Успение

Старец Софрониј (Сахаров)

Свети Силуан Атонски

Успение број 6 · November 2003 · Свети отци · Print

Свети Силуан Атонски

избор од книгата „Старец Силуан“ од блажениот старец Софрониј (Сахаров)

Доаѓањето на Света Гора.

Семјон на Света Гора дошол во есента 1892 година и стапил во Рускиот манастир „Свети Великомаченик Пантелејмон“. Тука започнува нов подвижнички живот.

Според светогорскиот обичај, новопристапениот послушник „брат Симеон“ требало да помине неколку дена во целосен спокој, да се присети на сите дотогашни гревови во животот, да ги запише и да ги исповеда на духовникот. Чувствувањето на адското мачење, во него родило незадржливо огнено покајание. Низ тајната на покајанието тој сакал да ја ослободи својата душа од се што и тежело, и затоа со подготвеност и голем страв, во ништо не оправдувајќи се себеси, ги исповедал сите гревови од неговиот дотогашен живот.

Духовникот му рекол на брат Симеон:

„Ти ги исповеда гревовите пред Бога, и знај дека тие ти се простени… Отсега стави почеток на нов живот… Оди си со мир, и радувај се, зашто Господ те приведе во ова пристаниште на спасението“.

Едноставната, исполнета со вера душа на братот Симеон, слушајќи од старецот-духовникот дека сите гревови му се простени, според неговите зборови „оди си со мир и радувај се“ - се оддал на радоста. Неопитен и наивен се уште не знаел, дека на подвижникот му е нужно воздржание и во радоста, и затоа набргу го изгубил она чувство во коешто се наоѓала неговата душа по посетата на Кронштад. По ова, раслабувајќи, тој бил нападнат од блудната похот, задржувајќи се на соблазнителните претстави коишто му ги сликала страста. Помислата му велала: „оди во светот и ожени се“.

Што се претрпел младиот искушеник останувајќи сам - не знаеме. Кога отишол да се исповеда духовникот му рекол:

„Никогаш не примај помисли, а штом се појават веднаш отфрлај ги“.

Од неочекуваните напади коишто го стигнале братот Симеон, неговата душа се нашла во силен трепет. Чувствувајќи ја страшната сила на гревот, тој повторно се почувствувал во адскиот пламен и решил неотстапно да се моли се додека Бог не го помилува.

После преживеаните адски маки и по радоста којашто ја доживеал добивајќи проштевање при светата тајна исповед, сопнувањето од помислите и сознанието дека одново ја ожалостил Мајката Божја за него претставувало настан којшто ја потресол неговата душа; тој си мислел дека стасал во пристаништето на спасението, а одеднаш увидел дека и тука може да се погине.

„Паѓањето“ во помисли - го отрезнило братот Симеон за цел живот. За степенот на тоа отрезнување може да се суди по тоа што од тој ден кога духовникот му рекол: „никогаш не примај помисли“, тој за четириесет и шест години од својот монашки живот не примил ниту една блудна помисла. Тоа што за многу години не може да се научи, тој го усвоил после првата лекција, покажувајќи ја со тоа својата вистинска култура и мудрост, според зборовите на древните елини: на мудриот човек не му е својствено двапати за истото да греши.

Силното чувство на покајание било причина за нова борба. Помислата му дошепнувала:

„Оди во пустина, стави си кострет и таму спасувј се“!

„Добро“, одговорил Симеон, „ќе појдам да го замолам игуменот да благослови“.

„Не оди, игуменот нема да благослови“ - му говорела помислата.

„Ти само што ме тераше да се вратам од манастирот во светот“, одговорил Симеон, „а сега ме тераш во пустина… ако игуменот не благослови, значи не ме упатуваш добро“, и со решителност во длабочината на душата рекол:

„Ќе умрам овдека за своите гревови“.

Брат Симеон навлегуваше во духовниот подвиг, на со векови востановениот светогорски манастирски живот, наситен со непрекинато сеќавање на Бога: со молитва во келија, на само; со долготрајни богослужби во храмот; со пост и бдение; со честа исповед и Причест; читања, труд, послушание. Едноставен, незагаден од мноштво прашања, каков што е случајот со современите интелектуални луѓе, тој подобно на другите монаси, го усвојувал новиот живот поскоро со органско проникнување со средината што го опкружува, отколку со усно поучување. Усните насочувања на игуменот, на духовниците и старците, во најголем број случаи се кратки, и обично имаат форма на практични упатства - што и како треба да се направи.

