
Кратко житие на Свети Арсениј Велики
Свети Арсениј (354 -449) по потекло е од Рим. Успева да се стекне со врвно класично образовение, благодарение на што бидува повикан од императорот Теодосиј I Велики да им биде педагод на неговите синови Хонориј и Аркадиј.
Светскиот живот го напушта во 349 г., заминувајќи да живее во Египет како прост монах, после едно потресно искуство. Имено, уште додека бил во царската палата, тој се молел на Бога, говорејќи:
- Господи, поучи ме како да се спасам!
И му дојде глас кој велел:
- Арсениј, бегај од луѓето и ќе се спасиш!Подоцна, образложувајќи го своето бегство во египетската пустина, тврдел: „Ние ништо не стекнуваме, образувајќи се во световните вештини, додека овие прости Египтјани со својот подвиг си стекнуваат добродетели“.
Впечатокот што го остава авва Арсениј врз современиците најдобро е искажан од неговиот соподвижник старец Даниил, кој за него вели: „Никогаш не сакаше да говори за некои прашања од Светото Писмо, иако можеше, ако посака. Кога доаѓаше во црква, стоеше зад столбот за никој да не го види неговот лице, а ниту тој да ги набљудува другите. Ликот нему му беше ангелски, како кај Јаков, наполно бел, со стројно тело, иако беше сув. Имаше долга брада, до стомак, а трепките му беа отпаднати од плачење. Беше висок, но подгрбавен од староста. Доживеа девеесет години. Служеше на дворот на блажениот Теодосиј Велики 40-ет години како духовник на Аркадиј и Хонориј. И во Скитот проживеа 40-ет години, а десет во Троја над Вавилон, наспроти Мемфис, и три години во Каноп крај Александрија, додека останатите две години ги мина повторно во Троја, кадешто и се упокои, откако во мир и страв Божји го измина својот животен пат; зашто беше благ човек преполн со Дух Свети и вера.“
На преподобниот Арсениј Велики
Поучение и Ободрување
Браќа и отци, на секоја работа со којашто некој би се нафатил, и претходи некаква причина и намера, според кои таа бива извршувана. Така, за причина на нашето бегство од светот ќе ги наведеме, што друго,ако не очистувањето на душата и нејзиното спасение, коешто оттаму следува.
Значи, треба ние со сета сила да тежнееме себеси да се очистиме, и тоа најповеќе внатрешниот човек, каде што, впрочем, и војната е поголема, а победата помакотрпна. Зашто има мнозина коишто пројавиле велико возржание во однос на плотските скверности и дејноста на гревот, та спроведувале пост, бдеење и други слични злостраданија, меѓутоа, кога станува збор за осквернетоста на мислата и нејзиното целосно очистување, воопшто не, или, пак, сосем малку се потрудиле, дотолку повеќе што заповедта не се однесува само на очистувањето од плотската испоганетост, туку и од онаа на духот.
Имено, додека многу се оние што се погрижиле да го одбегнат блудот и останатите сладострастија, за тоа време малцина се имаат потрудено совесно да побегнат од завлекувањата на поскришните страсти, какви што се: зависта, славољубието, самомнението, ламтежот по пари, и она што е најлошо - гордоста.
Оттука ним очистувањето им е половично, и, всушност, во поголем и позначаен дел си останале неочистени; та биваат како кипови коишто однадвор само блескаат од позлатата и бронзата, а одвнатре полни се со нечистотија и секакво друго неугледно вештество.
Токму затоа во најголема мера должни сме да настојуваме од страстите што не се јавни да се очистуваме.
Згора, не треба да го заборавиме и тоа, браќа, дека ѓаволот, кој вражествува против нас, послужувајќи се со множество најразлични средства, се обидува нас да нè измами, и под изговор на некое добро, прави да попаднеме во зло.
На пример, ни го подметнува нам под вид на гостољубивост и следствената љубезност кон браќата што ни наминале, и тоа да јадеме и пиеме со нив. Иако поводот тука е красоста на љубовта, сепак се случува лека полека да биваме поткраднувани и намамувани, завлекувајќи се тајно кон слугување на мевот и осквернувајќи се до крај со острастеностите и насладите.
На други, пак, им внушува божем милосрдие и добрина, преку добротворство кон сиромасите, а оттаму, всушност, ним им всадува љубов кон парите и ги збудалува од среброљубие.
Има и такви на коишто помагањето на мноштвото им го засејува како мамка, со што, сметајќи го тихувањето за бесплодно, тие го напуштаат. Многумина се и тие кои не само што ги завел да се мешаат со светски луѓе, туку дури и со жени, онака невнимателно, небаре веќе го имаат досегнато бестрастието, на тој начин покажувајќи ги нив клетите како сластољупци и острастеници.
Некои ќе ги остави невознемирени, прелажувајќи ги дека не се пленети од ниедна страст, па ги наведува на превознесување, со што лесно ги кутнува.
Се случува дури и да престане да војува со некои, посебно со тие коишто од неодамна пристапиле кон подвижничките трудови, па така, ги заведува да бидат небојазливи и неодговорни, како последица на што ги фрла нив во немарност, предизвикувајќи да не се грижат тие за подвизите, та ненадејно им се нафрла ним, лесносовладливи и разоружани, и со бура од неброени помисли ги растројува и возматува, а честопати и во пропаста на страстите ги потопува.
Други, пак, ги вовлекува во тоа да бидат самоуверени дека веќе достигнале некаква висока мера, па уште и ги наведува да ги прифаќаат исповедувањата на туѓите помисли, страсти и битки, додека самите сеуште не се измиле убаво од сопствените страсти, така што најпрвин им внушува припомнувања и отпечатоци од слушањето, а потем ги соборува нив скрбно и во осквернување на плотта.
Со оглед на тоа што нападите на искушителот се толку различни, многуобразни и тешко распознатливи, нам ни е неопходна претпазливост, будност и внимателност во однос на доброто, за просветлени од него, да не згрешиме, чинејќи го она што е зло, небаре е добро, ниту да попаднеме незнајно во нешто штетно; ами треба да бидеме бодри и да бдееме, набљудувајќи од каде, кога и како оној ги извршува нападите, така што воопшто под ниеден од нив да не подлегнеме, поради нашето невнимание.
преводот од старогрчки јазик на Игор Радев е од изворникот:
του Οσίου Αρσενίου του Μεγάλου
διδασκαλια και παραινεσις
од изданието:
Άγνωστες σελίδες τού
γεροντικου
Εκδοσεις Το Περιβόλι τήσ Παναγίας
Θεσσαλονίκη, 1996

