Успение

Свети Иринеј Лионски

Epidexis

Успение број 3 · April 2002 · Свети отци · Print

Свети Иринеј еден од великите отци на Црквата се родил во Сми­р­на. Бил ученик на смирненскиот епископ свети Поликарп. Све­ти Иринеј веќе на старост пишува: „јас живо помнам сè што ми раскажуваше Поликарп за своите беседи со Јован Богослов, кој­што говорел за Иисуса Христа, за Неговите чудеса и учење. И, Поликарп верно ни предаваше сè она што беше чул од о­че­ви­де­цот на Словото на животот. Јас, по Божја милост, сето тоа го слу­шав со внимание и го запишав не на хартија, но во срцето си”.

Свети Иринеј бил ракоположен за презвитер од свети По­ли­карп и заедно со Потин проповедал во Галија (денешна Фран­ци­ја). Тие двајца свети мажи ставиле основи на црквите во Лион и Ви­ена. Претрпеле страшни прогонства. Епископот Потин бил зат­во­рен и во затворот се упокоил. Свети Иринеј се спасил од тоа про­гон­ство, и по смртта на Потин, лионските христијани го из­бра­ле за свој епископ.

Свети Иринеј Лионски го дал својот живот за Христа во пос­лед­ните години од вториот век, при царувањето на Септимиј Се­вер (196 - 211). Во време на неговото епископство различни лаж­ни толкувања на Светото Писмо внесувале смут помеѓу верните. Све­ти Иринеј напишал пет книги против ересите. Во нив јасно и крас­но­речиво го изложува христијанското учење и ги побива лаж­ни­те учители.

Излагање на апостолското предание

Воведна поука за взаемната поврзаност на Вистината, Верата и Животот (1 - 3)

1. Мил мој, Марцијан! Затоа што ја знам твојата ревност во под­визувањето во слава на Бога - а само тоа го води човека до веч­ниот живот - ја делам со тебе твојата радост и се молам, со тоа што се држиш цврсто за целината на верата, да му бидеш угоден на Бога, твојот Творец. Барем да можевме постојано да бидеме за­ед­но и меѓусебно да си помагаме, и да си го олесниме о­во­зем­ски­от живот, со тоа што ќе го исполневме со постојан разговор за полезните нешта!

Но, затоа што во сегашново време телесно сме разделени еден од друг, нема да пропуштам, онолку колку што можам, мал­ку да поразговарам со тебе во писмена форма и накусо да ја из­ло­жам проповедта на Вистината, за да ја зацврстам твојата вера. Ова ти го испраќам како значаен ракопис за потсетување, за да мо­жеш, со помош на малку, да постигнеш многу, и низ тоа малку, да ги сознаеш сите делови на телото на Вистината и во куса фор­ма да ги примиш доказите за божествените нешта. Зашто тоа ќе вро­ди со твоето спасение, и сите оние кои верата ја исповедаат пог­решно, ќе ги доведеш до тоа да се засрамат, а на секој што са­ка да сознае, ќе му го пренесеш со сета решителност нашето здра­во и пречисто Слово (Тит. 2.8).

Оти, има само еден пат што е пристапен за сите што гледаат, ос­вет­лен од небеската светлина; но, многубројни, мрачни и спро­тив­ставени се патиштата на оние што не гледаат; а овој пат води во небеското царство, на тој начин што го обединува човека со Бо­га, додека оние другите водат кон смртта, со тоа што ги од­во­ју­ваат луѓето од Бога. Токму затоа за тебе, а и за сите оние што се грижат за сопственото спасение, е нужно непрекинато и цвр­сто и сигурно да го изведувате подвизувањето во верата, за да не дој­де до тоа, станувајќи невнимателни и отпаѓајќи од патот, да се заг­лавите во материјалните страсти или, пак, погрешно водени, да го промашите вистинското.

2. Затоа што човекот е суштество составено од душа и тело, ток­му заради тоа за него е нужно и достојно да постои низ нив; но, бидејќи од обете настануваат погрешни чекори, затоа чис­то­та­та на телото е заштитното лековито средство, со чија помош чо­векот се воздржува од сите штетни нешта и од сите грешни де­ла, а исто и чистотата на душата, за да се сочува полнотата на верата во Бога, без да се додава или одзема нешто од неа. Зашто по­божноста станува темна и тажна под влијание на валкањето и на нечистотијата на телото, но кога во душата ќе се вовлече ла­га­та, таа бива повредена и извалкана и ја губи полнотата; нас­про­ти тоа, кога Вистината во духот и чистотата во телото се пос­то­ја­ни, тогаш таа се одржува во сета убавина и сета нејзина у­ме­ре­ност.