Една од тие поуки за послушникот - почетник претставува и тоа дека молитвата во келијата првенствено треба да се совршува на бројаница со Иисусовата молитва. Многукратното повикување на светото Иисусово име ја насладило душата на брат Симеон. Тој се зарадувал кога дознал дека со оваа молитва е можно да се моли секогаш и секаде, при секоја работа и прилика, дека е добро да се „држи“ и за време на црковните служби, а кога не е во можност да се појде во храмот, со неа се заменува богослужбата. Тој горешто и многу се молел, зашто неговата душа пребивала во тешко измачување, силно копнеејќи за Оној Којшто можел да ја спаси.

Така поминало кратко време, околу три седмици, и еднаш на вечерната, при молитва пред иконата на Богородица, молитвата слегла во неговото срце и таму започнала сама да се совршува дење и ноќе, но тогаш тој уште не ја разбирал големината и реткоста на дарот задобиен од Божјата Мајка.

Братот Симеон бил трпелив, незлобив, послушен; во манастирот го сакале и фалеле заради совесното работење и добриот карактер; и, тоа за него било пријатно. Тогаш започнале да му доаѓаат помисли: „Ти живееш свето: се покаја; гревовите ти се простени; се молиш без престан; добро го исполнуваш послушанието“.

Од многуте и усрдни молитви неговата душа повремено чувствувала спокој; тогаш помислата му говорела: „Ти се молиш, и можеби ќе се спасиш; но, ако во рајот не ги најдеш ни татко ти, ни мајка ти, ни тие коишто ги љубиш, тогаш и таму за тебе нема да има никаква радост“.

Умот на послушникот се возматувал при овие помисли, и немирот проникнал во срцето, но заради својата неопитност тој не сфаќал што се случува со него.

Една ноќ неговата келија се исполнила со чудна светлина којашто проникнала дури и во неговото тело така што тој ја видел и својата внатрешност. Помислата му рекла: „Прими - тоа е благодат“; сепак, душата на послушникот се вознемирила при ова, и тој се нашол во голема недоумица. Молитвата, и после ова, продолжила да дејствува во него, но скрушениот дух толку отстапил од него што во време на молитва му дошла смеа. Тој се удрил силно со тупаницата по челото. Смеата сопрела, но покајничкиот дух воопшто не се вратил, и молитвата се одвивала без скрушеност. Тогаш тој сфатил дека со него се случува нешто што не е во ред.

По видението на чудната светлина, започнале да му се јавуваат демони, а тој наивно разговарал со нив „како со луѓе“. Постепено нападите се зголемувале; понекогаш му говореле: „Ти си сега светител“, а некогаш: „Нема да се спасиш“. Еднаш брат Симеон го запрашал демонот: „Зошто ми зборувате различно - еднаш велите дека сум свет, вторпат дека нема да се спасам“? Демонот потсмевајќи му се одговорил: „Ние никогаш не ја кажуваме вистината“.

Менувањето на демонските внушенија, од вознесување до небото од гордост, до паѓање во вечната погибел, ја притискале душата на младиот подвижник, доведувајќи ја до очај, и тој се молел напрегајќи се до исцрпеност. Спиел малку и со прекини. Физички снажен, вистински маж, тој не легнувал во постела, но цела ноќ ја минувал во молитва, или стоејќи, или седејќи на столче; изнемоштувајќи, заспивал седнат по петнаесет до дваесет минути, и потоа повторно станувал на молитва. И така, по неколку пати. Вкупно спиел од половина час до два часа.

Неговото прво послушание било во мелницата. Тоа било време на процвет на руското монаштво на Света Гора. Манастирот се проширил и буквално станал град насреде пустина. Бројот на братјата достигнал повеќе од две иљади, а стотици посетители и поклоници доаѓале од Русија и честопати на подолго останувале во огромните гостински конаци од манастирот. Така и работата во мелницата не била мала. А, брат Симеон и покрај толку краткото спиење, при крајно воздржување од храната, при непрестаната, горешта молитва, при многу длабок, а повремено и очаен плач, во целост ги исполнувал своите тешки работни послушанија каде што за еден ден требал да превртува и да носи мноштво големи вреќи со брашно.

