Проповед изречена на Литургијата во неделата на Блудниот син (Ев.Лк.зач.79)
„На реките Вавилонски
таму седевме и плачевме
кога се сетивме на Сион“
Псалм 137
Како да запееме од песните Господови во туѓа земја? Вака пее израелскиот народ, браќа и сестри кога се наоѓа под ропство во Вавилон. Овој неповторлив псалм по својата убавина и длабочина поставен е да се пее на местото на полиелејниот псалм на утрената токму во оваа недела, кога се чита Евангелието за блудниот син. За туѓа, односно далечна земја се зборува и во денес прочитаното Евангелие.
Откако го доби младичот делот од имотот на татко му отиде во далечна земја, вели Евангелието. И таму го растури сиот тој имот живеејќи развратно. Овие зборови се упатени до сите нас, за да се сетиме дека после падот Адамов ние сме во земја туѓа и далечна, далеку од вистинската наша татковина која се наоѓа таму каде што е нашиот Отец. Во третата недела пред почетокот на Велигденскиот пост со кој се отвора вратата кон Пасхата, Црквата не потсетува дека ќе ни треба уште труд и напор, за да излеземе од оваа состојба на пад во која се најдовме после гревот на нашите претци, за да се ослободиме од ропството со кое нè држи гревот, за да ја напуштиме туѓината и да се вратиме кон татковината.
Тешко е човек да се развесели кај туѓинци, во туѓа куќа, во туѓа земја. Но, уште потешко е да се развесели во ропство. Ако блудниот син не може и не сака да издржи во далечна земја, без никој свој, каде јаде само од желадите кои ги јаделе свињите, ако за него нема иднина во таа туѓа земја и тежина му е секој следен ден, што да рече човек кој покрај што е во туѓа земја уште е и роб.
Што да рече Израилскиот народ кој освен што е однесен далеку од својата татковина дури во Вавилон уште се нашол и под ропство? Навистина, како да запее таму и во таква состојба од песните Сионски?
Но, како да се израдува и било кој од земнородните кој станал свесен дека овде, на земјата не е во својата татковина, и дека згора на сето тоа уште е под ропство на гревот, а при тоа не нашол пат, не нашол премин за излез од таквата состојба?
Жалосно е што од времето на падот Адамов ние сме во туѓа земја, а истовремено и поробени од гревот. Единствена рaдост во сета таа жалост е сеќавањето на иднината, која според очекувањето на нашата вера ќе биде светла. Такво сеќавање на иднината има во зборовите: „Ако те заборавам тебе Ерусалиме, заборавена да биде десницата моја … А, и ти Вавилоне, брзо ќе бидеш уништен.“
Верата, кај човекот, драги мои е сеќавање на иднината. Верата го оприсутнува и она што уште не било. Важно е да се сеќаваме на историјата, но многу поважно е да се сеќаваме на иднината. Ако е важно Јудејот да се сеќава на Ерусалим за да знае од каде произлегол, важно е, и уште поважно за Христијаните да се сеќаваат на оној небесен град кој ќе дојде на небесниот Ерусалим, за да бидат свесни не само од каде отпаднале, туку и кон каде треба да се движат.
Всушност, тоа сеќавање за добрата иднина која нè очекува е собрано, збиено во она што го нарекуваме преумување односно покајание. Што друго освен тоа сеќавање не само дека му било подобро, во својата татковина туку и сеќавање кое е исто што и надеж дека ќе му биде подобро, го подигна блудниот син да се врати од далечната земја во домот на неговиот татко и да рече: Оче, му згрешив на небото и пред тебе. И веќе не сум достоен да се наречам твој син, прими ме како еден од твоите наемници.
А, нашиот Отец кој е добросрдечен и милостив и многукратно посочувствителен дури и од оној татко на блудниот син опишан во евангелската перикопа, после тоа покајание ќе ни излезе во пресрет, и на местото на соблечената облека од нашиот стар човек преку покајанието, ќе нè облече во нова, светла, украсена. На крај ќе нè вери и со прстенот на верноста што е печат дека нè посинил, дека нè направил богови по благодат.