Зашто каква полза од тоа, вистинското да се знае на збор, но да се опоганува телото и да се извршуваат делата на злото? Или, од друга страна, каква полза воопшто може да понуди чистотата на телото, кога во душата нема вистина? Оти, овие обете се ра­ду­ваат една на друга и се обединуваат и се соборци во борбата да го доведат човека пред Бога. Токму затоа Светиот Дух вели низ ус­тата на Давид: „Блажен е човекот што не престојува во со­бра­ни­ето на безбожните“ (Пс. 1. 1) - а тоа е однесувањето на оној сој лу­ѓе, кои не го познаваат Бога. Зашто, овие безбожници се оние кои не го слават Вистински Постоечкиот Бог. И, токму затоа Сло­вото му вели на Мојсеј: „Јас Сум, Оној Којшто Сум“ (Исход 3. 14). Значи оние што не го слават Постоечкиот Бог се без­бож­ни­ците. „Оној што не оди по патот на грешниците“ (Пс. 1.) - а греш­ниците се оние, кои поседуват познание за Бога, но не ја по­чи­ту­ваат Неговата заповед, што значи, тие се оние, кои го од­би­ва­ат и понижуваат Бога. Тој што не седел на столот на злос­тор­ни­ците (Пс.1.) - а злосторници се оние, кои не само себеси, туку и другите ги водат во пропаст со своето погрешно и ис­кри­во­кол­че­но учење, бидејќи столот е символ за училницата, а такви се, и­мено, сите еретици: тие седат на столот на злосторниците и ги во­дат во пропаст оние, кои го примаат отровот на нивното у­че­ње.

3. Токму за да не ни се случи вакво нешто, треба да го со­чу­ва­ме непроменет канонот на верата и да ги исполнуваме за­по­ве­ди­те на Господа, со тоа што веруваме во Бога и му изразуваме стра­во­почит, затоа што Тој е Господарот, и Го љубиме, но и затоа што Тој е Нашиот Отец. Ваквото однесување произлегува од ве­ра­та, зашто „ако не верувате,“ вели Исаиј, „тогаш нема да раз­бе­ре­те“ (Иса. 7. 9); а, верата ја овозможува вистината; оти верата се темели врз нештата кои верно постојат (спореди Евр.11. 1), за да можеме да веруваме во постоечкото (та онта), онакво какво што тоа е; и, со тоа што веруваме во она што е, како што тоа е се­когаш, се држиме цврсто за довербата во Него. Но, бидејќи ве­ра­та е вечниот темел на нашето спасение, затоа е нужно и зна­чај­но, нејзе да и посветиме многу грижа, за да се стекнеме со вис­тин­ско познание на она што е.

Но, токму верата е таа што ја овозможува ваквата грижа, ка­ко што во преданието говореа најстарите, учениците на А­пос­то­ли­те. Таа, пред сè, нè поучува да мислиме на тоа дека крштението го примивме за прошка на гревовите во Името на Бога Отецот и во Името на Иисуса Христа, Воплотениот и Умрениот и Вос­кре­сна­тиот Син Божји, и во Светиот Дух Божји; и, на тоа дека крш­те­нието е печатот на Вечниот Живот и на повторното раѓање во Бо­га, та на таков начин да не бидеме деца на починати луѓе, туку на Вечниот и Непроменлив Бог; Вечното и Непроменливото да би­де Бог и да стои високо над секој еден од создадените, и, Нему да му биде сè потчинето, а оние, Нему потчинетите, сите да ста­нат Негова сопственост, за Господ да не владее со нешто раз­лич­но, и на туѓо да биде Господар, туку на своето, и сè да ни биде Бог и токму затоа Господ да биде Севладетел и сè да биде од Бога.

Средиштето и нормата на христијанската вера: Бог Отец, Син и Дух во Нивната Троична свртеност кон луѓето (4 - 8)

4. Зашто, неопходно е ние создадените да имаме почеток на пос­тоењето во некоја голема причина; а, Бог е почетокот на сè; за­тоа што Тој Самиот не е создаден од нешто друго, но од Него е сè постанато. И, заради тоа е нужно и достојно, најнапред да се ис­поведа дека единиот Бог, Отецот, е Оној, Кој сè создаде и о­фор­ми, и непостоечкото го приведе во постоечко, и Кој сè оп­фа­ќа, додека Самиот е недофатлив. (1.) Меѓу сето тоа, меѓутоа се на­оѓа и овој нам соодветен свет и човекот во светот; тоа значи де­ка и овој свет е створен од Бога.

5. Тоа значи следново: еден Бог, Отец, Несоздаден, Невидлив, Тво­рец на сè, над Кого нема никој друг Бог и по Него нема друг Бог; и, затоа што Бог е разумно (2.) суштество, токму затоа Тој Тво­рението го створи низ Словото; и затоа што Бог е Дух, Тој сè ук­ра­си со помош на Духот (3.). како што вели и Пророкот: „Со Сло­вото на Бога е зацврстено небото, и со Неговиот Дух сета не­го­ва сила“ (Пс. 32. 6). Значи, токму затоа што Словото создава, што значи, твори живот и ја подарува способноста за постоење, до­дека Духот ги заповеда и твори разликите во силите, токму за­тоа основано и со право Словото се именува Син, Духот, меѓутоа, се именува Мудрост Божја. Од истите причини, сосем точно вели и Павел, неговиот Апостол: „Бог Отец, Кој постои над сè и во сè и во нас сите“ (Ефес. 4. 6). Зашто Отецот е над сè, но со сè е Сло­во­то, оти низ Него сè постана од Отецот, во нас сите меѓутоа е Ду­хот Којшто извикува „Ава, Оче“ (Гал. 4. 6), и го вооружува чо­ве­кот да ја постигне сличноста со Бога. Духот, имено, го по­ка­жу­ва Словото и токму затоа Пророците пророкуваа за Синот Бож­ји; но, Словото го обликува Духот, та затоа е Тоа Самото, О­ној што говори низ Пророците и го води човекот до Отецот.

