
Старец Арсениј Спилеот
(1886-1983)
(соподвижник на Старецот Јосиф Исихаст)
За старец Арсениј, неспорно, важи евангелското „еве вистински Израилец, во којшто нема лага“. По природа беше искрен, едноставен, незлобив, смирен, послушен; првенствено, беше еден редок подвижник, и беше несреброљубив. За старец Арсениј секогаш важеше: да - да, не - не.
Никогаш не злопамтеше, колку и да му наштетеа. Никогаш не се лутеше, никогаш никому не му наштети.
Во послушанието живееше со целосна точност; затоа и преку послушанието и апсолутната вера во личноста на старецот живееше секојдневно над законите на природата.
Кога бдееше почнуваше одвечер трудејќи се прекумерно со иљади метании и сеноќно стоење, се додека не се разденеше. Толку многу се собираше во молитвата и толку се оддаваше, што многупати, иако се приближуваше времето за работа, ова старче, немаше намера да се оттргне од молитвата.
Тогаш, принудени, се приближувавме до прозорецот и го викавме. Гледавме оти стои, и оти е воздигнат во молитвата.
„Старче, дојде време за работа“. А, старецот откако ќе се повратеше, со чудење одговараше.
„Се раздени веќе?“
Ова старче и покрај целата простодушност, монашкиот живот го разбра во неговата суштина. Се даде целиот себе си во послушание и во подвиг, затоа и го постигна она по што копнееше. Ја најде во себе молитвата, Го најде Бога.
Монахот којшто во прв ред ги нема овие цели, не успеал во монашкиот живот.
Старец Арсениј беше еден голем тивок делател на доблеста; тој е една современа личност на Света Гора.Да ја имаме неговата молитва.
Мали поуки на Старецот
Иако старецот од смирение, на заедничките собранија никогаш не земаше збор, неговата соба претставуваше една мала сала за поучување, во која прибегнуваа многу браќа за поткрепа, и му поставуваа различни прашања. Еден брат праша:
„Старче, кога служиме на послушание, треба да ја кажуваме и Иисусовата молитва?“
„Се разбира, молитвата не треба да престанува“.
„Се обидуваме да ја кажуваме постојано молитвата, но нашиот ум се расејува“.
„Кога ја кажуваме молитвата, колку што можеме го принудуваме и умот за да разбираме што кажуваме. Но, за да го постигнеме ова потребно е големо принудување. И покрај тоа што работиш, кажувај постојано со устата ’Господи Иисусе Христе помилуј мè. Умот сигурно ќе бега, ќе патува наваму или натаму; но, увото слуша, нешто останува (фаќа), и полека - полека го симнува во срцето. Но, и да не ја разбираш ти молитвата, сатаната ја разбира многу добро и се тресе само што ќе го чуе името Христово. Вчера ми вели готвачот: ’Благослови, ми загори јадењето’. ’Сигурно имаш во себе некоја лоша помисла’, му одговарам. ’Не се сеќавам Старчè. Тогаш велам: ’Умот некаде ти скита, а молитвата воопшто не си ја кажувал’. ’Зар тоа има некаква врска?’ ’Има голема врска, потруди се да видиш кога постојано ќе ја кажуваш молитвата, дали ќе ти загори некогаш јадењето, а ќе видиш и колку слатки јадења ќе правиш! Нашиот старец (Јосиф) често пати ни готвеше, очите не му се сушеа од солзи. Во тие часови каде се наоѓал неговиот ум? И, да знаеш колку вкусни јадења правеше! Дури и на панагири (празници, слави) колибите го канеа да им готви’.“
Кажувајќи го ова старчето се врти малку задевачки кон готвачот и вели: „Да но отецов не ја кажува молитвата за да не му загори јадењето“. Ние се разбира се смееме; старчето беше со весело настроение. Си отидовме радосни, но на готвачот му се врежаа длабоко зборовите „за сето време кога готвеше старецот не му се исушија очите. Каде ли беше неговиот ум?“
Друг брат,пак, праша: „Старче, многу монаси имаат навика да ги кажуваат херетизмите кога работат, наместо Иисусовата молитва. Што е подобро“?
