Успение

Кирил Тетоец Пејчинович

Избор од Огледало

Успение број 5 · June 2003 · Свети отци · Print

Ако ние не го исполниме законот Христов - не сме ни христијани… Бидејќи за Христа трпиме, барем да го слушаме што ни вели. Он не ни вели нешто тешко, но лесно. Он ни вели да се љубиме еден со друг, да си простуваме, да се тешиме, да седиме мадро, да не збеснуваме како мали деца, да не се опиваме, да не блудствуваме, да не пиеме вино без мера, да не скокаме на оро како безумните што скокаат.

А ние и празникот што го служиме еднаш во годината, и него непристојно го служиме, а не побожно. Баш на денот гледаме да се опиеме, да скокаме, да збеснуваме. Цела ноќ седите, пиете и збеснувате, не го молите светителот туку го лутите, та тој не ве измолува пред Бога и не ви помага, па попусто се трошите…

Ама ќе речете… не знаеме како треба. Така најдовме, така ќе оставиме. Немој, брате, не оставај, туку тргни се од злото и прави добро… Ако, пак, не си кадар и не можеш ништо да направиш според законот, барем не прави беззаконие, но седи си ужален и речи: На денешен ден сите христијани стојат во законот, Бога Го молат, Бога Го фалат по црквите и Божјите домови, а ние сме принудени од сето тоа да се лишиме. И, помоли се Богу со солзи и речи: избави не Боже од оваа лоша сметка што ја имаме и научи не Господи на вистината Твоја и исправи ги стапките наши кон остварување на Твоите заповеди.

А, вие се надевате на курбаните што ги колете… со тоа да му угодите на Бога. Не знаете ли дека тие курбани се идолска жртва, еврејска жртва, а не христијанска. Тој христијанин што коле курбан не е христијанин туку евреин или идолопоклоник, и тој свештеник што со запалена свеќа служи над главата од овенот (курбанот) лаже само заради добивка, заради пари, заради месо, оти во законот христијански никаде не пишува свештеник да служи на овен, а христијанин да коле курбан.

Немојте христијани, не колете крвни жртви, зашто имаме бескрвна. Видете што пишува Духот Свети низ устата на пророкот Давид во 49-от псалм, стих 13: “Зар Јас да јадам јунешко месо и да пијам крв јарешка? Принеси Му на Бога благодарствена жртва и на Севишниот молитвите свои воздај Му ги”. И, вели: “Немам потреба да примам од домот твој телци, ниту од стадата твои јарци”… Курбанот остана од Авраама, а просфората и виното останаа од Мелхиседека. И, види кој е поголем? Види како Бог го прати Авраама да се благослови од Мелхиседека, зашто тој беше свештеник на Бога Вишниот и неговиот принос беше многу пријатен пред Бога, зашто беше од леб и вино, а не од месо и крв како Авраамовиот…

Гледате христијани колку голем грев бива со колењето курбани. А, вие се надевате да измолите од Бога и од светителот и да се исцелите од болестите. А, Бог вели: Не сакам да ми колите; Јас ни крв пијам, ниту месо јадам. А, вие го колите со свештеникот и велите: Курбан го праќаме на Бога. А, свештеникот што не ви кажува каква е работата, туку од лакомост за пари уште и ве мами, ви вели: Ако, гледајте си ја работата, што сте нашле не оставајте. А, ако погрешно ве учи, на него е голем грев, оти од него отстапило и свештенството и христијанството, и тешко на таа парохија каде што тој свештеникува, и тешко и претешко и горко на неговата душа!

Христијани, браќа мои, да се подготвуваме духовно, а не телесно; така подготвувајќи се, да се исповедаме кај духовникот, оти духовникот има власт и благослов од Христа Бога; та гревовите коишто се чинат секој час, а ги забораваме и не ги паметиме, да ги кажеме на духовнникот, и тие можат да се простат со разрешната молитва што ја чита исповедникот, та на Велигден можеш достојно да се причестиш, достојно да празнуваш, достојно да се веселиш, достојно и духовно да се радуваш…