
Кратко житие на светиот отец наш Нектариј Чудотворец
Богоносниот отец наш Нектариј се родил на 1 октомври 1846 година во Силиврија Тракијска. Уште од најрана возраст покрај древните философи особено сакал да ги чита Светите Отци. Потоа, на островот Хиос каде што работел како учител станува чест посетител на тамошниот „Нов манастир“ на старецот Пахомиј со кого што водел долги и чести разговори. Се замонашува во истиот манастир на 7 ноември 1876 година со името Лазар, а после една година ракоположен е за ѓакон кога и го добива името Нектариј. Во Атина завршува гимназија и Богословски факултет после што заминува во Александрија (Египет) каде што е ракоположен за презвитер на 23 март 1886 година, а наскоро бива произведен и во архимандрит. После три години од престојот во Александрија бил избран за епископ на древната Пентаполска епархија.
Наместо неговиот доблестен и подвижнички живот да биде повод за радост, кај некои луѓе предизвикува завист. За да успеат во својата замисла да го отстранат светителот од Александрија, тие луѓе измислуваат секакви клевети обидувајќи се да го извалкаат и неговиот морален лик. Патријархот им поверувал на тие клевети и упатил барање до свети Нектариј да го напушти градот и да отпатува каде што сака. Се враќа во Грција и после еден многу тежок период од неговиот живот, кога до израз доаѓаат неговите огромни - смирение и љубов, бива поставен за управник на Ризариевата Богословија. Во 1904 година на островот Егина, со своите верни духовни чеда коишто сакаат да живеат под негово раководство, основа женски општежителен манастир, а во 1908 година кога поднесува оставка во Богословијата, и самиот, бивајќи наклонет кон монашкото тихување, преминува да живее во манастирот како духовник и свештенослужител. Во манастирот го поминува остатокот од својот живот во молитва и пост, во умствен и телесен труд. Во тоа време, исто како и порано, пишува голем број дела, а тоа се полезни за душата книги (скапоцено за душата православно богословие) и песни во слава на Пресвета Троица и на Пресвета Богородица. Една од неговите најпознати песни е „Света Дево“ (Агни Партене). Свети Нектариј се упокоил во Господа на 9 ноември 1920 година. По неговата смрт дојде времето кога оној којшто често и долго беше понижуван и презиран од луѓето, да биде прославен од Бога. Познат е како голем чудотворец и исцелител, и безбројни се примерите кога чудотворел и исцелувал болни. И, за време на нашата посета на Егина во манастирот имаше толку многу луѓе, што монахињите од манастирот ни рекоа дека огромната фреквенција на народ ја издржуваат единствено со благодатта што ја чувствуваат кога слушаат и ги гледаат секојдневните чуда коишто светителот ги твори.Свети Нектариј официјално е канонизиран за светител на Православната Црква на 20 април 1961 година од Цариградската патријаршија.
Химни на Пресвета Богородица
Химна 52
на небесната лествица, на Дева.
Светлоносна скинијо, Преблагословена,
Кивот на зазорувањето се покажа
Бога Словото Чиста имајќи го во себе
На телото разрешувајќи ја смртта.
Богородица Те познаваме, Пречиста
И Мајка Божја Те објавуваме;
Избави не од секој оган вечен
И од непријателот невидлив, Пресвета.
На смртта поривот го пресече
животот зачнувајќи го неосквернета
и живот подари им на оние што ти пеат,
радувај се ќерко Чиста Присно Дево.
Тебе како порта те прославуваме
Која не води кон божествениот влез на благодатта,
Добро проодна лествица која возведува
Од земјата сигурно кон небесата.
Со красотата на девственоста се украси,
На благоприличност дом бидувајќи,
Девствена мајко ќерко неосквернета,
Затоа сите верно те величаме.
Сенките на законот поминаа со твојата рожба,
Вистината нам ни заблеска
И благодат на светот му се дарува
И на Адам осудата се прекина.
Химна 63
на Мајката на Животот.
Богатството неизмерно, Чиста, на твоето сочувство
И силата необорива на божественото твое владеење
Имајќи ги на ум прибегнав кон твојот покров,
И викам од длабочините, спаси ме по твојата милост.
Благословена Маријам облаку на светлина јасен
Засветли ми светлина на покајание, обземен со мракот сум,
Чиста, од мојот грев, од огнот на геената,
избави ме те молам, Владичице, и од мракот ќерко безлунен.
Премилостива Владичице, на милоста посакувачот
Којшто го роди, него со мајчинските молитви умилостиви Го,
И мојата душа страдална поитај да ја спасиш,
И проколнатиот непријател прогони го, ненависникот.
Лизнувајќи се, Владичице, од нападите на непријателот
Во длабочината на пропаста паднат сум и лежам,
Немој да се одвратиш, Владичице, од моето моление, те молам,
Но смилувајќи се, заштити ме и спаси ме.
Ненависникот како што го собори Адама од Едем
Тој и мене ме убедува законот да го нарушам,
Но те молам, Чиста, од пропаста избави ме
Со молитвите кон Бога твојот Син човекољубив.
Паднат гледајќи ме се фали, ќерко, непријателот,
Но ти воскресни ме и неговите мечови отфрли ги
Со твоите молитви кон Бога, за да се избавам бедниот,
И на невечерниот ден причастник покажи ме.
препевот од грчки јазик, на игуманијата Кирана, е од изданието:
Αγιου Νεκταριου
Θεοτοκαριον
Ωιωλιοπωλειον
Νεκταριοσ Παπαγονουλος
Κολοκοτρωνη 9, 10562 Αθηναι

