Во Православното Предание постои разлика помеѓу - ум и логос. Едно е ум, а друго е логос. Општо како што се гледа од православното предание, умот е окото на душата со коешто човекот го гледа Бога. Умот е орган со кој човекот го гледа несоздаденото, а логиката е центар на создаденото познавање, бидејќи ги испитува создадените работи. Некои отци за поточно да определат што е умот го поврзуваат со вниманието и велат дека умот е најистенченото внимание. Таму каде што се наоѓа вниманието, таму се наоѓа и умот на човекот. Ако вниманието е свртено и потчинето на создадениот свет значи, дека умот живее во состојба на свое неприродно движење. Ако вниманието е поврзано со логиката и човекот постојано мисли и размислува значи, дека умот не се наоѓа во своето природно движење, но е затемнет. Ако вниманието е во срцето, а истовремено логиката има свест за создадениот свет што нè опкружува, тоа покажува дека умот се движи според својата природа, ја живее својата природна состојба.
Бидејќи и оваа анализа, на оние што немаат искуство, може да им се причини неопределена и апстрактна, затоа ќе продолжам со поголемо истражување на темата во рамките на аскетското искуство на нашите светители.
Најпрво треба да се потенцира дека сознанието - што е ум, и разбирањето на разликата помеѓу ум и логос е работа на духовно искуство. Само оној којшто искусил може да разбере. Само оној којшто го очистил срцето од помислите и во којшто срцето работи природно (како што треба), може точно да познае што е ум. Оние што немаат искуство, макар и да читаат многу анализи и практични мисли, не можат да сфатат ништо. Во поглед на оваа работа се случува исто што и со телесното око. Слепиот колку и објаснувања да чуе за вредноста на боите и за нивните разлики од оние што гледаат, многу работи нема да разбере. Така и оној кај кого е помрачен умот, не може да го сфати неговото постоење, вредноста и познавањето што го стекнува, и уште нема да ја разбере разликата, односно она што умот го одвојува од логиката. Сè што се случува со телесните чувства, многу повеќе се случува со духовните чувства и нормално со умот на човекот. Затоа разбирањето на ова тема подразбира духовно, лично внатрешно искуство. Во спротивно секоја анализа ќе се поистовети со обидот на еден уметник да ја опише чудесната хармонија на едно големо музичко дело на некој којшто го нема сетилото за слух. Описот и анализата се невозможни.
Сепак, ќе изнесам една мала анализа, иако знам дека и јас лично сум слеп и глув во овие духовни теми коишто ја сочинуваат суштината и основата на православната традиција.
Човекот почнувајќи да живее духовен живот, ги исполнува во краен можен степен заповедите Христови и го живее покајанието. Во почетокот на новиот пат го обзема блажениот плач и покајание за минатиот грешен живот.
Христијанинот којшто го почнува овој пат, ги живее вистински, првите блаженства Христови, духовното сиромаштво и блажениот духовен плач. Самоукорувањето и плачот се изразуваат и преку молитвата. Значи, бидејќи ја познава својата духовна болест, плаче, рида и истовремено го моли Лекарот на душите, Богочовекот Христос да го исцели. Така во една атмосфера на најдлабоко покајание и плач се моли на Бога, кажувајќи различни молитви како „Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“, „просветли ја мојата темнина“, „исцели ја мојата душа зашто ти згрешив“, и.т.н.
Овој сојуз на смирение, плач и молитва може да почне и на друг начин. На почеток, христијанинот се вежба во молитвата, во повторувањето на молитвата „Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“ со устата и со својата логика. Се вежба, значи, во така наречениот научен метод на молитвата. После долг обид за собирање на умот во зборовите на молитвата, за отфрлање на други помисли, за време на многучасовното повторување на молитвата се раѓа чувство на ништожност, на покајание, на плач. Така, и во овој случај со молитвата е поврзано и духовното сиромаштво и блажениот плач.
