и архимандритски чин. Во бескрајно тешките времиња на I-та светска војна и октомвриската револуција архимандритот Иларион е најизразит поборник за свикување на Црковен Собор во Руската Црква, на кој ќе се превозгласи патријарх, првпат после укинувањето на патријаршиското достоинство во Русија под власта на Петар Велики. Тој Собор е одржан во 1917 година, на кого е востоличен најсветиот патријарх – исповедник Тихон, комушто о. Иларион му станува верен помошник и соработник. Во 1920 година тој е издигнат во епископски чин. Веднаш се пројавува како борец против безбожието на болшевичката власт и нејзиното отворено, но и подмолно, насилство против Црквата. Имено, советскиот режим во тоа време како орудие против Православната Црква ја образува расколничката групировка „жива црква“ (познати и како „обновеници“), на којашто ѝ ги предаваат сите храмови во Русија, додека православните бидуваат протерани. Богословот Иларион е најбескомпромисниот разобличител и осудител на расколот. Поради таа своја дејност во повеќе наврати е затворан и прогонуван, а конечното свое заточеништво го снајдува есента 1924 година, кога е испратен во озлогласениот конц-логор Соловки. Неколку дена пред тоа епископот Иларион учествувал на една трибина во Москва, каде што на искушувачкото прашање на „народниот комесар за просвета“ Луначарски: „како е можно вие, служителите на култот, толку да сте попаднале во противречности. Од една страна Светото Писмо за вас е нешто неоспорно, а од друга, таму повеќепати се вели дека нема власт, а да не е од Бога. А советската власт вие не ја сакате. А советската власт ја кудите, незадоволни сте од неа. Како вие, граѓанине Троицки ќе одговорите на ова?“ – светителот одговорил: „Па зарем ние велиме дека советската власт не е од Бога. Да, секако дека е од Бога! Како казна за нашите гревови…“

Следуваат тешки години на робија. Но логорско-маченичкиот живот само уште повеќе го приближил кон Бога. После заточувањето во Соловки, свештеномаченикот Иларион осуден е на прогонство во Казахстан, но при патувањето дотаму 1929 година се разболува од тифус во транзитниот затвор на Санкт Петербург. Се упокојува во Господа на 28 Декември.
Од Црквата бидува прославен како новомаченик Христов, а моштите му почиваат денес во Москва.

„За да бидат едно, како што сме и Ние“ (Јован. 17, 11). Така, пред спасителните страданија, се моли Господ Иисус Христос на Својот Отец Небесен во последниот ден од својот земен живот. Христос ја основал Црквата, новото општество, во кое луѓето се должни да се обединат меѓу себе со посебно внатрешно и духовно единение. Царството Христово не е исто што и земните царства, каде луѓето се обединети со вештачки правни норми, тие во Царството Христово можат истовремено, со сето свое битие и со сета своја нaравствена природа, да бидат и сосема разделени еден од друг. Самиот Христос единството од верници го споредуваше со органското единство на гранките на едно дрво. (Јован. 15, 1-7). Во своето последно торжествено молитвено обраќање кон Отецот, Христос го покажува идеалот на црковното единство на човештвото спасено од Него. Како таков идеал во Христовите зборови се јавува токму тоа единство во кое трите Божествени Лица се соединуваат во Едно Триипостасно Божество. Божество - Троица во Единица. Спасено човештво, т.е. Црквата е должна да биде единство во множеството.

Великите отци на Црквата не малку љубомудрувале над сличноста на црковното човештво со единството на Лицата на Пресвета Троица, и богословските созерцанија на нивните богопросветени умови можат многу да ни помогнат во разбирањето на вистината на троичноста на Божеството и, единството на човештвото во Црквата. Во овој текст, придружувајќи ги со потребните дообјаснувања, ќе ги претставиме најглавните светоотечки созерцанија.

Мислата за единството на човештвото во Црквата по образот на Божественото триединство ја среќаваме уште кај најраните црковни писатели, почнувајќи од средината на III век. Првиот светоотечки труд, специјално посветен на прашањето за Црквата, е трактатот на св. Кипријан, епископ Картагински, „За Eдинството на Соборната Црква“. Целата своја литературна дејност св. Кипријан ја посветил, пред сè, на откривањето на поимите за Црквата, а сета своја црковна дејателност, запечатена со блажено маченичко скончание - на заштитата на единството на Црквата од рацете на „зломислечките еретици и расколници“. Целата вселенска Црква за св. Кипријан е едно посебно единство. „Бог заповеда во неговиот дом да не живеат само мирните, согласните и еднодушните. Тој сака, препородените да си останат такви какви што Тој ги створил при нивното второ раѓање, за тие, станувајќи синови Божји, да пребиваат во мирот Божји, - та во нас, во кого е еден Дух, срцето и чувстото да бидат едни. За Бога голема жртва е - нашиот мир и братското согласие; народот, соединет во единството на Отецот и Синот и Светиот Дух“.