Поминувале месеци и месеци, а измачувањето од демонските напади се зголемувало. Душевните сили на младиот послушник започнале да изнемоштуваат; стравот од гибелта и очајот растеле; ужасот на безнадежноста се повеќе и повеќе завладувал со сето негово битие. Само оној којшто преживеал слично нешто знае дека никаква човечка храброст, никаква човечка сила не може да опстои во таа духовна борба. Начнат бил и брат Симеон; дошол до крајниот очај, и седејќи сам во келијата, едно предвечерие тој помислил: „Да го умолиш Бога е невозможно“. Со оваа мисла тој почувствувал целосна напуштеност, и неговата душа потонала во мракот на адските очај и тага. Во ваква состојба тој останал околу еден час.

Истиот ден, за време на вечерната, во црквата на светиот Пророк Илија којашто се наоѓа кај мелницата, десно од царските двери каде што е поставена иконата на Спасителот, тој Го видел Христа жив.

„Господ непоимливо се јави“ на младиот послушник и целото негово битие и самото негово тело се исполниле со огнот на благодатта на Светиот Дух, којшто Господ го фрлил на земјата со своето доаѓање (Лк. 12. 49).

Од видението Симеон изнемоштел, и Господ се скрил.

Не е возможно да се опише состојбата во којашто се наоѓал во тој миг. Ние од устата и од записите на блажениот Старец, знаеме дека тогаш го озарила голема Божествена светлина, дека бил грабнат од овој свет и со духот возведен на небесата каде што чул неизглаголиви зборови коишто во тој момент ги примил како ново раѓање одозгора (Јован 1. 13; 3. 3). Кроткиот, сеопростувачки, безмерно љубовен и радосен Христов поглед го привлекува кон Себе целиот човек, и потоа сокривајќи се, со сладоста на Божествената љубов и со созерцанието на Божеството коешто ги надминува претставите на светот, го воодушевува неговиот дух.

Во јавувањето на Господа на послушникот Симеон, човек прост, со длабока непосредност, се забележува и тоа што тој веднаш го познал Христа Којшто му се јавил, и Светиот Дух Којшто дејствувал во него. Во своите записи тој без престан повторува дека Господа Го познал преку Светиот Дух, дека тој Го видел Бога во Светиот Дух. Исто така, тој повторува, дека кога Самиот Господ и се јавува на душата, таа не може а во Него да не Го познае својот Творец и Бог.

Со сигурност можеме да кажеме дека и адскиот пламен, и адските маки коишто му претходеле на Христовото јавување на послушникот Симеон, како и озарувачката Божествена светлина - за најголем дел од луѓето се невидени и несфатливи нешта. Тоа што духовниот човек го гледа, неговите преживувања и целиот негов опит, на недуховниот често може да му изгледа како безумство, или како плод на патолошка душевна состојба. Лишен од опитот на реалноста на духовниот свет, тој го одрекува она што не го познал. Потенцијално, секој човек е повикан кон полнотата на духовниот живот, но постојаната насоченост на вољата кон вештествениот свет, кон плотските и душевни доживувања го доведуваат до тоа - толку многу да затапи, и да дојде до состојба на неспособност за духовно восприемање. Во нашиот секојдневен живот, ова би можело да се спореди со човек којшто има радио-приемник и може да ги фаќа брановите коишто ја исполнуваат атмосферата; во исто време оној којшто нема, не го чувствува нивното присуство.

Чуден и несфатлив е духовниот живот на христијанинот-подвижник; ние во него гледаме сплет на поразувачки спротивности: демонските напади, богооставеноста, смртниот мрак и адските маки од една страна, и богојавленијата и светлината на беспочетното битие од друга.

Секој човек претставува неповторлива и посебна појава, патот на секој подвижник исто така е неповторлив и посебен, но сепак, сите луѓе во својот стремеж да ги класифицираат појавите според една или, пак, друга основа, спроведуваат класификација и во овој случај.

Во првиот вид припаѓаат најголемиот број на луѓе. Привлечени кон верата со мала благодат, својот живот го минуваат во умерен подвиг на исполнување на заповедите, а дури на крајот од својот живот според преживеаните страдања здобиваат благодат во малку поголема мерка. Еден дел од нив, коишто впрочем се подвизуваат поусилено, добиваат и повеќе благодат. Ова се случува со многу монаси.

Вториот вид се оние коишто во верата навлегуваат со сосем мала благодат, но ревносно подвизувајќи се во молитвата и борбата со страстите, со напорен подвиг, на средината од својот пат стекнуваат поголема благодат; поминувајќи го остатокот од животот во уште поголеми подвизи тие достигнуваат до висока мерка на совршенство.

Третиот, најредок вид, е кога човекот во почетокот од својот подвижнички пат, заради својата огненост, или поточно, бивајќи претходно познаен од Бога, здобива голема благодат, благодат на совршените.

