Успение

Platina Monastery, California USA

монах Дионисиј (Ботев)

Преподобен Јоаникиј Ракотински

Успение број 6 · November 2003 · Свети отци · Print

Архимандритот Јоаникиј е роден 1839 година, а се упокоил пред повеќе од шеесет години, на 24 јануари 1941 година. Податоците за неговиот живот се ограничени на само неколку редови, но сепак доволни да се здобиеме со точна претстава за неговата од Бога просветлена личност.

Си спомнуваме за некои од мачениците, вброени во редот на светиите заради нивното исповедање на верата, а за коишто нема скоро никакви податоци; но, нивните свети мошти сведочат за нивниот живот.

Токму светите и нетлени мошти на преподобниот архимандрит, пројавени на чудесен начин преку излегување од земјата, пред 40 години, потсетија за постоењето на овој голем богоугодник. И, по нивното второ чудесно јавување (затоа што при првото јавување заради страв од тогашните комунистички власти и заради незнаење, мештаните веднаш ги закопале), парохискиот свештеник, освен што уредно и според црковните правила ги измил, немајќи никаква подршка за понатамошна процедура, не успеал да стори ништо повеќе. Дури и податоците што тогаш ги собрал и подготвил за публикација, биле изгубени од црковната администрација. Привремено телото на подвижникот било положено во една од селските цркви, од кадешто (заради несоодветен однос кон истото), повторно било вратено во некогашниот гроб, овојпат покриен со три камени плочи и на едната од нив отвор преку којшто поклониците можеле да го видат од Бога сочуваниот лик на светителот којшто се наѕирал низ стаклото на ковчегот во којшто бил положен.

За жал, она што Бог толку време го запазил под земја, и за да ги направи луѓето свои соработници (1Кор. 3. 9) предавајќи им го на грижа, телото на блажениот заради одбивањето на соработката со Бога и негрижата, почнало да се распаѓа, та при нашата прва посета во с. Ракотинци, можевме да ги видиме светите мошти, но и да го почувствуваме прекрасното благоухание што излегуваше од нив.

Сето ова не однесе до тогаш последните живи мештани, коишто иако во длабока старост, со свежина сведочеа за неговиот живот.

Освен годината, датумот и местото на раѓањето не се познати, но мештаните паметат дека Дедо Аџија како што го нарекувале, заради неговите поклонички патувања, бил охриѓанец. Пред да се насели во манастирот „Свети Илија“ во с. Ракотинци, каде што по долгогодишен монашки живот и го оставил своето нетлено тело, извесно време живеел во Марковиот манастир. Во с. Ракотинци, на големиот манастирски имот, покрај неколкуте работници, му помагал и отец Софрониј (мештанин) којшто бил и единствениот монах што живеел со него во манастирот.

Отец Јоаникиј го паметат како најобразованиот човек во околината; за совет кај него доаѓале дури од најоддалеченото село Брезница каде што бил омилен помеѓу луѓето, но и турски аскери коишто подеднакво го почитувале. Бил помесен судија, и прв даскал во, од него, основаното училиште (1876 година). Образованието продолжувало и надвор од училишните клупи, во светиот храм каде што богослужбениот циклус течел непречено и покрај многубројните полски работи за коишто повторно грижа водел самиот тој.

Како вистински пастир, тој се грижел не само за душите на луѓето, но и за нивните тела. Ги лекувал луѓето од најразлични болести, најчесто со билки. Во црковната архива сеуште се чува од него напишаната книга „Лекаруша“. Но, таму каде што медицината затајувала, започнувала духовната медицина. Двајца од мештаните сведочат за исцеленијата добиени под епитрахилот на светиот архимандрит Јоаникиј. Едниот од нив боледувал од глисти, додека, пак, мнозина биле излечени од маларијата застапена во тоа време. Секако дека ова не биле единствените исцеленија. Тоа се гледа од масовната посетеност на манастирот за време на неговиот живот, а не помалку и по неговата смрт; оние што не успеале да примат благослов од него додека бил жив, добиле поклонувајќи се на неговите свети мошти.

Богопросветената личност на отец Јоаникиј се покажува во нејзината полнота и со дарот на пророштво. И навистина, не многу време по неговата блажена смрт, се оствариле неговите зборови дека дрвјата во околината ќе бидат исечени, изворите ќе пресушат, а мештаните ќе се исселат.

За овој свет угодник на Бога, знаел и тогашниот епископ Јосиф којшто при една средба со него забележал: „Јас сум епископ по чин, а ти по дело“.

Во овој краток приказ присутни се сите делови на агиографската структура: животот, делата и учењето, пророштвата и чудата. Најсмирено се прашуваме: зошто после возобновувањето, еве, имајќи ги предвид - епископот Гаврил Велички и архимандритот Јоаникиј, во нашата света Црква немало канонизација на светител, и дали со тоа нашата Црква е единствената во поновата црковна историја којашто, при луѓе коишто народот ги смета за светители, да нема канонизирано светител?

„Нашиот Господ Иисус Христос ни ги дарувал моштите на светиите како спасоносни извори коишто на многу начини излеваат добродетели на немоќните. Затоа ако некој се осмели да ги отфрли моштите на светителите… да се лиши (одлачи) од Светата Причест“.

Ова правило на VII Вселенски Собор секако дека не ги повикува толку на одговорност мештаните од времето кога пред четириесетина години се јавиле моштите на светителот, колку што не повикува сите нас сега, кога монаштвото во Македонија е возобновено, па дури е оформена и комисија за канонизација на светители. Не смееме да останеме рамнодушни и млаки, дотолку повеќе што сега Црквата има најголема потреба од нив - зашто Црква без светители, всушност и не е Црква.