Деловите на телото се соединуваат во единството на вселенската Црква и се поврзуваат со уздите на христијанската љубов. Црквата е еднодушен и согласен Народ Божји. „На Синовите Божји им доликува да бидат миротворци, кротки по срце, прости по слово, согласни во взаемната расположеност, верно поврзани еден со друг во сојуз на еднодушие. Такво еднодушие постоеше кај апостолите: така новиот народ верници, следејќи ги зборовите на Господа, се држеа во взаемна љубов. Тоа го потврдува Светото Писмо, кое зборува: А народот што поверува, имаше едно срце и една душа (Дела 4, 32)“ „Еве што значи да се биде вистински чеда Божји по духовно раѓање! еве што значи да се подражава, по небесниот закон, вистината на Бога Оца.“ А така и вистината на единството на цело човештво во Црквата се поставува во непосредна врска со вистината на Божественото Триединство. „Христос се молеше на Отецот за сите, велејќи: Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно (Јован 17, 20, 21). Огромна е благоста и љубовта на Господа во устројството на нашето спасение! Не се исцрпува со тоа што нè искупи нас со Својата крв, Он сакаше: и ние да пребиваме во самото тоа единство (in ipsa unitate), во кое Отецот и Синот се едно“. „Господ вели: Јас и Отецот едно сме (Јован 10, 30). И повторно за Отецот, Синот и Светиот Дух е напишано: и Троица се едно (1 Јов. 5, 7)! Зарем би помислил некој дека таквото единство, кое се основа врз небесните таинства, може да биде нарушено во Црквата и раздробено со разногласието на противните желанија? Не, оној што не го чува таквото единство нема да го сочува ниту законот Божји, не ја чува верата во Отецот и Синот, не се држи до животот и спасението“. „Господ кој нè учи дека единството на Црквата происходи од Божествената власт, потврдува и вели: Јас и Отецот едно сме (Јован. 10,30) и, насочувајќи ја Својата Црква кон таквото единство, додава: и ќе биде едно стадо и еден пастир (Јован. 10, 16)“. На тој начин, за св. Кипријан, единството на Лицата на Пресвета Троица е основа на црковното единство. Божјата волја е таква, во Црквата луѓето да пребиваат во самото тоа единство, во какво што пребиваат од вечноста трите Лица на Божествената Троица; токму и кон тоа единство ја управуваше Господ Иисус Христос Својата Црква. Својот нов народ, возродениот од Него со пришествието на земјата. Св. Кипријан изразот на црковното единство го гледа во молитвата, во благотворителноста, во единството на верата и во единството на епископството. Сите добродетели кај св.Кипријан се поставени во врска со догматското учење за единството на Црквата, во основата на тоа учење лежи вистината на Божественото триединство. Следствено, целиот христијански етос во делата на св. Кипријан е нaравственото следење на догмата за Божественото триединство, следењето, изведено со посредство на учењето на Црквата. Вистината на Црквата како да стои помеѓу догматот за Пресвета Троица и христијанското нaравоучение.

Од третиот век, Анастасиј Синаит ни сочувал еден извадок од делата на св Методиј Патарски. „Три се прародителските глави на целото човештво, тие единосуштни лица биле прообразователно подобие на светата и единосуштна Троица, имено, не имајќи (земен) виновник на своето битие и неродениот Адам претставуваше образ и подобие на безначалниот Виновник за сè, Седржителот Бог и Отец, родениот син негов - претставуваше образ на родениот Син и Словото Божјо, а произлезената (од него) Ева го означува исходното лице на Светиот Дух“. Овде, како што забележуваме, се утврдува единството на прародителските глави на целото човештво, тие дури и се наречени единосуштни лица, и тоа единство на родоначалниците на човештвото се гледа како подобие на Единосуштната Троица.

Меѓутоа, особено често и намерно во IV век се правела и паралела помеѓу единството на човештвото и единосуштноста на Лицата на Пресвета Троица, време на догматските спорови околу догматот за Троица, кога за тој догмат се зборува насекаде, дури и по плоштадите и пазарите. Целата Црква е потресена од еретичкото учење на Ариј. На денешниот интелектуалец, кој е рамнодушен кон своето спасение, тотално неразбирајќи ја дури ни азбуката на богословието и црковниот живот, догматичките движења од IV век не ретко му се чинат непотребна игра на празната хиерархија која прекумерно се занесува со дијалектичката уметност. Но Црквата знаеше дека е таква Ариевата ерес и знаеше каква закана претставува таа за религиозниот живот на луѓето. При општата напрегнатост на црковниот живот, сите прекрасно разбирале дека со искривоколчувањето на вистината за Троица, неодминливо ќе биде погубен етичкиот живот на човекот, зашто човекот не може да се направи бесмртен и нетленен без воплотувањето на Бесмртниот и Нетленниот, Единородниот Син Божји, Единосуштниот на Бога Оца.