Овој последен вид не само што е најредок, туку е и најтежок, затоа што никој, доколку е можно да суди за тоа од Житијата и Делата на Светите Отци, од усното предание на подвижниците од последните векови, и врз основа на опитот на современите отци, не може да го задржи во полнота здобиениот дар на Божествената љубов, и после, во текот на долго време, доживува одземање на благодатта и богооставеност. Објективно, тоа не е целосно одземање на благодатта, но субјективно, душата и самото намалување на дејството на благодатта го доживува како богооставеност.

Овој последен вид на подвижници страда повеќе од сите, зашто кај нив после познанието на благодатта и созерцанието на Божествената светлина, мракот на богооставеноста и ударите на страстите ги преживуват во силата на контрастот, неспоредливо подлабоко и поостро: тие се свесни ШТО изгубиле. Освен тоа, доживеаната благодат со своето дејство го изменува целиот човек и го прави неспоредливо поосетлив кон сите духовни појави.

Овој последен вид страда најмногу од сите затоа што љубовта Христова во овој свет е изложена на исклучително тешки „огнени искушенија“ (1Петар 4. 12); затоа што љубовта Христова во овој свет неизбежно страда.

Блажениот старец Силуан припаѓаше на овој последен вид, и така се објаснуваат неговите зборови: „вие не можете да ја сфатите мојата скрб“, или, „којшто не го познал Господа, тој не може со плач да Го бара Него“.

Кога тој ги опишува неутешната скрб и Адамовиот плач после изгонувањето од рајот, тој всушност ги опишува својот плач и скрбта на неговата душа после губењето на благодатта.

Исклучително длабокото покајно чувство на Симеон не тера да се запрашаме: зошто едни луѓе се каат за своите гревови така длабоко и силно, други не толку длабоко, а трети сосема слабо, или, воопшто не се каат? Со што да се објасни различноста во интензитетот на сознанието за гревот кај луѓето?

Ние не сме во состојба да одговориме на ова прашање: за нас е невозможно да проникнеме во тајната на духовниот живот на човекот. Достапно ни е единствено набљудувањето на некои појави во животот на човекот којшто религиозно живее, кога тие попримаат форма на психолошко преживување; на нашето набљудување достапни му се и некои карактерни црти на овие доживувања, но без можност, да проникнеме во нивната суштина, зашто како основа на христијанските религиозно-психолошки факти, се јавува апсолутното, слободно и неподложно на никакви ограничувања дејствување на Духот Божји.

„Духот дише каде што сака, гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Дух“ (Јован 3. 8).

Втор фактор кој исто така не подлежи на определувања е човековата слобода. Од овие два фактори: пројавувањето на човечката слобода и дејствувањето на Божјата благодат се соградува христијанскиот духовен живот.

И нашата вера, и нашето покајание, во извесна мерка зависат од нашата слобода, а во исто време се и дар на Божјата благодат. Бог заради својата љубов го бара човекот, за да му даде живот, но и повеќе, да му даде живот во изобилие, како што говори Христос (Јован 10. 10), но овој живот се дава на слободниот човек, и не без согласност од самиот човек. Земајќи го ова предвид, можеме да кажеме дека од слободата на човекот зависи и мерката на дарот Божји. Божјите дарови се поврзани со извесен подвиг, и кога Бог увидува дека човекот кон неговиот дар ќе се однесува онака како што доликува, тогаш тој дар го излева „безусловно“. Може да се каже дека како причина за големината на дарот се јавува Божјото предзнаење на одговорот на човекот кон дејството на благодатта. Апостолот Павел кажува: „Оние коишто Бог ги позна порано, нив и ги определи да бидат слични на образот на Неговиот Син“ (Рим. 8. 29). Уште вели: „Кога Бог, Којшто ме избра од утробата на мојата мајка и ме призва преку својата благодат, благоволи во мене да го открие Својот Син… јас веднаш не го прашав ни телото, ниту крвта“ (Галат. 1. 15, 16).

Бог - знаејќи однапред дека Симеон, подоцна схимонахот Силуан, нема да ги запраша ни плотта, ни крвта, но својот живот ќе го проведе во подвизи достојни за голем дар - го повикал на тој необичен живот којшто ние го гледаме во него.

Ние, овде, воопшто не помислуваме да ја објасниме тајната на соодносот на апсолутно слободното творение на великиот Домостроител на светот - Бога со тварната слобода на човекот; но, нашето заедничарење со Старецот, чијшто живот помина во исклучително напорниот подвиг на љубовта, во којшто првенствено се пројавува слободата, ја задржа нашата мисла на Божјото предзнаење на слободниот одговор на Неговиот љубовен повик.