Можеби поточно ќе биде ако наместо блудник, синот кој го потрошил татковското богатство го наречеме расипник. Станало обичај под блудство да се подразбира телесен сексуален незаконит чин. Но, расипништвото е многу поголем грев. Покрај телесното блудство, расипништвото содржи и духовно блудство. Тоа е трошење на даровите кои како чеиз, како приќе сме ги добиле од Бога.
И не само трошење на даровите, туку и трошење на времето определено за престој на земјата. А залудно и бесцелно потрошеното време е неповратно. Секој грев, секое промашување, ако имаме време за тоа, има можност да се поправи. Но, загубеното време е непоправлив грев. Губењето на времето далеку од заедница со Бога, во туѓа и далечна земја е најголем блуд. Тоа всушност е расипништво.
Од таму и толкава радост кај нашиот Отец кога му се враќаме после блуд. Враќајќи се од таа далечна земја на блудот, каде има и разврат, и растурање и расипништво, а само Бога го нема, односно сето што таму го има туѓо е за Бога, пред нашиот Отец ние повторно се раѓаме. А, Тој се весели зашто: мртви сме биле и сме оживеле, изгубени сме биле и бевме најдени.
Сепак, големината, длабочината и силата на покајанието, љубени во Господа, малкумина ги разбираат. Дури и во Црквата има такви, а да не говориме за тоа колку нецрквените луѓе не го знаат и не го практикуваат покајанието. Но, велат поголем и поплодороден е грешник кој се кае, отколку „праведник“ кој нема потреба за покајание. Ваков сличен пример имаме во денес прочитаната евангелска перикопа. Братот на блудниот син, кој како сам за себе вели дека не престапил ниту една заповест на таткото, низ многуте години кои служел, а без сомнеж, тоа сигурно и така било, не ја знаел вредноста на покајанието. Затоа и бил нерасположен во време кое било погодно за радост, времето на покајанието на неговиот брат. Веројатно мислел дека човекот е како волкот кој влакното го менува, но карактерот не го менува. Веројатно мислел дека брат му не само што распусно го потрошил делот од имотот кој му го дал татко им, не само што со тоа донесол срам во семејството, туку дека сега се вратил да земе уште, да земе и од делот кој нему му припаѓа. Се јавило, веројатно, некаков страв кај овој „ праведник “, дека ќе биде материјално оштетен од доаѓањето и присуството на неговиот блуден брат, но можно е да се јавило кај него и завист зошто не е и тој како неговиот блуден брат?
Гледајте, колку опасности демнат над оние кои себе се сметаат за праведни. Вистина, нема подолно од тоа животот да го трошиш во расипништво, но и од тој најдолен дел на пеколот може да нè извлече покајанието. Но, од друга страна, нема полесен начин да се сопне праведникот, да падне и потполно да се парализира од оној кој го прави гревот на надменоста, високомислието, или со еден збор гордоста.
И двата гревови се против заедницата, го рушат единството со нашиот Отец, но исто така и единството меѓу луѓето. Расипникот е егоист, но во што е помалку егоист и во што помалку мисли само за себе гордиот и надмениот човек?
Нас, пак Христијаните не не спасува ниту праведноста ако е неродна, ниту покајанието ако нема плодови. Праведноста има смисла ако води кон заедница со Бога и со народот Божји, а покајанието има вредност ако е завртување од индивидуализам кон живот во единство со Бога.
Таа заедница на Бога со народот Негов заради која вреди да се каеме и преумуваме се пројавува како Литургија на Црквата. Тука, во Литургијата учевствуваат грешниците, блудниците, расипниците, но кои што се каат. Учевствуваат и праведниците, но само оние кои влегле преку вратата на покајанието. Нема друга врата за влез во Литургијата, а тоа значи за влез во заедница со Бога, за влез во Царството Божјо, освен преку покајанието.
Покајанието, пак, е потресно сознание дека гревот нè однел во туѓина далеку од нашиот Отец и дека треба со него да прекинеме за да се вратиме во заедницата со Бога која е најприроден простор за наш живот, како на земјата, така и на небото.
Проповедта е изречена во храмот Успение на Пресвета Богородица во Велес во неделата посветена на Блудниот син на 03/18 март/февруари 2002г.
Беседата е превземeна од: poa-info.org