Во моменти кога човекот тоа не го очекува, после голема борба и голема молитва којашто е поврзана со покајание и смирение, умот ја симнува молитвата во срцето, и суштински тогаш се разделува умот од логиката, бидејќи сега умот превзема да ја кажува молитвата, којашто претходно ја кажуваше логиката. Ова човекот го разбира како една блага болка во телесниот орган на срцето. Како кога боли еден орган на телото и се сосредоточува таму умот, вниманието; истото се случува и во овој случај, со таа разлика што оваа болка е слатка, има една топлина и се поврзува со чувствата на срцето, на љубов и ерос. Ова најточно ни го дава петното на разликата и расудувањето помеѓу тоа што е ум, а што логика. Кога умот ќе се оддели од логиката човекот ја чувствува благата и топла болка на срцето, а истовремено логиката има свест за светот што ја опкружува. Во отечките текстови и во живото предание коешто постои до денес се вели дека човекот има два спознајни центри - едниот е логиката, а другиот е умот. Исто така, се вели дека во природниот човек, во обожениот, во човекот на Божествената благодат, е возможно истовремено да работат и двата спознајни центри, да дејствуваат и двете енергии на душата, паралелно. Така, макар и да јаде и да работи можно е умот и да се моли.
Ова го разбираме од она што го кажавме претходно. Значи работи, јаде, учествува во еден разговор, спие и истовремено чувствува една блага болка во телесниот орган на срцето. Оваа болка е поврзана со симнувањето на умот во срцето, зашто го привлекува умот во овој простор, и не само што го привлекува умот туку и навлегува подлабоко. Тогаш човек го чувствува телесниот орган на срцето како еден длабок кладенец без крај. Работата на логиката и болката на срцето ја покажуваат разликата помеѓу логиката и умот. И ова, како што кажавме претходно се случува истовремено, паралелно. Ова го исполнува човекот со радост и ликување. Затоа велиме дека слегувањето на умот во срцето, умствената молитва и просветлувањето на умот не се случува со одземање на спознајните дејствија, не се случува со разумска екстаза. Човекот тогаш има потполна свест за светот што го опкружува, за своите зборови и дела, а истовремено ја чувствува оваа болка на срцето, во горниот дел на телесното срце, што точно ја разликува од болката којашто се чувствува при телесното или невролошко оболување на срцето.
Во моменти на поголема енергија оваа болка на срцето се поврзува и се согласува со една молитва, која во тој час доаѓа или како откровение од Бога, или како потреба на човекот, или е молитва којашто човекот ја имал во својата логика и којашто потоа поминала во срцето. Така, во оној час ја слуша молитвата како се кажува во срцето, а сите умствени сили и умствени чувства се собрани таму како едно чувство.
Како пример, можам да го наведам дишењето со телесниот орган на срцето. Кога ќе вдишиме длабоко и ќе го задржиме воздухот, тогаш чувствуваме како да нè боли срцето, како таму да се концентрира вниманието. Затоа и атлетите го вежбаат ова за концентрација, зашто разбираат дека има голема врска со мирот, силата и решителноста. Кажувајќи ја молитвата и спуштајќи го умот во срцето со благодатта Божја се случува ова собирање во срцето, дејствува оваа најслатка болка без грчење, без присила на срцето, но со многу удобност, многу слобода, без да прави човек усилен напор. Значи, многу мирно, без длабоки вдишувања, туку вдишува и издишува нормално, без притисок, човекот ја чувствува оваа најслатка болка. Повторувам дека ова нема врска со вдишувањата и издишувањата.
Во почетокот оваа најслатка болка бидува забележана во телесниот орган на срцето, но потоа продира во нешто друго подлабоко. Таа е психофизичка. И, како што реков погоре, се поврзува со покајание, со плач, со молитва кон Бога, а логиката живее во нејзиниот свет и телесниот орган на срцето не прима притисоци и принудувања.
Стекнува таква чувствителност, што тогаш човекот разбира кога влегува умот во срцето, а кога излегува. Тоа станува забележано, зашто постои оваа блага болка, која има една длабочина, т.е. личи на една дупка без дно. Тогаш само, човекот ја разбира разликата помеѓу ум и логос. Еден светогорец ми кажа, дека каква разлика постои помеѓу виното и чистиот алкохол, таква разлика постои помеѓу логиката и умот. Умот е истенчен, чист и силен. Логиката е погруба. Разликата е аналогна и квалитативна.
Повеќе не може човек ништо да каже. Тоа е прашање на духовно искуство, искуство на умствената енергија, на духовното чувство, коешто не се стекнува преку изучувања и анализи, ниту преку научни, филолошки испитувања на отечките текстови, но со внатрешна духовна борба со енергиите на Божествената благодат.
преводот од грчки јазик е на игуманијата Кирана, од изданието:
Άρχιμ. Ίεροθέου Σ. Βλάχου
Παραεμβασεις στην συγχρονη κοινωνια, Τομοσ Βι
Ίερά Μονή Γενεθλίου τής Θεοτόκου
(Πελαγίας)