Великите отци на Црквата стојат во центарот на догматичките движења од IV век. Во блескавото соѕвездие на отците од IV век најсилна е ѕвездата на св. Василиј Велики. Св. Григориј Богослов и св. Григориј Ниски самите себеси се сметаат за ученици на св. Василиј. Токму кај св. Василиј ние ја среќаваме мислата за единосуштноста на човештвото, што е подобно на единосуштноста на Лицата на Св. Троица, и тоа во неговите писма до братот Григориј, не долго по неговото ракополагање за епископ Ниски, „За различноста на суштината и ипостаста“. Овде св. Василиј пишува: „Самите именувања што се употребуваат за многу предмети кои се и сосема различни, имаат едно општо значење; какво што е на пример името - човек. Зашто, оној што го изговара тој збор, притоа означувајќи една општа природа, не определува со тоа некој определен човек, кој е означен со тоа именување; зашто Петар повеќе не е човек, како што и Андреј, и Јаков… Другите именувања имаат лично значење, под кое не се подразбира општоста на природата во означеното, туку оцртувањето на некој предмет според некое негово својство… Таквиот збор ниту малку не се однесува кон општата природа, но со имињата изобразува поим за неколку определени предмети одделувајќи ги истите од множественото значење“. Бездруго, истото, по мислите на свети Василиј, може да се рече и за Пресвета Троица. „Каков поим си нашол за различноста на суштината и ипостаста во нас, пренеси го во божествените догмати, - и нема да погрешиш“. Единството на Лицата на Света Троица се состои во тоа што „помеѓу нив има некакво неизречиво и непоимливо, како спојување, така и разделување; ни различноста на ипостасите ја раскинува непреливноста на природата, ниту општоста на суштината не ги слива одликувачките признаци. Последните зборови го карактеризираат односот помеѓу Лицата на Св. Троица. Истото следува да се каже и за црковната заедница, но благовремената реалност на св. Василиј не му дозволувала да го направи тоа. Догматските спорови ја разделуваат црковната заедница на делови несогласни еден со друг, и конечно, тешко е дури и да се замисли аналогијата помеѓу взаемните односи на Лицата на Св. Троица, од една страна, и членовите на Црквата, од друга. Свети Василиј за Црквата на своето време како идеал го поставува идеалот на телото. Црквата треба да биде едно тело. Но од каде доаѓа несоодветството помеѓу взаемните односи на Лицата на Триединото Божество и взаемните односи помеѓу членовите на едната Црква? Од таму, одговара св. Василиј, што едната човечка природа од гревот е расечена на мноштво непријателски делови. Воплотувањето на земјата на Единиот Син Божји ја открива можноста за востановување на единството на човечкото естество. Ако луѓето го следат Христа, тие ја достигаат таа состојба, кога нивното мноштво не ја разединува едната природа, и човештвото, се разбира, колку што е во можноста за тоа ограниченото суштество, се уподобува на Триединото Божество. Осуштествувањето на тој црковен идеал, или барем доближувањето до него, св. Василиј го гледа во монашките заедници, каде луѓето слободно се обединуваат, од што јасно е воочлива нивната единствена природа, која не ја разрушува и на која ниту малку не ѝ противречи постоењето на одделни личности. „Со што може да се спореди тој живот? Што е поблажено од тоа? Што е посовршено на таа блискост и на таквото единство? Што е попријатно од тоа сливање на нaравите и душите? Луѓето, излезени од разни племиња и разни земји, се приведуваат себеси во таква совршена сличност, што во многу тела се гледа една душа, и многуте тела се покажуваат како орудија на една волја. Тие во иста мера се и слуги, и господари еден на друг, и со непобедлива слобода еден пред друг взаемно покажуваат совршено служење, - не такво какво што насилно се воведува по неопходноста на настаните, онакво какво што пораѓа големо униние кај пленетите во тоа ропство, туку такво какво што со радост се произведува од слободата на произволението, како што љубовта ги потчинува слободните еден на друг и ја чува слободата со самопроизволот. На Бога Му е угодно ние да сме такви, и во почетокот; за таа цел Он и не сотворил. И тие, увидувајќи го во себе гревот на праотецот Адам, ја возобновуваат првобитната добрина, зашто кај луѓето не би постоеле никакви разделувања, ниту раздори, ниту војни, ако гревот не го имаше расечено естеството. Тие се точните подражатели на Спасителот и Неговото житие во плот. Зашто, како што Спасителот, составувајќи го ликот на учениците, дури и Самиот стана општ за апостолите: така и тие, повинувајќи се на својот Вожд, прекрасно запазувајќи го правилото на животот, до најмала точност ги подражуваат житијата на Апостолите и на Господа. Тие соревнуваат со животите на Ангелите, подобно на нив, во сета таа строгост ја зачувуваат општителноста… Тие, во доброволниот свој живот и општење, претставувајќи го точното подражение на тамошното жителство и состојба, се предвосхитуваат на благата на ветеното царство. Тие јасно го покажуваат човековиот живот, Колку ли само блага ни принесе Спасителовото вочеловечување, затоа што растргнатото и на стотици делови расечено човечко естество, по мерата и сетилата свои, одново се приведува во единство, како со самите себе, така и со Бога. Зашто тоа е главното во домостројот на Спасителот во плот - да ја приведе природата на луѓето во единство со самите себеси и со Спасителот, и, истребувајќи го лукавото сечење, да го востанови првобитното единство; слично на тоа, како што најдобриот доктор со исцелителни лекарства одново го поврзува телото расечено на многу делови“. На таков начин, по мислите на св. Василиј Велики, човечката природа до гревопадот е токму одраз на Божествената триедина Сушност. Во тоа и се состои целта на Црквата, да се востанови повредената од грев единствена човекова природа. „Љубовта ги поврзува горните; љубовта нив и ги приведе во согласие“. Во Црквата има многу лица, но нивната природа е единствена, и самата Црква е единство во множество, каде одделните личности се само носители на единствената природа без какви и да било раздори помеѓу себе.

