Успение

во Јордан

свети Климент Александриски

Поттик кон истрајност или кон тукушто крстените

Успение број 1 · April 2001 · Свети отци · Print

Кратко житие на свети Климент Александриски

Свети Климент Александриски е еден од апостолските Отци. Роден е околу 150 година, а неговото потекло се наоѓа во богатите и угледни слоеви на атинската аристократија. Имал исклучително добро и сестрано образование. Христијанството го примил во зрели години како и повеќето грчко-римски интелектуалци од тоа време. Се смета дека бил презвитер, теолог, знаменит учител, егзегет, полемичар, апологет и етичар на Александриската Црква. Заедно со Пантеном неговиот учител, се јавува како основач на познатата богословска школа во Александрија.

За време на гонењето на христијаните од страна на Септимиј Север, свети Климент ја напуштил Александрија и избегал во Кесарија Кападокиска, а оттаму отишол во Антиохија. Се упокоил помеѓу 212 и 216 година надвор од Александрија во доброволно прогонство.

Негово најзначајно дело е “Голема трилогија” составено од “Протрептик” (Поттик) од коешто дело и објавуваме текст во оваа манастирска периодика, потоа “Педагог” и “Стромати”.

Поттик кон истрајност или кон тукушто крстените

Негувај го тихувањето во зборовите и тихувањето во делата, исто како и во јазикот и постапките, а, пак, непромислената жестина одбегнувај ја! Имено, на тој начин умот ќе си остане крепок и нема да се возмати од твојата јарост, та со тоа да заслабне и да стане кусовид помрачувајќи се себеси. Ниту, пак, ќе му подлегне на чревоугодието, ниту ќе биде совладан од вдарена срдба, снеможен и од останатите страсти, лежејќи како приготвен плен за нив. Впрочем, умот високо востоличен на тивкиот престол во созерцание на Бога, должен е да ги подјарми страстите. Затоа во никој случај не дозволувај да бидеш обземен од раздразливост според наравта, ниту ги натегај зборовите и, не се исполнувај со колебливост во чекорите, за тихувањето да ти се украси со добра мера, а твојот образ да пројави нешто божествено и свето. Исто така, пази се и од знаци на превознесување, од надмено држење како и од недоличен и извишен чекор. Говорот нека ти биде благ, а поздравите љубезни. Биди срамежлив кон жените и со погледот вперен в земја. Кога зборуваш, гледај сè да ти биде промислено и, возврати корисен одговор одмерувајќи го кажаното во полза на слушателите, сосем доволно гласно за да се чуе, така што твојот глас да не им се измолкне на присутните поради тивкост, а ниту пак да ја пречекори мерката дигајќи врева. Внимавај и на тоа никогаш да не кажеш нешто коешто претходно не си го одмерил и промислил и немој лекомислено да си влетуваш како во сопствениот, така и сред туѓиот збор. Тоа е затоа што треба со мера да слушаш и со мера да расправаш определувајќи си време за говор и за молчење. Радосно учи и штедро подучувај и немој никогаш поради страв од завист да си ја криеш мудроста од другите, ниту да го одбегнуваш подучувањето поради срамежливост.

Слушај ги презвитерите како отци! Почитувај ги Божјите угодници! Напредувај во мудроста и добродетелта! Не биди кавгаџија со пријателите, ниту им се потсмевај или подбивај. Смело одбиј ги лагата, лукавството и дрзоста. Со безмолвие трпи го високоумниот и дрзникот небаре станува збор за кроток и великодушен човек.

Сè што чиниш да ти биде приклонето кон Бога, било да се работи за дела или зборови, исто така сè она коешто е твое принеси му го на Христа и цврсто обрати си ја душата кон Бога, а пак мислата укрепи си ја во Христовата сила токму како божествената светлина на Спасителот да ја привела во некакво пристаниште, давајќи ѝ да отпочине од секој збор и дејствие.

Често преку ден приопштувај им ги своите мисли и на луѓето, но пред сè на Бога, како ноќе така и дење, не дозволувајќи му на долгиот сон да ги надвие молитвите и химните упатени кон Бога, зашто долготрајниот сон ѝ е сообразен на смртта. Секогаш поставувај се како сотрудник Христов којшто го проблеснува божествениот лач од небото. Христос нека ти биде постојана и непрестана радост!

Немој да си ја олеснуваш напнатоста на душата со гозби и пијанки, туку мисли само на она коешто му е достаточно од полза на телото. И не брзај најнапред за јадење, пред да дојде времето за вечера. Но, и тогаш лебот нека ти биде вечера, а земното биље и плодовите на дрвјето гоштевка. Оди на јадење стамено, не пројавувајќи знак на чревоугодие. Немој да бидеш месојадец ниту винољубец, освен ако некогаш некаква болест не те наведе кон нив како лек. Но, наспроти задоволствата во вакви нешта, ти одбери ги радостите коишто лежат во Божествените слова и химни, а коишто ги дарува Божјата премудрост, та со тоа дозволи и на небесната промисла секогаш да те возведува кон небесата.

Занемари го мноштвото грижи околу телото крепејќи се само со надежите во Бога, зашто Он достаточно ќе ти го придаде она коешто ти е неопходно, и храна за да преживееш, и покривка за телото, и одбрана од зимските студови. Впрочем, на твојот Цар му припаѓа сета земја и сè што од неа се раѓа. А Он и отповеќе се грижи за телесните членови на Своите угодници токму како да се Негови Сопствени, и небаре се светилишта и храмови Божји. Со оглед на ова не плаши се веќе и од премачни болести, ниту од доаѓањето на староста којашто и онака си пристига во свое време, оти ќе отстапи дури и болеста кога со сета душа се стремиме да ги исполнуваме Неговите заповеди.

Знаејќи го ова ободри си ја душата макар соочен и пред болест, и биди бестрашен како маж најзнаменит којшто во игралиштето со непоколеблива крепост им одолева на напорите. Не давај душата целосно да и подлегне на тагата, било кога ја притиска тегобна болест или, пак, и налегне некое друго бреме, туку со разумот долично спротивстави им се на маките, вознесувајќи му сред тешкотиите благодарност на Бога. Зашто Божјта промисла е помудра од човечката, и на луѓето ниту им е лесно, ниту возможно неа да ја разоткријат. Сожали се на унесреќените, и проси им на луѓето помош од Бога! Он, пак, ќе ја наклони Својата благодат врз пријателот којшто Го моли, а на оскрбените ќе им даде укрепа, сакајќи луѓето да ги доведе до спознание на Неговата сила, па да се обрнат кон Бога штом веќе дошле во познание и, да го уживаат вечното блаженство тогаш кога Синот Божји ќе дојде возобновувајќи им го на Своите секое добро.

преводот од старогрчки јазик на Игор Радев е од изданието:

The Loeb Classical Library
Clement of Alexandria
Ο Προτρεπτικος εισ υπομονι ι προσ τουσ νεωστι βεβαπτισμενουσ κλημεντοσ παραγγελματα
London, William Heinemann Ltd.
Cambridge, Massachusets
Harvard University Press
MCMLXI