
Погледнете во основните принципи на европскиот хуманистички прогрес, во неговата метафизика. Очигледно е за сите нормални очи: европската хуманистичка култура систематски го затапува во човекот чувството на бесмртност, додека сосем не го затапи, та човекот на европската култура одлучно, како Ниче, тврди - тело сум и само тело. А, тоа значи: смртен сум и само смртен. Така, над хуманистичката Европа завладеала девизата: човекот е смртно битие. Тоа е формулата на хуманистичкиот човек, тоа е суштината на неговиот прогрес. Најпрво несвесно, а потоа систематски свесно и намерно во европскиот човек преку науката, и преку философијата, и преку културата е внесувано сознанието дека човекот е смртен, целиот без остаток. Тоа сознание целосно се формирало во убедување кое гласи: смртта е неопходност. Смртта - неопходност! Има ли поголем ужас, и навреда, и потсмев: најголемиот непријател на човекот - неопходен му е на човекот! Кажете, дали има тука логика, макар онаа најмалата, макар онаа детската, макар онаа инсектската? Давен и мелен во воденицата на смртта која се вика земја, европскиот човек да не ја изгубил и последната трошка разум та почнал да блада?…
Хуманистичкиот човек е опустошен, страшно опустошен, бидејќи од него е изгонето и сознанието, и чувството на лична бесмртност. А без тоа, зарем е човекот целосен човек? О, стеснет е европскиот човек, морничаво стеснет, и оџуџен, и смален, и сведен на парче и на делче од човекот, зашто од него е истерано секакво чувство на бескрајност и бесконечност. А, без бесконечност може ли човекот воопшто да постои како човек? И, ако може да постои, има ли смисла неговото постоење? А, без тоа чувство на бесконечност, зарем не е тој мртва твар меѓу тварите и минливо животно меѓу животните? Дозволете го парадоксот: јас мислам дека некои животни се побескрајни во своите чувства и побесмртни во своите желби од човекот на европскиот прогрес. Смежурен, закржлавен, овештествен, дегенерисан, хуманистичкиот човек е во целосно право кога со устите на своите мудреци објавил дека настанал од мајмун. Поистоветен со животните по потекло, зошто да не се поистовети со нив и во моралот. Припаѓајќи им на животните, кои се ѕверови по суштината на своето битие, тој им припаѓа и по моралот. Зарем гревот и злосторството не се сметаат се повеќе и повеќе во модерното правосудство за неминовност на социјалната средина, за неопходност на природата? Бидејќи во човекот нема ништо бесмртно и вечно, тогаш сета етика, на крајот на краиштата, е сведена порив. И, хуманистичкиот човек во етиката се изедначил со своите предци: мајмуните и ѕверовите, и во неговиот живот завладеал принципот хомо хомини лупус (човек на човека е волк). Поинаку и не можело да биде, бидејќи само врз чувството на човековата бесмртност може да се постави поголем и подобар морал од животинскиот. Ако нема бесмртност и вечен живот, ни во човекот, ни околу човекот, тогаш за човекот - животно е сосема природен и логичен животинскиот морал; тогаш - да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме (1Кор. 15. 32).
Релативизмот во философијата на европскиот хуманистички прогрес морал да резултира со релативизам во етиката; а, релативизмот е татко на анархизмот и нихилизмот. Оттука, на крајот на сите краишта, сета практична етика на хуманистичкиот човек, не е ништо друго туку анархија и нихилизам. Бидејќи, анархијата и нихилизмот се неодминлива, завршна, апокалиптична фаза на европскиот хуманистички прогрес. Идејниот анархизам и нихилизам, идејното распаѓање морало да се пројави во практичниот анархизам и нихилизам, во практично распаѓање на европското хуманистичко човештво и неговиот прогрес. Зарем не сме очевидци на идејниот и практичниот анархизам и нихилизам кои го пустошат европскиот континент? Збировите на европскиот прогрес се такви што како и да ги собираме, секогаш како вкупност мораат да дадат анархизам и нихилизам. Доказ? Двете Светски, всушност, Европски војни.
Глупав е европскиот човек, катастрофално глупав, кога може, неверувајќи во Бога и во бесмртноста на душата, да верува во прогрес, во смисла на животот, и да работи на тоа. Па, што ќе ми е прогрес, кога зад него ме чека смрт? Што ќе ми се сите светови, сите соѕвездија, сите култури, кога зад нив ме демне смртта, за на крај да ме улови? Каде што има смрт, таму вистински прогрес нема. Ако го има, тогаш тој е само проклет прогрес во воденицата на смртта. Затоа треба да се уништи целосно и без трага.
Таа мака од европскиот хуманистички прогрес ја по¬чувствувал, и уметнички ја изразил во својата трагедија “Rossum’s universal Robots” познатиот чехословачки писател Карел Чапек. Меѓу неговите херои Алквист и Елена се води ваков дијалог:
Алквист: Дали Нана има некаков молитвеник?
Елена: Има еден доста голем.
Алквист: И, во него, сигурно, се наоѓаат молитви за разни случки во животот? Против непогоди? Против болести?
Елена: Да, против искушенија, против поплави.
Алквист: А, против прогрес, дали има?
Елена: Мислам дека нема.
Алквист: Е, тоа е штета.