Не ретко, науката на св. Василиј Велики и на другите кападокиски отци ја обвинуваат за трибожие. Тоа обвинување еретиците го придаваат уште во IV век. Евномиј се потсмева на расудувањето на св. Василиј за суштината и ипостасите на Петар и Павле и го обвинува за признавање на три богови. Но мислата на св. Василиј во целост е усвоена и пред сè од страна на неговиот брат св. Григориј Ниски. Св. Григориј има посебен повод подробно да расудува за аналогијата што ја приведува св. Василиј помеѓу единството на Божеската и човечката природа. Аријанците, користејќи се со аналогијата на св. Василиј, нападнале еден од неговите почитувачи и ученици, по име Авлавиј, докажувајќи му дека неговиот учител е трибожник. Авлавиј се обратил за разјаснување кон св. Григориј, кој, пак, му напишува подробен одговор, каде докажува дека аријанците во заклучокот дека постојат три богови прават голема грешка. Своето недоразбирање, Авлавиј го изразува така: Петар, Јаков, Јован, припаѓаат на едно човештво, но се нарекуваат тројца луѓе, и нема ништо лошо во соединувањето по естество, ако, пак, се многумина, по именување на тоа естество се опишуваат во множина. Според тоа, ако тој обичај ни дозволува, тогаш никој не ни забранува двајцата да ги нарекуваме двајца, тројцата тројца; зошто, тогаш, во таинствените догмати, исповедајќи три Ипостаси, и не ни забележувајќи во нив никаква разноликост по природа, на некој начин му противречиме на исповедањето, утврдувајќи дека Божеството на Отецот и Синот и Светиот Дух се едно, забранувајќи да се нарекуваат тројца Богови? Одговарајќи му на Авлавиј, Св. Григориј подробно зборува за единството на човековата природа. Тој решително утврдува дека изразот: многу луѓе - е потполно погрешен. „Постои некакво неправилно употребување на зборовите при обичајот неразделните по природа да се нарекуваат во множина на едното и тоа естество, зборувајќи: многумина луѓе, што е исто и на тоа да се рече: многу природи човечки“. „Така се изразуваме при неточно употребување на зборовите, а не по некоја навика, како што можеби мислиме“. Естеството е едно, сама со себе соединета и во точност неделива единица, неувеличива со приложеното, несмалива со очајанието; но, како што е една, така се јавува и во множество, сушта неразделна, нераздробива, всецела, неодделива од нејзините причасници секој со својот посебен дел. Името на естетвото по обичај погрешно се употебува при означувањето некакво множество, затоа што, во него, при реферирањето на мнозина не се случува ниту смалување, ниту некаков прираст. За златото, нека тоа е раздробено и на многу различни делови, ние велиме дека тоа е едно, и се употребува во еднина; монетите и статирите се употребуваат во множина, во множеството на статирите не се забележува никакво преумножение на природата на златото; зашто, кога го гледаме во изобилство или во садови, за златото се зборува дека го има многу, или кога е во монети, но не зборуваме по множеството на природите во него, туку за тоа дека има многу златни предмети… Златни статири има многу, но златото е едно, така и во човековото естество, кога се по еден - се гледаат многумина, на пример, Петар, Јаков, Јован, но човекот во нив е еден. „Петар, Павел, Варнава по име: човек - суштината е еден човек, и токму според тоа, по име: човекот, - не може да бидат многумина, се нарекуваат многумина луѓе при неправилна употреба на зборот, а не во вистинска смисла. Но она што се зборува во неточна смисла, кај здравомислечките луѓе не се претставува како вистинска смисла. Уште при самото создавање на човекот „целото е именувано од еден човек… Сето естество кое се простира од првите луѓе до последните, го има едниот единствен образ на Суштиот“. Забелешката на аријанците на Светото Писмо, каде името човек се употребува и во множина (Бит. 18, 2. Псал. 35, 8. Евр. 6, 16), Св. Григориј го отфрла, велејќи дека Писанието, водејќи се од обичајот на владеачките наречја, и зборовите ги ползува согласно со тој обичај. Научна збороупотреба во Светото Писмо не е дадена; таа треба да биде потврдена независно од него. Не се разделува Павел од Петар, на кого му се придава името: човек; тие се разликуваат по ипостаста на лицето… Името: човек означува нешто општо, а не некое посебно лице, да ги земеме, на пример, Павел и Варнава. Затоа, името човек, според научни правила, во ниеден случај не се проследени со зборот: таков. Но ако општата употеба има таква потреба, и именувањето на суштината неправилно се употербува за означување на лица, тогаш тоа се случува по правило на логичност. „Треба да се вели: не таков и таков Бог, или таков и таков човек, туку таква ипостас Божја, и таква ипостас човечка. Зашто справедливо утврдуваме дека во еден човек има многу ипостаси, и во едниот Бог има три ипостаси“.