Сметаме дека избирањето за сведочењето на љубовта е исклучително ретко, затоа што тоа сведочење е неизбежно соединето со целосно себежртвување.

Ни доаѓа мисла дека во лицето на старецот Силуан, Божјата промисла му дава на светот нов пример, и ново сведоштво за бесмртноста на Божјата љубов, за преку него, преку Силуана, да се ободрат луѓето парализирани од очајот, како што за ова говори Апостолот Павел: „Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Иисус Христос прво на мене сета долготрпеливост, како пример на оние, коишто ќе поверуваат во Него за живот вечен“ (1Тим. 1. 16).

Заповедта Христова за старецот Силуан не претставувала етичка норма. Тој не го сведувал христијанството на ниво на морално учење, како што тоа го правеле претставниците на хуманистичката култура лишени од вистински религиозен опит, кои на крајот доаѓале и до тоа дека „за нив“ религијата не е нужна, затоа што тие во неа гледале единствено „начело за воздржување“ на неуките. Не, тој зборовите Христови ги примал подобно на Апостол Петар како „зборови на вечен живот“ (Јован 6. 68), како дух и живот, според зборовите на Самиот Господ „зборовите што ви ги кажав се дух и живот“ (Јован 6. 63).

За старецот Силуан Христовите зборови биле - Живототворен Дух, самиот вечен живот, Бог во Своето дејствување.

Неговата вера по своето возрождение, после овие факти за коишто погоре е раскажано, одеднаш добила длабок карактер. Тој верувал дека Бог ќе им суди на луѓето, дека тие коишто чинеле гревови и не се покајале ќе одат во вечни маки, а тие коишто правеле добрини според Христовите заповеди ќе го наследат Царството Небесно. Во согласност со совршено исправната забелешка на преподобниот Максим Исповедник дека: „верата раѓа страв“, (а, не стравот вера) - („За љубовта“, првото стоглавие, 2), огнената Симеонова вера во неговата душа родила голем страв од осуда заради мноштвото не така мали гревови коишто тој ги познал кај себе.

Затоа не можеме, а да не се восхитиме на Симеоновото исклучително длабоко чувствување на гревот. Несомнено, тоа е дар на благодатта.

Што е гревот според сфаќањето на христијаните?

Гревот пред се е духовна, метафизичка појава. Корените на гревот се во мистичната длабочина на духовната природа на човекот. Суштината на гревот не е во нарушувањето на етичките норми, туку во отстапувањето од вечниот, Божествен живот, живот за којшто човекот е создаден и кон којшто тој естествено, т.е. според својата природа е повикан.

Гревот се врши пред се во тајната длабочина на човековиот дух, но неговите последици го поразуваат целиот човек. Сочинетиот грев се одразува на душевната и на физичката состојба на човекот; тој се одразува на неговата надворешност; се одразува на судбината на самиот грешник; и, неизбежно ги надминува границите на неговиот индивидуален живот и го оптоварува со зло животот на сето човештво, а следствено се одразува на судбината на целиот свет.

Плотскиот човек чинејќи грев, не ги чувствува во себе неговите последици, така како што ги чувствува духовниот. Плотскиот човек во себе не забележува промена на состојбата после извршениот грев, затоа што тој секогаш пребива во духовна смрт и затоа што не го познал вечниот дух на животот. Духовниот човек, сосема спротивно, при секое отклонување на својата воља кон грев, во себе гледа промена на состојбата во сила, заради намалената благодат.

Кај старецот Силуан нас не восхити неговата исклучителна чувствителност и поразувачката духовна интуиција. И, пред да му се јави Господ, а особено потоа, во сиот свој понатамошен живот тој го доживувал гревот исклучително длабоко и силно; срцето неподносливо го болело заради гревот, и затоа покајанието било незадржливо насочено, со плач, неотстапувајќи додека душата не почувствувала дека Бог и простил. За многумина ова изгледа чудно, а за некои е претерано, но примерот на Старецот не е за сите.

