Успение

Свети Амвросиј Милански

За покајанието

Успение број 1 · April 2001 · Свети отци · Print

Кратко житие на свети Амвросиј Милански

Свети Амвросиј (340-397) е роден во Галија, денешна Франција, а образование стекнал во Рим. По Божја промисла бил избран за епископ на Милано во 374 година. Тоа се случило на следниов начин: кога постоела несогласност кој да биде избран за епископ, еден детски глас во црквата извикал: “Амвросиј епископ! Амвросиј епископ!”. Амвросиј тогаш не бил крстен но се подготвувал за свето крштение. Тој им го објаснувал тоа на луѓето, дури на двапати се обидувал и да избега од Милано но, после сите настојувања тој примил свето крштение и во текот на една седмица ги минал сите црковни степени и бил поставен за епископ на голема радост на сиот народ. Оваа високо призвание целосно го оправдал, бивајќи непоколеблив заштитник на Православието против ересите и строг пазител на чистото христијанско учење. Не плашејќи се дури и од судир со царот, тој ги заштитувал интересите на Црквата и, ја возвеличувал во слава. Свети Амвросиј без страв го сретнал императорот Теодосиј при входот во храмот и му кажал дека не може да биде во заедница со другите христијани, додека не се покае:

- Можеш ли да го примиш Телото Христово, му кажал епископот, кога си ја пролеал крвта на толку невини? Можеш ли да пиеш од чашата Господова со устата од којашто произлегла страшната пресуда?

- Но, и Давид згрешил, одговорил царот, а сепак не бил лишен од милоста Божја.

- Ако си го подражавал Давид во гревот, подражавај го и во покајанието, кажал свети Амвросиј.

Царот го послушал свети Амвросиј и, отакако принел вистинско покајание, стоејќи во храмот во најпроста облека, преумувајќи се, молејќи се и пролевајќи покајнички солзи, му било допуштено од епископот - свети Амвросиј да се причести со Телото и Крвта Христови.

Свети Амвросиј е автор на повеќе теолошки дела меѓу кои: “За девственоста”, “За верата”, “За Светиот Дух”, “За тајната на овоплотувањето Господово”, “За должностите на свештениците” и “Писма” од коишто еден дел е и книгата “За покајанието”, поместена во оваа периодика, а насочена против ереста на Новатијан.

Самиот свети Амвросиј има составено и повеќе црковни песни. Свети Амвросиј радосно и спокојно ја предал душата на Бога ноќта пред светлиот празник Воскресение.

За покајанието

1. Од секоја доблест, чијашто цел тежнее кон напредок, без соменение умереноста е најубавата. Таа не ги суди, ниту ги казнува, и, ако ги суди оние “достојни” за тоа, обично тоа го прави со простување. Најпосле таа е онаа којашто ја шири Црквата создадена со Крвта Божја (Дела 20, 28). Таа е образ на добродетелта небесна и, на сеопштото спасение. Таа е онаа којашто ублажува со здраво ограничување, за да можат ушите на луѓето да го поднесат тоа што не е подносливо; за да не се изгуби духот, да не се исплаши душата.

2. Оној којшто настојува да ги исчисти грешките од човечката немоќ, треба да ја поднесе истата немоќ и, на некој начин да ја одмери на своите плеќи, а не да ја отфрли. Зашто, Оној евангелски пастир, како што се кажува, ја донел изнемоштената овца, а не ја отфрлил (Лука. 15. 5); и Соломон рече: “Не бивај строг и немој да се покажуваш за многу умен, за да не се избезумиш” (Проп. 7. 16). Умереноста треба да ја смирува праведноста. На кој начин мислиш да те исцели оној кон којшто ти имаш одвратност, ти којшто мислиш за свој лек да го имаш презирот, а не сочувството?

3. Затоа Господ Иисус трпи со нас, за да нè повика кон Себеси, а не да нè одврати. Кроток дојде, дојде смирен по срце (Матеј 11, 29), и рече: “Дојдете при Мене сите изморени и обременети и јас ќе ве успокојам” (Матеј 11, 28). Господ Иисус успокојува, не одбива, не отфрла. Со право, такви ученици и одбра, посредници на Божјата воља, да го соберат и примат народот Божји.

Јасно е дека не треба да се сметаат за ученици Христови оние коишто мислат да ја следат суровоста наспроти кроткоста, горделивоста наспроти смиреноста; и, кога самите бараат милосрдие од Бога, го одбиваат од другите; тие се учители на Новатијанците коишто себеси се нарекуваат “исчистени”.

4. Што е погорделиво од овие? Кога самото Писмо вели: “Кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден” (Јов 14. 4). И, Давид извикува: “Очисти ме од мојот грев”. (Псалм 50. 2). Поголеми светители ли се тие од Давид, во чијашто фамилија Христос одбра да се роди според мистичното воплотување? Во Него е царството небесно, плод на утробата девствена, Којшто се принесе како Спасител на светот. А, пак, што е посурово од тоа да прогласат покајание, а да не простуваат, кога секако при одбивањето на простувањето го одвраќаат она коешто го потикнува покајанието? Никој не може да прави добро покајание, освен оној којшто се надева на простување.