И така, човечкото естество е едно. Многу се само одделни личности. Во сите свои дела, св. Григориј Ниски постојано зборува за тоа единствено естество, но и тој прави разлика помеѓу расипаното и востановеното, спасеното естество на човекот. Самиот св. Григориј вели дека „христијанството е подражавање на божеското естество“, „возведување на човекот во древната благосостојба“. Падот во грев произведува разделување во естеството на човекот. „Естеството наше преку гревот е расечено, така како што во смртта душата е одделена од телото. Во Христа, човековото естество се обновува. „Словото, сушто во началото, и во Бога, и Словото Само сушто е Бог, Кој во последните дни со посредство на приопштувањето кон униженоста на нашето естество, по човекољубие стана плот, и, соединувајќи се преку тоа со човекот, во Себе го прими сето наше естество, за, преку растворување со Божеското (естество) да се обожи човечкото, и заедно со тоа се освети целиот состав на нашето естество. Нашето естество повторно се враќа во претходната состојба, бидејќи разривот настанат во нас, низ воскресението на човекот во Христа сосема се раскина“. „Како што Он, разрушувајќи ја преградата што стоеше помеѓу нив… за да создаде во Себеси од двата народа еден нов човек, правејќи мир (Ефес. 2, 14, 15), така и ние треба да ги примириме (со себеси), не само нашите надворешни врагови, туку и тие, кои враждуваат во нас самите, така што плотта веќе да не жеднее по противното на духот, духот - е спротивно од плотта, туку, потчинувајќи го плотскиот образ со мислата на божествениот закон да имаме мир самите со себе, преобразувајќи се во еден мирен и нов човек, и за двајцата да станеме единствени. Зашто мирот може да се определи како согласност помеѓу оние кои врагуваат. Така, кога ќе се уништи меѓусебната пречка во нашето естество, тогаш ние ќе станеме со мир и ќе покажеме дека навистина и ваистина на себе го носиме името Христово“.

Овде ги приведовме само највпечатливите места што го карактеризираат погледот на св. Григориј Ниски за Христовото спасение на родот човеков. Тоа дело на спасението, меѓу другото, кај светиот отец се смета и како востановување на првобитното естество, во кое со гревот е внесено разделување, востановување токму на тоа естество. Важно е што погледите за единството на човековото естество, кои ги има св. Василиј Велики, св. Григориј свесно ги усвојува и решително ги заштитува пред еретиците. Навистина, зборувајќи за човековото единосуштие, светиот отец не ја спомнува Црквата, но јасно е дека токму со делото на Црквата тој го почитува „возведението на човекот во древната благосостојба“ и „подражанието на божеското естество“. Изображението кое св. Григориј Ниски го прави на таа блажена состојба, „кога ќе се уништи меѓусебната препрека во нашето естество“, кога ќе се воцари мир и посреде луѓето и внатре во секој човек посебно, тоа изображение ни припомнува на образот на монашкото општежитие, предаден од св. Василиј Велики, каде што се пројавува токму единствениот и неразделен живот на единственото човеково естество. Гледаме дека заедно со обичната претстава за Црквата, како за едно тело, се искажува мислата за Црквата, како за возродување на човековото естество во кое одделни човекови личности стануваат како единосуштни по некое подобие на едносуштието на Лицата на Света Троица. „Едно тело“ и „едно естество“, се разбира, ако се однесуваат на Црквата, изразуваат едно те исто: и тоа и другото ни зборуваат за полното соединување на човештвото кое се достигнува со уништување на гревот, како почеток на разделувањето и индивидуализирањето. Зборувајќи за „едното естество“, двајцата велики браќа кападокијци, догматот за Црквата го поставуваат во врска со основниот христијански догмат за Света Троица.

Речиси сосема исти се и погледите по ова прашање кај св. Кирил Александриски и тие мисли неопходно треба да се забележат, особено заради тоа што кај тој свет отец станува збор токму за Црквата. Единството на човештвото св. Кирил го гледа единствено во Црквата.
Св. Кирил Александриски во своите дела зборува дека: „Бог Отецот благоволил да се возобнови сè во Христа, и за да се возсоздаде сотвореното во првобитната состојба, ни го пратил од небесата Единородниот“.