„Ааа… херетизмите многу ги сака нашата Пресвета. Ние со геронда ги кажувавме кога работевме, напамет, дватрипати на ден. Еве, овде имам едно книже со херетизмите кое на почетокот наведува дека нашата Пресвета се јави на многу светители и им вети дека - кој ќе ги кажува херетизмите секој ден - ќе го чува во овој живот, но и после смртта ќе го застапи пред својот Син. Основата се разбира е Иисусовата молитва. Ако си усрден во Иисусовата молитва, немој да ја прекинуваш, таа кажува се. Ако, пак, ослабне молитвата тогаш кажувај ги херетизмите. Дури и Богородице Дево многу го сака нашата Пресвета. Некогаш кога го кажуваш повеќе пати, нашата Пресвета ти принесува една благост којашто не се опишува.“
„Старче, кога од многу умор ослабува телото можеме ли да ја кажуваме Иисусовата молитва лежејќи?“
„Христос ни снисходи согласно на нашите сили. Ако навистина не можеме ниту исправени, ниту на колена, ниту седејќи, тогаш ни снисходи дури и легнати. Ако, пак, имаме сили, тогаш сатаната веднаш е тука, носи мрзливост и сон. Има и уште полошо“.
„Старче, дали е дозволено да пиеме вино?“
„Прашајте го духовникот секој лично. Но, внимавајте зашто виното кај младиот станува крв, кај стариот станува вода. За јадење дури и во постите ако јадете малку наутро, не штети. Подобро да јадеме двапати и да го победиме рогот на гордоста, како што вели “Лествица” отколку еден пат и да мислиме дека нешто правиме“.
Старчето, после толку строга аскеза првите години, на крајот се прилагоди, скротувајќи ги страстите во општежителната програма, и јадејќи со воздржание. Но, сеќавајќи се на поранешната аскеза беше вознемируван од помислата; затоа, имаше обичај да ни вели: „И мене Бог ми даде два дара, едниот да јадам двапати во денот и другиот никогаш да не се разболам ниту лек да ставам во уста“. Но, зар не беше посебен дар после толку строги подвизи никогаш да не се разболи? Но, и телото да не го измие никогаш со вода, освен нозете и косата? И покрај тоа, телото на старчето имаше секогаш еден пријатен мирис на пустината. Ги оставам болвите, стениците и вошките кои беа постојани жители на двајцата аскети, собирајќи го како данок и тоа малку крв што им остана, после толку строг пост и сурово воспитување на телото. Но, и покрај сето тоа старчето ниту некогаш се разболе, ниту силите му опаднаа до староста. На друг мал собир, меѓу другото ни кажа: „Внимавајте колку што можат нека бидат успокоени сите отци со вас. Ако во општежитието успокоиш деведесет и девет браќа и од невнимание наскрбиш еден, тој еден ќе ти биде пречка во молитвата. Еден ден еден брат ми направи метанија и ми вели: ’благослови геронда, нажалив еден брат и молитвата не ми оди добро’. Му велам: ’Е, не е ништо, направи му една метанија на братот заради љубовта Христова и пак ќе дојде молитвата’. ’А, тоа што ти направив тебе метанија старче не е доволно?’ ’А, не не е доволно. На тој што си му згрешил ќе му направиш метанија’. Го видов негодуваше малку во себе, но на крај отиде и направи метанија. Другиот ден се заврте и ми вели: ’ Ти благодарам геронда за советот, вчера цела ноќ се молев со радост и умилениè.“
„Геронда добро е да правиме метанија. Но, се случува да направиш метанија на некој и тој да не ја прими; што да правиме тогаш?“
„Ти направи метанија? Слободен си, само внимавај да љубиш. Уште повеќе - во иднина, се додека не ја прими твојата метанија, да му правиш и по една мала бројаница“.
Овие едноставни, но мудри совети, многупати до денес се покажаа вистинска поткрепа во нашето монашко патешествие.
преводот од грчки јазик, на игуманијата Кирана, е од изданието:
ο γερων αρσενιος ο σπηλαιωτης (1886-1983)
Συνασκητής Γόροντος Ιωσήφ του Ήσυηαστου
Ιωοσήφ Μ.Δ.
Α Έκδοση 2001