Каејќи се за гревовите, тој не барал само опростување коешто Бог лесно го дава, можеби само со една воздишка на жалење, туку тој барал целосно простување, така што душата дури и дејствително би ја почувствувала благодатта. Тој барал сила од Бога да не го повторува гревот, ако е можно никогаш; тој го молел Бога да го избави од делувачкиот во нас „гревовен закон“ (Рим. 7. 23). Последицата на гревот - губењето на благодатта, тој го преживувал толку силно и болно, така што непрестано се плашел да не му се случи нешто слично. Отстапувањето на љубовта Божја и мирот Христов од душата, за него било најстрашното. Сознанието дека тој го оскрбил Бога, таквиот Бог - кроток и смирен, за него било неиздржливо. Тој согрешувајќи против светата љубов Христова доживувал длабоки страдања на совеста. На човечки план, оној којшто има љубов, а направил грев против љубовта, на пример, во односот кон родителите, знае колку е неподнослива маката на совеста; но, се што се случува во светот на душевен план е само бледа слика на духовниот однос со Бога.

И така, Бог од самиот почеток го познал Семјона - Силуана, и на еден несфатлив за нас начин му дал да ја познае суштината на гревот во таква длабочина и сила, што тој навистина ги доживеал адските маки и се молел од овој „преисподен ад“, додека Господ не му се приближил и не му се јавил, давајќи му да го познае воскресението на душите и да Го види Синот Човечки во Своето Царство, уште пред да вкуси телесна смрт (Матеј 16.28).

Православниот монах за своја главна работа го смета внатрешното, со молитва во срцето, умно внимание коешто му дава можност да ја види помислата пред таа да влезе во срцето. Умот стоејќи во срцето со безмолвно внимание гледа како помислата се приближува однадвор обидувајќи се да продре во срцето, и со молитва ја одгонува. На ова делување наречено „умствена трезвеност“, или, „умствено безмолвие“, започнал да се учи братот Симеон. Од оној ден, кога по дарот на Божјата Мајка, во неговото срце започнала да делува Иисусовата молитва, до крајот на неговиот живот оваа молитва никогаш не престанала, но и покрај се таа уште не била совршена, а тогаш и не можела да биде таква затоа што страстите останувале сеуште несовладани. Со него се случило нешто големо, но сепак, слично на она што се случува со многу други: со својата огнена усрдност тие ја достигнуваат постојаната молитва, но неочистени од старстите преку долг подвиг, и покрај дејството на молитвата, тие паѓаат во гревови заради страстите. Со ваквата состојба подвижникот не може да биде задоволен.

Братот Симеон сеуште не умеел да го „чува умот“; молејќи се, тој не ги задржувал или сопирал воображенијата преку коишто дејствуваат демоните. Воображенијата, кај секој почетник во духовниот живот, неизбежно внесуваат изопачувања во тој живот. Бидејќи тоа е неизбежно во почетниот период, тие тогаш не се сметаат за „прелест“, но сепак, почетникот постепено треба да преминува од овој вид на молитва во другиот којшто се состои во тоа да се „заклучи умот во зборовите од молитвата“. Овој е потежок и посув вид на молитва, но затоа е поправилен и помалку опасен.

Кај горешто устремениот кон Бога, но и совршено простиот и наивен брат Симеон, молитвата не била лишена од воображенија, така што многу брзо добила опасна форма, овозможувајќи им на демоните да го искушуваат младиот подвижник. И, онаа чудна светлина којашто еднаш, ноќно време ја исполнила неговата келија, па дури и ја осветлила и неговата внатрешност, и оние унакажени фигури коишто ноќе ја полнеле неговата келија, дури и преку ден јавувајќи му се и беседејќи со него - сето тоа претставувало изобилство на големи опасности.

Навистина, речиси сите свети подвижници поминуваат низ оваа борба со демоните, и во таа смисла средбата со нив е нормална појава на патот кон духовното совршенство; но, колку биле такви коишто пострадале од нив; колку многу до крајот на својот живот останале душевно болни, застраниле со умот; колку луѓе дошле до страшен очај и пропаст; колку самоубиства и секакви престапи се извршуваат во светот како последица на демонската духовност.

Оној којшто со нив водел борба, тој знае како тие умеат да бидат итри и ласкателни со оние коишто ги примаат, а како, пак, разјарени кога ги одбиват. Секојпат кога со подвижникот се случува тоа што се случувало со братот Симеон, духовниот отец го впрегнува своето внимание. Борбата со демоните не треба да донесе страв; стравот е половина пораз: неговата појава ја ослабува душата и ја прави подостапна за демонското насилство.

Братот Симеон бил наивен, но мажествен; но сепак, да се пребива спокојно во вакви случаи е невозможно.