Единородниот Син Божји се унижи себеси за да ја преобрази човековата природа во Себе Самиот, и низ Себе одново да ја пренесе во таа прапочетна убавина. Оние што поверуваа на себе примија духовно детство во Христа и возродување во Бога. Новороденото чедо во Христа, т.е новиот народ на обрезување преку верата, ја отфрла смртта од себе. Преградата која стои посреде е разрушена и, ние, од древност со гревот разделени и одделени, во Христа заедно влегуваме низ Него и во Него кон Бога и Отецот. Изделувајќи го местото од Првосвештенската молитва на Иисуса Христа, каде Он се моли за единството на оние кои веруваат во Него (Јован, 17, 20-21), Св. Кирил пишува: „Какво всушност е тоа простување и во што се состои? За, да бидеме едно, вели тој, како што си Ти, Оче, во Мене и Јас во Тебе, та и тие во Нас да бидат едно. И така, се измолува сојузот на љубовта, едномислието и мирот, - сојузот што ги приведе оние кои веруваат, кон духовно единство, така што тие стануваат согласни во се и неразделното еднодушно единство ги одразува цртите на природното и вистинското единство, остварливо во Отецот и Синот. Впрочем, тој сојуз на љубов помеѓу нас и силата на едномислието, никако, се разбира, не доведува до таква неразделност, каква што постои во Отецот и Синот. Овде се мисли на природното и вистинско единство и созерцувачко во самото постоење, - а таму - надворешниот изглед и подражавањето на вистинското единство“. Св. Кирил на таков начин ја гледа разликата помеѓу единството на Лицата на Света Троица и единството на следбениците Христови, зашто помеѓу Божеството и човештвото постои безгранично растојание, и недостатоците на нашата природа не треба да Му ги придаваме и на Бога. Но едносуштието на Лицата на Света Троица по своето наравствено следствие треба да има еднодушност и единство кај верниците. „За пример и образ на неразделната љубов, согласие и единство, кое постои во еднодушието, Христос, земајќи го постоечкото единство, какво што Отецот Го има со Синот, а Он од своја страна со Отецот, - сака и нас некако да нè обедини еден со друг, очигледно, како Светата и Едносуштна Троица, така што едно да мисли целото тело на Црквата кое восходи во Христа преку слевање и соединение на два народи во составот на еден нов и совршен… Тоа всушност и значи она, оние кои поверувале во Христа да имаат еднодушност помеѓу себе и да усвојат едно срце преку сецело сходство со религијата, послушание во верата и доброљубив ум… Образот на божественото единство и вистинската истост со Света Троица, како и најсовршеното взаемопроникнување, треба да наоѓаат одраз во единството на едномислието и еднодушноста на верниците“. Меѓутоа, св. Кирил не зборува само за едномислието, тој зборува и за природното единство на спасеното човештво - Црквата. „Да се потрудиме да покажеме и природно единство, со кое ние еден со друг и сите со Бога се поврзуваме, можеби не без телесно единство помеѓу себе, дури и да се одделуваме со телата, така секој од нас се заклучува во својата граница и ипостас. Така, на пример, Петар не може да биде и да се нарекува Павел, а Павел, пак, не може да се нарекува Петар, макар тие и во единството во Христа да се нарекуваат едно“. Св. Кирил ги наоѓа и ги покажува основите на телесното и духовното единство на луѓето. „Еднородниот определил еден, потребен, подобен на Неговата премудрост и совет на Отецот, начин, на кој ние треба самите да се соединуваме и смешуваме во единство со Бога и еден со друг, по цена и да се одделуваме еден од друг по душа и тело во посебна личност, - токму (таков начин): во едно тело, очигледно, во Своето сопствено, благословувајќи ги верниците во Него со посредство на таинствено причестување (евхаристија) - ги прави сотелесни, како со Него, така и еден со друг. Кој навистина би можел да ги раздели, и од природното единство да ги извади, тие кои со посредство на едното свето тело се поврзани во единство со Христа? Затоа и Црквата се нарекува Тело Христово, а ние - поодделни членови, според Павел“… „Што се однесува до единството во Духот, повторно ќе речеме дека сите кои го имаат примено едниот Дух, се разбира - Светиот, се соединуваме и еден со друг и со Бога… Како што силата на светото Тело ги прави сотелесни оние во кои се наоѓа, така, мислам, и дека единствениот Дух Божји, кој неразделно живее во сите, ги приведува кон духовно единство… И така, сите ние сме едно во Отецот и Синот и Светиот Дух, едно - мислам по сличноста на својствата и по еднообразноста во религијата и општењето со Светото Тело Христово, како и по општењето со едниот и Свет Дух“. Ние во Христа стануваме сотелесни, приопштувајќи се кон едното Тело и сме помазани во единство со едниот Свет Дух, и бидејќи Христос никогаш не разделува, ние сите во Него сме едно. Затоа тој и му зборува на небесниот Отец: да бидат едно, како што сме и Ние едно. Гледаш ли како во Христа и Духот Свет сите ние сме едно, како по тело, така и по дух. Како ние, така и Синот е еден со Оца“.

На таков начин Св. Кирил Александриски пред сè говори за единомислието на верниците по образот на единосуштните Лица на Св. Троица, но во Црквата тој исто така гледа една телесна и духовна природа, така што членовите на Црквата помеѓу себе имаат и природно единство. Во зборовите на Св. Кирил, исто така значајно е и тоа што тој ја обединува претставата за Црквата како за тело, со учењето за природното единство на одделните луѓе во неа: за него и двете работи се само различни форми на едно исто. Христос се молеше за тоа, сите оние кои веруваат да се обединат по некое подобие со едносуштноста на Лицата на Св. Троица; апостол Павел тоа единство го претставува како едно тело на Црквата, чија глава е Христос.

