Успение

Свети Григориј Богослов

Кон Светата Пасха и за колебањето

Успение број 7 · April 2004 · Свети отци · Print

Кратко житие на Свети Григориј Богослов

Свети Григориј Богослов е роден околу 330 г. во гратчето Аријанз, кападокија - Мала Азија. Татко му бил епископ во соседниот Назијанз, а неговата мајка, света Нона, му била прва учителка во благочестието.

Со образование се здобива во Атина каде соученик му е свети Василиј Велики. По враќањето во татковината, речиси против своја воља и по долго колебање, ракоположен е за презвитер во Назијанз од страна на татка си. На Пасха 362 г., ја превзема пастирската должност во градот, и во таа прилика го изговара знаменитото слово – „Кон светата Пасха и за колебањето“, поместено во овој број на нашата периодика. Во екот на борбата со аријанската ерес поставен е за епископ по залагање на свети Василиј, а по неговата смрт, повикан е да го брани Православието во Цариград, кадешто во тоа време непопречувано царувала ереста поткрепена од државната власт. Според зборовите на самиот свети Григориј – „Црквата беше без пастир, Доброто на сите страни се уништуваше, додека злото нараснуваше. Требаше да се плови ноќе, а никаде светилник.“ Според сопственото признание тој таму не наоѓа „паства, туку мали трагови или остатоци од паства, без било каков поредок, без надзор, без меѓи…“ Свети Григориј почнува да проповеда во приватен дом на некои свои роднини, кој подоцна го преуредува во храм под името „Анастасија“, во знак на воскресението на православието. Во таа прилика ги произнесува своите славни беседи „За богословието“. Аријанците под закрила на власта реагирале бурно. На свети Григориј му праќале убијци, толпата упаѓала во неговиот храм, го гаѓале со камења. А, згора на сè, неговите противници го обвинувале за нарушување на јавниот мир.

Конечно, благодарение на проповедничките усилби на свети Григориј Богослов, Православието торжествува во

Константинопол и бидува укрепено на II Вселенски Собор од 381 г., во чијашто работа учествува и самиот тој.

При крајот на животот ги напушта епископските должности и си ја исполнува дамнешната мечта - се предава на богосозерцателен живот, патувајќи по пустините и монашките обители.

Се упокојува во 389 г.

Позначајни негови дела што дошле до нас се: 45-те Беседи, со непроценлива вредност за богословието на Црквата, бројните писма и поетските творби.

(Ова кусо житие е избор од поопширната студија за свети Григориј Богослов од книгата „Источните отци на IV-от век“ од отец Георгиј Флоровски)

Слово 1

Кон Светата Пасха и за колебањето1

1. На Воскресението е ден и почетокот ни е десен, та да се озариме со Празникот и еден и еден друг да прегрнеме! Да им кажеме - браќа2 и на оние што нè мразат, не сал на тие кои од љубов нешто ни сториле или претрпеле.

Сè да простиме со Воскресението! Да си дадеме прошка еден на друг, - јас, кој бев тиранствуван со прекрасна тиранија (сега ете ова го изнесувам), и вие, коишто красно тиранствувате, доколку нешто сте ми забележале за колебањето, кое како да е поарно и почесно пред Бога, отколку итањето на некои други. Зашто добро е по малце и да се отстапи пред Бога, токму како Мојсеј на времето, а подоцна и Јеремија3, за потем спремно да притрчаме, штом ќе повика, како Аарон и Исаија4, - но само и едното и другото нека се врши благочестиво; првото - поради сопствената немоќ, а второто - заради моќта на Призивателот.

2. Таинството ме помаза, пред Тајната малце одстапив, колку себеси да се испитам; со Тајната, пак, сега влегувам, приведувајќи го Денов како добар покровител на мојата бојазливост безсилност, такашто Оној, Кој денес воскресна од мртвите, и мене да ме возобнови преку Духот, па облекувајќи ме во новиот Човек, да ме предаде на Новата Твар, на оние коишто се родени според Бога5, да им бидам ним добар изобразител и учител, со Христа доброволно усмртуван и воскреснуван.

3. Вчера Агнецот беше заклан, и се помазуваа портите, и Египет си ги оплакуваше првородените, а нас, пак, истребителот нè одмина, и Печатот беше страшен и достоен за почит, и со Чесната Крв6се обѕидавме. Денес во чистота избегавме од Египет и од фараонот, горкиот владетел, како и од тегобните надзорници, па се ослободивме од калта и правењето тули7. И веќе нема кој да нè спречува на Господа Бога наш Празникот на Исходот да му го празнуваме; и тоа да Му го празнуваме не во квасецот стар на злобата и лукавството, туку во бесквасниците на чистотата и вистината8, без да си понесеме ништо од Египетската и безбожничка закваска9.

4. Вчера се распнав со Христа, а денес се прославувам со Него. Вчера бев соумртвен, а денес со Него оживувам. Вчера се погребав со него а денес бивам соподигнат. Туку, да Му принесеме плодови на оној, кој заради нас пострада и воскресна10. Можеби мислите дека говорам за злато ил’ сребро, или за некакви ткаенини ил’ камења проѕирни и скапоцени, минливите вештества на земјата, коишто речиси секогаш и најповеќе ги имаат злите и робовите на нижото и на светодржецот11. Всушност, самите себе треба да се принесеме како плод, ние, на Бога најдрагото и најближното владение. Да му го воздадеме на Образот она што е „по образот“12, да го познаеме сопственото достоинство, да Го чествуваме Првообразот, да ја узнаеме силата на тајната и заради што Христос умре.