Од Житијата на светиите, од делата на светите отци - аскети, од разговорите со духовниците и со другите подвижници на Света Гора, младиот монах Силуан постепено се учи на посовршено аскетско делање, постојано пребивајќи во подвизи коишто за многумина изгледаат воопшто невозможни. Неговиот сон и понатаму бил со прекини, неколкупати во денот и ноќта по 15 до 20 минути, вкупно се собирале од половина до два часа днево. Како и претходно, на постелата не легнувал, а спиел седнат на столче; дење работел како работник; го извршувал подвигот на внатрешното послушание - сечењето на својата воља; учејќи се на што е можно поголемо себепредавање на Божјата воља; се воздржувал во храната, во зборувањето и во движењата; непрестано се молел со Иисусовата умствена молитва - којшто е најтешка работа што крајно ги исцрпува сите човечки сили, но и покрај сиот овој подвиг, светлината на благодатта често го напуштала, а демоните ноќе, во толпи, го вознемирувале.

Промената на состојбата - ту благодат, ту оставеност и демонски напади - не поминала бесплодно. Благодарение на овие промени, душата на монахот Силуан пребивла во постојана внатрешна грижа, бодрост и усрдно изискување на изход. Непрестаната молитва и трезвеноумието на коешто тој се учел со нему својственото трпение и мажественост, му откриле нови хоризонти на духовните знаења и го обогатиле со нови средства во борбата со страстите. Неговиот ум се почесто и почесто се восредоточувал во срцето, што му давало можност да ги набљудува случувањата во внатрешниот свет на душата. Споредбата на состојбите и преживувањата го доведуваат до појасно разбирање на она што се случувало со него. Се зародува вистинско духовно знаење и расудување. Се стекнува познание за тоа како се поткрадуват помислите на различните страсти, а исто така и за тоа како делува благодатта. Силуан навлегува во животот на разумниот подвиг, осознавајќи дека главната негова смисла е стекнувањето на благодатта. Така прашањето за тоа како се стекнува благодатта, како се чува, зошто ја напушта душата - станува едно од основните и главни прашања за сиот негов живот.

Во својот подвиг за зачувување на благодатта, монахот Силуан доаѓал до мерки коишто за луѓето од поинаков тип им се чинат недопустливо сурови, и дури можат да предизвикаат мислење дека овој вид на беспоштедност кон себе си претставува изопачување на христијанството. Но, тоа воопшто не е така. Душата која го познала Бога, воздигната да го созерцува светот на вечната светлина, а потем лишена од таа благодат, се наоѓа во таква состојба за којашто нема претстава оној којшто сето ова не го познал во ист таков степен. Страдањата и скрбта на оваа душа се необјасниви; тие предизвикуваат особена метафизичка болка. За човекот којшто ја видел светлината на безначалното битие, ја вкусил полнотата, радоста и неискажливата сладост на Божјата љубов, во овој свет веќе не останува ништо што може да го опрелести. Во некоја смисла, земниот живот за него станува тегобен, безрадосен и тој со плач одново го бара оној живот до којшто му било дадено да се допре. Маж којшто ја изгубил својата жена што огнено и искрено ја љубел, или, мајка којашто го губи својот единствен возљубен син, само делумно можат да ја разберат тагата на оној којшто ја изгубил благодатта, зашто Божјата љубов - и по својата сила, и по своето достоинство, и по својата сладост, и по својата неизмерна убавина и власт - неизмерно ја надминува секоја друга човечка љубов, та, затоа, свети Јован Лествичник говорејќи за оние коишто ја изгубиле благодатта вели дека: нивните страдања ги надминуваат страдањата на осудените на смрт, или, на оние коишто ги оплакуваат своите мртви.

Исклучителната загуба и страдањата поврзани со неа поттикнуваат и исклучителни подвизи; и, претставете си го мачењето на душата којашто доаѓа до изнемоштеност во своите подвизи, а сепак, не го добива посакуваното. Благодатта ретко, само за кратко, сведочи за својата близина, и потоа, одново се повлекува. Душата тешко страда од мракот на богооставеноста; умот, и покрај тешкиот подвиг на непрестаната внатрешна молитва, се помрачува и гледа демони; ноќе тие често доаѓаат да го вознемируваат монахот обидувајќи се да го оттргнат од молитвата, или, барем да не му дадат чисто да се моли. Има многу нејаснотии за душата во оваа борба и таа се колеба: зошто и поради што тоа е така? Од многуте болни страдања на срцето - монахот плаче; неговата душа тагува и го бара Бога, а околу се мрачните демони, безсрамни, грди, зли, одвратни.

„Каде си Господи… зошто си ме оставил“?