На крај следува да кажеме дека, мислите одбележани овде на великите претставници на источното богословие, не им се туѓи и на западните писатели, особено на оние кои, како и источните, своето внимание го сосредоточуваат пред сè на отвореноста во борбата со аријанството околу догматот за Св. Троица. Овде главно мислиме на „западниот Атанасиј“ - Илариј Пиктавијски, кој бил во блиски односи со источните богослови, конкретно со св. Василиј Велики.

Во полемиката со аријанците, православните богослови често упатуваа на зборовите, коишто ние овде ги приведовме од првосвештеничката молитва на Господ Иисус Христос, а исто и на другите Негови зборови: Јас и Отецот сме едно (Јован. 10, 30). Аријанците, наспроти сè, тие зборови ги толкуваат така што во нив не се гледа мислата за единосуштноста на Лицата на Синот и Отецот. Паралелно на тие зборови, тие ги поставуваат вака (Дела. 4, 32): во мноштвото верници душата е една и срцето е едно, исто и (1 Кор. 3, 8): оној што сади и оној што полева се едно. Во последниве, како што зборувале аријанците, станува збор единствено за единодушност, за обична морална согласност помеѓу луѓето. Тие односи следува да бидат пренесени и на Лицата на Св. Троица: Лицата на Св. Троица се едно не по единството на суштината, природата, туку по согласноста на волјата. Кај аријанците, според тоа, постои обратен ред на нештата. Православните од единосуштноста на Лицата на Св. Троица ја огледуваат единосуштноста на човештвото; аријанците, пак, во моралното единство или едномислието на луѓето го огледуваат единството и Лицата на Св. Троица. Илариј ги осудува таквите паралели со тие места во Светото Писмо, но од нив прави извод сосема спротивставен на аријанскиот. „Оние, кај кои душата е една, и срцето е едно, биле ли едно преку верата Божја? Се разбира, преку верата; зашто преку неа срцето е едно и душата една кај сите. И ве прашувам: верата каква е, една или различна? Очигледно дека е една, како што и самиот Апостол проповеда дека верата е една како што е еден Господ и едно е крштението, и како што е една надежта и еден е Бог. И така, ако сите тие се едно преку верата, како тогаш мислиш дека единството не е природно (non naturalem in his intelligis unitatem) кај оние кои се едно по природата на едната вера? Сите тие се возродени за невиност, бесмртност, познавање на Бога, за вера на надежта. И ако они не можат да бидат различни помеѓу себе, зашто и надежта е една, и Бог е еден, онака како што и Господ е еден и крштението на возродувањето е едно, (тогаш и тие не можат да бидат различни); ако, пак, тие се едно повеќе по согласност, а не по природа, тогаш и на оние кои се возродени во нив припишувај им го единството на волјата. Ако они се родени во природата на едниот живот и вечност, благодарејќи на што нивните душа и срце се едно, тогаш нема место за единството по согласност во тие кои се едно во раѓањето на едната иста природа (qui unum sunt in eiusdem regeneratione naturae).

По учењето на Божјото слово, единството на човештвото треба да се смета токму за единство на природата, а не само за единство на едномислието. И самиот Апостол Павел зборува дека единството на верниците е основано врз природата на таинствата. Оние што веруваат во Христос се едно, без разлика на кој род припаѓаат, на кој пол, на која средина (Гал. 3,27-28). Јасно е дека такво единство не може да се постигне само врз основа на согласност на волјата. Кажаново важи и за единството на оној којшто засадува и оној којшто полева. Тие се возродени во едно крштение, затоа и составуваат едно по природа, а не само по волја.

Во зборовите на Првосвештеничката молитва на Господ Иисус Христос, Илариј гледа измолување токму на природно единство на човештвото, не само на морално едномислие. „Господ се моли на Оца за оние кои ќе поверуваат во Него сите да бидат едно, како што е Он во Отецот и Отецот во Него, измолување за сите да бидат едно во нив. Зошто под ова подразбираш едномислие, единение на душата и телото во согласност на волјата? Ако волјата е способна да ги направи едно, тогаш Господ би се молел така: Оче, како што Ние сакаме едно, така и тие нека сакаат едно, за сите ние да бидеме едно по едномислието. Или, можеби, Оној Кој и Сам е Слово не го знае значењето на словата, и Сам е Вистина, не знае да зборува, и, бидувајќи Мудрост, направил грешка, и, бидувајќи Сила е во таква слабост што не може да го искаже она што сака да го појасни? Он јасно ги кажува вистинските и непреложни тајни на евангелската вера… Во зборовите на Христа, прво, се наоѓа молитва за оние за кои се зборува: да бидат сите едно, - потоа се покажува границата на единството со примерот на единството кога се вели: како што Ти, Оче си во Мене, и Јас во Тебе, и тие во Нас да бидат едно, - за како што Отецот во Синот, и Синот во Отецот, така по образот на тоа единство (per huius unitatis formam) сите да бидеме едно во Отецот и Синот“.