5. Да постанеме како Христос, бидејќи и Христос стана како нас. Да станеме богови, заради него, зашто и Он Се стори човек, заради нас. Така, го прифати полошото, за да го подаде подоброто. Осиромашени, за ние преку Неговото сиромаштво да се збогатиме13. Образ на слуга14прими, за ние слободата да си ја добиеме15. Слезе, за да се извишиме. Беше искушан, за ние да победиме Беше бесчуствен, за да возслави. Умре, за да спаси. Се вознесе, за кон Себе да ги привлече полегнатите долу, во гревовниот пад. Тогаш, секој нека даде сè, сè нека Му принесе како плод на Оној, Кој Себеси Се даде во Откуп и Замена за нас16. Притоа, не ќе даде ништо такво какво што си е, всушност, самиот тој, тајната штом ја разбира, и кој станал заради Него сè она што и Он заради нас постанал.

6. Ви плодоноси Он, како што гледате, пастир; зашто кон тоа се надева и се моли, тоа го бара од нас што сме му под раката негова, тој - добриот пастир, кој душата си ја полага за своите овци17, и двоен наместо единечен вам себеси ви се подава; и бастунот на староста го претвора во во стап на Духот, та на бездушниот храм му додава душевен18, на овој прекрасен и небесен му додава каков и да е, волицок, но сепак за него најскапоцен, со многу пот и труд изграден, уште да речеме дека и достоен е за трудовите. И тој сè свое на вас ви го принесува. (О, великодушност, или повистинито да кажеме - чедољубивост!) А тоа е: староста, младоста, храмов, архиереот, подателот на наследството, наследникот, словата по кои се зажелевате; и тоа не такви кои се залудни и во ветер расфрлани одвај до ушите што досегаат, ами оние коишто Духот ги пишува и ги втиснува во плочи камени, односно плотски19, коишто не се исцртани сал на површината.ниту се лесно бришливи, туку се во длабочината се изобрезани, не се со мастило а со благодат20.

7. Тоа, значи, ви го дава вам овој честит Авраам, патријархот, чеснава и почитувана глава скровиштето на сите блага правило на добродетелта,совршенствово на свештенството, кој денес доброволно си ја пиведува својата жртва кон Господа - единородниот син на ветувањето21. Така, и вие принесувајте му плодови на Бога и нам, со тоа што ќе бидете добра паства, населени на место тревно, напојувани од водите на покојот22, познавајќи си го добро пастирот, а и од него познавани, следејќи го кога пастирски и слободно ве повикува низ дверите; а по туѓинец, пак не одејќи, таков кој прескокнува преку оградата разбојнички и коварно23, ниту слушајќи туѓ глас што поткраднува и ве расејува подалеку од Вистината во гори и пустини, во бездни24 и во места коишто Господ не ги епископствува, со што ве одвојува од здравата вера, онаа во Отецот и Синот и Светиот Дух, Единото божество и Сила Чијшто глас отсекогаш го слушале и го слушаат моите овци, а не зборови подмолни и гнилежни што ги разлачуваат од нивниот Вистинит и Прв Пастир. Од такви сите да се тргаме, и пастирите и паствата, како од болно смртоносно пасиште, и напасителите и напасуваните, та сите сега а, и во тамошниот покој да бидеме едно во Христа Иисуса25, Комушто славата и власта му се во веки. Амин.

  1. Ова слово произнесено е од Св.Григориј Богослов на Велигден 362 год. во Назијанз, како прва проповед по ракополагањето за свештеник. Меѓу другото, во неа се правда за своето колебање да ја прими свештеничката служба, на што речиси бил принуден од својот татко, стариот епископ Григориј. []
  2. Иса. 66, 55 []
  3. Исх. 4, 13; Јер. 1, 6 []
  4. Исх. 4, 27; Иса 6, 8 []
  5. Јов. 1, 16 []
  6. Исх.12, 5, 5 - 14; 29 - 31; 1 Пет. 1, 19 []
  7. Исх. 1, 14 []
  8. 1 Кор. 5, 8 []
  9. Исх. 12, 34 []
  10. Рим.7, 4; Кол. 6, 10 []
  11. Јов. 14, 30 []
  12. Бит. 2, 7; Рим. 8, 29; Кол. 3, 10 []
  13. 2 Кор. 8, 9 []
  14. Фил. 2, 7 []
  15. Гал. 5, 1 []
  16. Мат. 20, 28 []
  17. Јов. 10, 15; ова се однесува на таткото на св. Григориј. []
  18. Овој пасус се однесува на поставувањето на свештеник на самиот Св. Григориј, извршено од неговиот татко, кој пред тоа го има обновено храмот во Назијанс чудесна убавина []
  19. Ез. 36, 26; 2 Кор. 3, 2 - 3 []
  20. 2 Кор. 3, 3 []
  21. Бит. 22, 2; Гал. 3, 16; а исто така, овде се укажува и на тоа дека Св. Григориј бил роден како исполнување на мајчината молитва, поради што таа уште од колевка го посветила на Бога (иако имал и постара сестра - Горгонија и помал брат - Кесариј) []
  22. Пс. 22, 2 []
  23. Јов. 10, 9 - 5 []
  24. Ез. 34, 5 - 6 []
  25. Јов. 17, 21; Гал. 3, 28 []

преводот од старогрчки на Игор Радев е од изворникот:

Του εν αγίοις πατρός ημών Γρηγορίου του Θεολόγου, αρχιεπισκόπου Κωνσταντινουπόλεως
Λόγοι / Λόγος Α΄
Εἰς τὸ ἅγ. Πάσχα καὶ εἰς τὴν βραδύτητα