6. А, овој е канонот на нашата вера и темелот на зданието и цвр­стината на подвизувањето: Бог, Отец, Несоздаден, Не­до­фат­лив, Невидлив, Бог, Творец на сè; тоа е најпрвичната точка на на­ша­та вера. Втората точка, меѓутоа, е Словото Божјо, Синот Бож­ји, Иисус Христос, Нашиот Господар, Кој им се јави на Про­ро­ците соодветно на формата на нивното пророштво и со­од­вет­но на значајноста на заповедите на Отецот, преку Кого сè пос­та­на; Кој и на крајот на времињата, за да обедини и да доведе сè до со­вршенство, постана видлив и дофатлив, човек меѓу луѓето, за да ја уништи смртта и да го покаже животот и за да ја оствари за­едницата во обединетоста помеѓу Бога и луѓето. И, третата точ­ка е Светиот Дух, со чија помош Пророрците пророкуваа, а От­ците ги учеа божествените вистини, додека праведните беа во­де­ни на патот на правдата, и Кој на крајот на времињата на еден нов начин се излеа Себеси врз човештвото на целата земја, со тоа што го возобнови човекот за Бога. (4.)

7. И, токму затоа крштението на нашето повторно раѓање се из­вршува низ овие три точки, со тоа што Бог Отецот нè по­ми­лу­ва со повторното раѓање со посредството на Неговиот Син низ Све­тиот Дух. Зашто оние што во себе го носат духот Божји, би­ва­ат водени кон Словото, тоа значи кон Синот; но, Синот ги води кон Отецот, и Отецот им дозволува да ја примат Не­рас­пад­ли­вос­та. Значи, Словото Божјо не може да се види без Духот, а без Си­нот не може да се пристапи во близината на Отецот; оти поз­на­ни­ето на Отецот е Синот, и познанието на Синот Божји е низ Све­тот Дух, но Духот, меѓутоа, го доделува Синот, соодветно на Не­говата служба, според вољата на Отецот, на оние, на коишто Оте­цот сака и како што Отецот сака.

8. Духот, меѓутоа, го нарекува Отецот Севишен и Севладетел и Господар на силите, за да можеме ние да го познаеме Бога, дека Тој самиот е Творецот на небото и на земјата и на целиот свет, и Соз­дател на ангелите и луѓето и Господар на сè, преку Кого сè пос­тана и Кој сето тоа го исхранува; милостив, благодатен и ми­ло­срден, добар, праведен, Бог на сите, како на Евреите така и на нез­набожците, на ист начин и на верните, но на верните како Отец. Зашто на крајот на времињата Тој го отвори Заветот на Си­новството (5.); за Евреите, меѓутоа, Бог е Господар и За­ко­но­да­тел, затоа што во средниот период, бидејќи човештвото го бе­ше заборавило Бога, се беше оддалечило и отпаднало од Него, тој се послужи со законот, за тие да можат да разберат и увидат де­ка имаат еден Господар, Творец и Основател на светот, Кој го по­дарува здивот на животот и Кого треба да Го славиме дење и но­ќе. За незнабожците, меѓутоа, Бог е Творец и Севладетел, ис­то­времено и Хранител и Лебодарител и Цар и Судија; зашто ни­кој не ќе може да го избегне Неговиот Суд, ниту Евреин, ниту нез­набожец, ниту верникот што сторил грев, ниту ангел. Оние, ме­ѓутоа, кои сега не се потпираат на Неговата добрина, тие Не­го­вата сила ќе ја препознаат при Судот, како што вели бла­же­ни­от Апостол: „Ти не размислуваш за тоа дека Божјата милост те при­силува на покајание, туку со твојата тврдоглавост и со не­спо­соб­носта за покајание на твоето срце, собираш гнев за денот на гне­вот и на Откровението на праведниот суд Божји, Којшто се­ко­му ќе му пресуди според неговите дела“ (Рим. 2. 4, 6). Тоа е Оној, Кој во законот се нарекува Бог на Авраама и Бог на Исака и Бог на Јакова, Бог на живите. Но, и покрај сето тоа севишноста и величината на токму овој Бог не може воопшто да се опише.

преводот од германски јазик на Др. Кица Б. Колбе, е од изданието:

Irenäus von Lyon
Epideixis Adversus Haereses Darlegung der apostolischen Verkündigung Gegen die Häresien I
Übersetzt und eingeleitet von Norbert Brox
Griechisch / Lateinisch / Deutsch
Edition Fontes Christiani
Herder Verlag 1993
Freiburg . Basel . Wien . Barcelona . Rom . New York