Преку тоа светот поверува во Очевото послание на Синот, за сите кои ќе поверуваат во Него да бидат едно во Отецот и Синот. А на каков начин ќе биде јасно од следните зборови: Аз славу, юже дал еси Мне, дах им. И сега, јас ве прашувам, зар славата е исто што и волјата, тогаш волјата е движение на душата, а славата е или образ, или достоинство на природата. И така, Синот, на сите кои поверуваа во него, им дава од Отецот добиена слава, не волја, зашто ако беше дадена волја, тогаш верата не би имала никаква награда, зашто во тој случај неопходноста на дадената волја би ја соопштувала верата. Што произведува дарот на примената слава кажува словото: да бидат едно, како што сме и Ние едно. И така, примената слава е дадена за сите да бидеме едно, и следствено, сите едно во славата, зашто славата што е дадена не е поинаква од онаа што е добиена, и не е дадена заради нешто друго, таа е дадена за сите да бидеме едно.

„Господ, ништо не оставајќи нејасно за оние кои веруваат, ги поучува и на самиот лик на природното дејство, велејќи: да бидат едно, како што сме и Ние едно. Јас во нив и Ти во Мене: да бидат совршени во едно. Тие кои единството помеѓу Отецот и Синот го сметаат за волја ги прашувам, во силата на автентичноста на природата сега Христос пребива во нас, или по согласноста на волјата? Ако Словото навистина стана плот и ние навистина на Господовата трпеза вкусуваме од воплотувањето на Словото, како тогаш може да помислите дека не по природа во нас пребива Он, Кој, раѓајќи се човек, ја прими нашата природа и плот до неразделивост, и со плотта Своја природата ја примеша кон природата на вечноста (т.е. Божеството Свое) во таинството на плотта, кон што ние сме должни да се приопштуваме? И така, Ние сите сме едно, како што и во Христа е Отецот и Христос во нас. Следствено, кој ќе го одрече тоа дека Отецот по природа е во Синот, тој нека најпрвин го отфрли своето пребивање во Христа, и Христос во него“.

За Илариј вистинското воплотување на Божјиот Син и реалното пребивање на Христа во Тајната Евхаристија - сето тоа се докази за реалното единство на сите членови на Црквата Христова. Таква претстава за реалното единство, по сознанието на Илариј, би била безумна и дрска ако за самата неа не учеше Самиот Христос, но Он учеше на тоа и ние треба да веруваме. Илариј самиот своите расудувања ги обопштува вака: „таинството на вистинското и природно единство се докажува со славата на Синот, која ни е дадена нам, и со тоа што Синот телесно пребива во нас, а исто така и со тоа што ние сме соединети телесно и неразделно.

На таков начин и кај „западниот Атанасиј“ гледаме сосема решително проповедана паралела помеѓу едносуштноста на единството на Лицата на Св. Троица и единството на човечкото естество, обновено од Иисуса Христа и осуштествено во Црквата. Единството на верата и таинствата и расфрлените човечки личности ги собира во единството на природата.

Мислата за човековото единство во православната богословска наука видно наидува на некои различности. Еден пример за едносуштноста на човечките индивидуи, приведен од Св. Василиј Велики, се смета за „малку груб и неуспешен“. На Св. Григориј Ниски може да му се забележи дека тој ја измислил човечката едносуштност, тоа е непостоечко реално единство. Други, пак, сосема спротивно, мислата за човековото единство ја сметаат за главен догмат во Црквата. Ако се внимава и по достоинство да се оцени тоа, што мислата за човековото единство ја искажуваат и заштитуваат истакнатите велики отци на Црквата, тогаш, не треба православниот богослов да се остави без должното внимание на таа светоотечка мисла при откривањето на догматите за Црквата.

Црквата никогаш на Христос не гледа само како на учител на вистината. Она во Него го гледа воплотениот Син Божји, Кој, воспримајќи го човечкото естество во естество на ипостаста, со тоа го обновува и го пресоздава истото. И, се разбира, во првата добрина не е востановен одделен човек, туку токму човечкото естество. Нашата Црква, и наспроти отклонот во школската богословија, сè до денес пее во своето богослужење за обновувањето на човечкото естество. Востановено е човечкото естество кое беше разрушено од гревот. Во Црквата и се постигнува такво единство за какво мечтаеле луѓето и надвор од Неа, но кое без Црквата не можат да го достигнат, зашто само во Црквата „нисходечката сила на Божествениот Дух ги собрала во едно согласие од древност разделениот јазик на луѓето, кои се согласија на зло, вразумувајќи ги верните со познанието на Троица“, Во овие зборови од канонот на Педесетница е изразена токму таа вистина, дека Црквата е човечкото единство, подобно на Божественото триединство.

преводот од руски јазик на Кирил Мираковски е од изданието:

Священномученик ИЛАРИОН,
Архиепископ Верейский
БЕЗ ЦЕРКВИ НЕТ СПАСЕНИЯ
Сретенский монастырь
издательство „Знамение“
Москва – Санкт-Петербург
2001