* * *
Наспроти хуманистичкиот човек и неговиот прогрес стои Христовиот човек со својот Богочовечки прогрес. Основно начело на Богочовечкиот прорес е: човекот е вистински човек единствено со Бога, единствено со Богочовекот; со други зборови: човекот е вистински човек единствено со бесмртноста, т.е., со совладување на се смртно и секаква смртност, со победа над смртта. Совладувајќи го во себе гревот и злото, Христовиот човек со тоа ја совладува смртта и смртноста во своето сознание и чувство, и се соединува себеси со Единствениот Бесмртен: Богочовекот Христос. И, соединувајќи се себеси со Бесмртниот Богочовек, тој е веќе бесмртен, во овој свет бесмртен: неговиот ум веќе мисли мисла Христова, мисла бесмртна и вечна; а неговото срце веќе чувствува во себеси живот Христов, живот бесмртен и вечен…
Како се постигнува тоа? Со вера во воскреснатиот Господ Иисус. Кога ќе поверува човек со сето срце и искрено во воскреснатиот Богочовек, во неговата душа веднаш се раѓа чувство на бесмртност, воскреснатост, чувство дека смртта е победена, а со неа и гревот и злото. Тоа чувство на лична бесмртност го воодушевува и го потикнува христијанинот на евангелски подвизи, и, тој со радост ги исполнува заповедите Христови, и со восхит минува по животниот пат од небитие до себитие, од смртност до бесмртност. Како точка која се шири во сите бескрајности, таков е човекот кој расте во Богочовекот: целиот зрачи со Божествена бескрајност и бескрајности, и се чувствува бесмртен и бескраен на сите точки од своето битие. Така трагичното начело на хуманистичкиот прогрес: смртта е неопходност, се заменува со радосното начело на Богочовечкиот прогрес: бесмртноста е неопходност.
Богочовечкиот прогрес има свој Богочовечки морал: во него сиот живот човеков се раководи и динамизира со Богочовекот. Добро е она што е Христово; надвор од тоа нема вистинско добро. Бесмртноста е главна одлика на Христовото добро. Оттука бесмртноста е неопходна во моралот на Христовиот човек како чувство, како сознание, како дело, како пракса. Да се чувствува Господ Христос како душа на својата душа, како живот на својот живот, и е бесмртност на човекот, бидејќи со тоа е осигурана бескрајноста и бесконечноста на мислата, чувствата, животот. За вистинскиот христијанин, бесмртноста е и природна и логична, а со неа и во неа - бескрајност и бесконечност. Тоа е она што овозможува и осигурува бескрајно морално восовршување, бескраен морален прогрес кон Бога, којшто е збир на сите бескрајности, сите бесконечности, сите совршенства. Затоа е сосема природен, и логичен, и оправдан категоричкиот императив на Богочовечкиот прогрес: Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен - Бог (Мт. 5. 48).
Христовиот човек се движи по патот на Божественото совршенство совладувајќи ги со помош на евангелските добродетели гревот и злото во себе и во светот околу себе. Тој секогаш оди напред од добро во добро, од мало во големо, од поголемо во најголемо; и, притоа никогаш не застанува, не подзастанува, бидејќи секое застанување значи духовна вкочанетост, умртвеност, смрт. Преку секоја чиста мисла, низ секое свето чувство, со секоја добра желба и благ збор тој прогресира кон воскресение, кон бесмртност, кон вечен живот.
Совладувајќи го гревот и смртта, Христовиот човек минува во овој живот низ три главни етапи на христијанскиот еволуционизам: раѓање во Христа, преображение во Христа, воскресение во Христа. Крајната цел на неговата борба е: да воскресне со Христа. А, тоа значи: да се победи смртта. Ете, ти веќе си ја победил смртта, ако со сета душа си поверувал во воскреснатиот Богочовек, зашто Он рекол: „Кој верува во Мене, има живот вечен, …преминал од смрт во живот“ (Јн. 6. 47; 5. 24).
Дури со верата во воскреснатиот Богочовек, човекот почнува да станува човек, бидејќи се ослободува од гревот и смртта, и се здобива со чувството на бесмртност. Гревот е болест која го затапува, го закржлавува, го парализира во човекот чувството на бесмртност, така што човекот ни со чувство, ни со мисла не допира до Бога живиот и вистинскиот. Таквиот човек е осакатен човек, получовек, подчовек. Богочовекот го победил гревот и смртта со воскресението, за да го разбуди човекот за бесмртност и живот вечен, за да го оживее и подмлади закржлавеното и умртвено чувство на бесмртност во човекот, та така човекот да го почувствува Бога и вечниот живот како смисла на човечкиот живот, и на земјата и на небото. Всушност, Црквата на Богочовекот и не е ништо друго туку Божествена работилница во која непрестано се подмладува, освежува и укрепува човековото чувство и сознание за лична бесмртност и бесконечност. Зарем молитвата не ја обесконечнува душата соединувајќи ја со Бога? Зарем љубовта не ја обесмртува душата воздигнувајќи ја до Бога? Зарем милосрдието, зарем добрината, зарем смиреноста, зарем праведноста не го обесмртуваат човекот, пренесувајќи го неговото битие во царството на Христовата Вистина? Да не се залажуваме себеси: со секоја евангелска добродетел човекот совладува по малку смрт во себеси, додека на крај сосем не ја совлада, осигурувајќи си бесмртност и живот вечен.
Во Богочовечкиот прогрес човекот постојано патува со Христа како по Божји пат, низ вистината Божја, во живот вечен и бесмртност. А, сето тоа Богочовекот Христос Го дарувал на родот човечки со Своето воскресение. Сета вистина на сите светови, сета смисла на сите суштества, сета радост на сите битија, дадени се на родот човечки со воскресението на Богочовекот Христос. Затоа воскресението Христово е најсудбоносно случување во историјата на светот; од него зависи неминливата Божествена вредност не само на човекот посебно, туку и на сите луѓе заедно.
преводот од српски јазик, на монахињата Нина, е од изданието:
Хиландарски путокази
Архимандрит Јустин Поповић
Православна Црква и екуменизам
Манастир Хиландар
Света Гора Атонска, 1995