5. Тие не се согласуваат дека заедницата треба да ги врати оние коишто паднале во отпадништво. Ако, единствено го издвојуваат таквиот злостор на сквернавење, кому што му го негираат простувањето, се разбира дека е сурово, но таквиот злостор би се согласил со нивните тврдења, и се чини дека единствено е побиен од божествените заповеди. Господ не прави исклучок за ниеден злостор, Он ги простува сите гревови. Истите сметаат, според обичајот на Стоиците, дека сите гревови треба да се проценат со иста мера, и тврдат дека засекогаш треба се одвојат од небесните тајни, подеднакво оној којшто ќе го убие петелот во кокошарникот, како оној којшто ќе го убие својот татко. Па тогаш, како ги одбиваат оние коишто се одвратени само заради еден злостор? Тоа би било најнедостојно - и самите не можат тоа да го одречат- бидејќи казната од малкумина ја префрлаат на многумина.

6. Но, велат дека почит на Бога му укажуваат, само оние коишто ќе ја сочуваат можноста за простување на беззаконијата. Секако, никој не прави поголема неправда отколку оние коишто сакаат да ги срушат заповедите Негови, и да ја отфрлат доверената задача. Кога Самиот Господ Иисус во Евангелието свое ќе каже: “Примете Дух Свети, на оние на коишто ќе им ги простите гревовите ќе им се простат, а на оние на коишто ќе им ги задржите, ќе им се задржат” (Јован 20, 22- 23); Кој Го слави повеќе Бога, оној којшто е во послушание на заповедите Негови, или оној којшто им се спротивставува?

7. Црквата, и во двата случаи му служи на послушанието, за гревот, и да го врзе и да го отпушти. Ереста, којашто во едно е крута, а во друго се одликува со непослушност, сака да го врзе она коешто не го отпушта и, не сака да го отпушти она коешто го врзала. Во тоа, тврдењево самото себеси се осудува. Господ сакаше подеднакво право да им даде и на отпуштањето и на врзувањето, Он подеднакво го допушти и едното и другото. Оној којшто нема право во отпуштањето, нема ниту во врзувањето. Според Божја промисла: оној којшто има право да врзува, има и да отпушта, така што изјавата на истите, самата се задушува, зашто ако го одрекуваат правото на отпуштање, должни се да го одречат и правото на врзување. Како може да се допушти едното, а да не се допушти другото? Ним и двете им се дадени, или, очигледно е дека и двете им се допуштени, или, сигурно е дека ниту едното од двете не им е допуштено. И едното и другото н е допуштено на Црквата, а на ереста ни едното ни другото не н е допуштено, зашто ова право само на свештениците им е допуштено. Со право Црквата ги зема на себе, бидејќи има вистински свештеници; ереста не може да ги зема на себе зошто нема Божји свештеници. Бидејќи нема свештеници, ереста не се огласува со превземање и, не смее да си го присвои за себе свештеничкото право. Така во бесрамната дрскост откриваме признание полно со заблуди.

8. Исто така запази го и ова: оној којшто го прима Светиот Дух, ја прима силата на врзување и отпуштање на гревот. Вака вели писмото: “Примете Дух Свети; на оние на коишто ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на оние на коишто ќе им ги задржите, ќе им се задржат” (Јован 20. 22,23). Значи, оној којшто не може да отпушта гревови, нема ни Дух Свети. Зашто службата на свештеникот е дар од Светиот Дух, а Светиот Дух допушта врзување и отпуштање на беззаконијата. Како го примаат на себе дарот Негов кога не веруваат во силата и вистинитоста Негова?

9. А, што да се каже за нивната крајна дрскост? Значи Духот Божји е повеќе наклонет кон милосрдието отколку кон строгоста, тоа што Он рекол дека го сака, тие не го сакаат, а тоа што Он рекол дека не го сака, тие го прават; бидејќи ако суди правилно, тогаш простува на оној којшто е милосрден. Треба да се биде потрпелив. О, Новатијан, треба да простуваш одошто да врзуваш; од една страна сурово е во однос на грешникот да го докажуваш своето право, а од друга страна сочувство е заради болката да му простиш.

10. Велат, дека откако ќе ги издвојат потешките беззаконија, им простуваат на полесните. Но, тоа не е случај со зачетникот на нивната грешка, Новатијан, којшто сметаше дека никому не треба да му се даде покајание, а со ова размислување се разбира, самиот не би можел ниту да простува, ниту да врзува гревови, ниту, пак, откако самиот се врзе да се надева на простување. Тоа значи, дека со сопственото размислување му судите на вашиот татко; вие правите разлика во гревовите, сметате дека тие треба да бидат отпуштени од вас, откако ќе ги процените, а без да ги исцелите. Но, Бог не прави разлика, и им даде милосрдие на сите и им допушти слобода на своите свештеници во отпуштањето на гревовите без никаков исклучок. Оној којшто ќе го зголеми гревот, го зголемува и покајанието; поголемите гревови се очистуваат со поголемо плачење. Ниту се оправдува Новатијан, којшто им го спречи простувањето на сите, ниту пак вие, наследниците на истиот и зачетници на осудата, бидејќи ја намалувате силата на покајанието, тогаш кога таа треба да се зголеми, а милосрдието Христово поучи дека потешките гревови треба да се потпираат на поиздржливи потпори.

преводот од латински јазик е на Маја Басотова, од француското издание:

Ambroise de Milan
La Pénitence
Les Éditions Cerf
29 bd de Latour - Maubourg, Paris 7
1971