Големото и неспоредливо искуство на нашите Отци, од поколение на поколение, покажало дека многумина се удостоиле со посета на благодатта во почетокот на своето обраќање кон Бога, но само малкумина истраеле во тој подвиг којшто е совршено неопходен за оној којшто подоцна, по напуштањето на благодатта, може одново разумно да ја стекне познаената благодат. Во овие малкумина секако спаѓа и монахот Силуан. Овие кратки парчиња во коишто си дозволивме да кажеме нешто повеќе за страдањата на богооставената душа по своето значење не соодветствуваат дури и на една ноќна борба во којашто тој пребивал многу години. Паметиме како Старецот којшто воопшто не сакаше да зборува за ова, рече: „Доколку Господ не ми дадеше во почетокот да познаам колку многу Он го љуби човекот, тогаш јас не би издржал ниту една таква ноќ, а ги имаше многу“.

Поминале петнаесет години од денот кога Господ му се јавил. И, еднаш во една од тие мачни ноќни борби со демоните, кога и покрај сиот труд, не успевал чисто да се моли, Силуан станувајќи од столчето за да направи метании, пред себе здогледува огромна фигура на демон којшто стоејќи пред иконата очекувал да му се поклони нему; келијата била полна со демони. Отец Силуан повторно седнал на столчето и наведнувајќи ја главата, со болка во срцето започнал да се моли:

„Господи, Ти гледаш дека јас сакам да Ти се молам со чист ум, но демоните не ми даваат. Научи ме што треба да правам, за да не ми се мешаат“. И, чул одговор во душата:
„Гордите секогаш така страдаат од демоните“.
„Господи“, рекол Силуан, „научи ме што треба да правам за да ја смирам мојата душа“.
И, повторно Бог му одговорил во срцето:
„Држи го умот свој во адот, и не очајувај“!

Оваа кратка беседа со Бога во молитвата - претставува ново, и многу значајно собитие во животот на отец Силуан.

Ова е необично, непоимливо средство; може да се каже дури и сурово средство, но тој го примил со радост и благодарност. Срцето почувствувало дека Господ е милостив кон него, и дека Самиот раководи со него. Да се држи себе си во адот за него и не било нешто ново. До јавувањето на Господа - тој пребивал во адот. Ново во Божјиот совет е „и не очајувај“. Претходно тој доаѓал до очајание; сега, повторно после многу години тешка борба и честа богооставеност, тој доживеал мигови, ако не на очај, тогаш слични на него страдања. Сеќавањето на видението на Господа не допуштало да падне до краен очај, но страдањата заради губењето на благодатта биле не помалку тешки. Всушност, тоа што го преживеал исто така било очјание, но од поинаков вид од првото. Во текот на толку години, и покрај сиот труд којшто честопати ги надминувал неговите сили, тој не го достигнувал саканото и затоа ја губел надежта дека некогаш ќе го достигне тоа. Кога после тешката борба за молитва, тој станал од столчето за да направи метанија пред Бога, но пред себе видел демон којшто очекувал да му се поклони, силно го заболела душата. И, ете, Самиот Господ му го укажал патот кон чистата молитва.

Свесни сме дека секој обид, со зборови да се изрази длабокиот духовен акт, претставува обид со недоволни средста, но немајќи подобри ќе ги исползуваме оние што ни се достапни.

Во што е суштината на советот Божји кон отец Силуан?

Во тоа што тогаш на неговата душа и се открило не апстрактно - интелектуално, а суштински, дека корен на сите гревови, семе на смртта е гордоста; а, дека Бог е Смирение, и затоа оној којшто сака да Го стекне Бога должен е да стекнува смирение. Тој познал дека тоа неискажливо, слатко и големо смирение Христово коешто му било дадено да го доживее за време на Јавлението е неделиво својство на Божествената љубов, на Божественото битие. Оттогаш тој вистински познал дека сиот подвиг треба да биде устроен на стекнување на смирението.

Сега душата на монахот Силуан торжествувала, торжествувајќи на еден посебен, непознат за светот начин. Нему му се дало да ја спознае големата тајна на Битието; да ја спознае суштински. О, колку е милостив Господ: на смирениот слуга Он му ги открива своите тајни и го учи на патот на вечниот живот. Отсега Силуан со сите сили на душата ќе се придржува на патот што Самиот Бог му го покажал.

преводот од руски јазик, на Софрониј Димески е од изданието:

Иером. Софроний
Старец Силуан
Склад издания у автора:
26, rue Alleray, Paris-XV
1952