Успение

Архимандритот Анастасиј од Кенија и Епископот Давид

Џим Форест

Воскресението на Православната Црква во Албанија

Успение број 7 · April 2004 · Современи подвижници и богослови · Print

Текстот којшто следува е дел од книгата на православниот аме­рикански новинар Џим Форест - „Воскресението на Пра­во­славната црква на Албанија“, излезена во 2002 год. Авторот минува еден месец во земјата и таму се среќава со различни прет­ставници на Православната црква и непосредно ги пренесува разговорите со нив. Ви предложуваме и дел од разговорот со главата на Православната црква во Албанија - архиепископот Анастасиј. По потекло тој е Грк и заминува во Албанија по препорака на Вселенскиот патријарх. Неговиот живот е исклучително богат: на 35-годишна возраст заминува како свештеник во Уганда, после тоа е доцент по историја на религиите на Богословскиот факултет во Атина, а подоцна повторно се враќа на мисионерската работа во Африка (во Уганда, Кенија и Танзанија). Задачата што ја добива - да ја востанови Православната црква во Албанија - навистина е тешка, бидејќи таа бивша комунистичка земја го преживеа најжестокото гонење на религиозните заедници. Во 1967 год. се забранети апсолутно секакви богослуженија и повеќето храмови се, или разрушени, или се одземени од религиозните заедници. Луѓето коишто се фатени како ги нарушуваат забраните и ја практикуваат својата вера можеле да добијат и до 14 години затвор, а свештеник фатен, на пример, како извршува свето крштение, можел да добие смртна пресуда.

Во овој контекст возрождението коешто го преживува Православната црква во Албанија во последниве десет години под раководство на архиепископот Анастасиј навистина е чудо. Неговиот неверојатен мисионерски дар, духовната опитност и административните способности се причина албанските православни, како и мозина православни од туѓина, да се обединат околу него и исцело да се трудат за востановување на црковниот живот.

Архиепископот Анастасиј пристигнува во Тирана на 16 јули 1991 г., во земја којашто малку пред тоа имаше највоинствен атеизам на светот. Од 440-те клирици низ 60-годишниот период на комунизмот остануваат 22-ца - сите стари и болни, а некои и блиску до смртта.

Во Јануари 1991 г., еден месец откако власта во Тирана дозволи создавање на некомунистички политички партии, Вселенската патријаршија го започна востановувањето на Православната црква на Албанија. Два месеци после 61-от роденден епископот Анастасиј добива телефонски повик од патријаршијата во Цариград со прашање дали би заминал за Албанија како Егзарх, за да види што таму останало од Православната црква. Во тоа време тој имал намера да се повлече во пензија.

На 24 Јуни 1992 г., по предлог на Вселенскиот партријарх Вартоломеј тој еднодушно од Светиот Синод на Вселенската патријаршија е избран за глава на Православната Црква на Албанија. Во првите години се среќава со исклучително многу тешкотии од страна на албанските политичари, коишто прават се што е можно за да го принудат да ја напушти земјата, но обидите им остануваат неуспешни. Друг сложен проблем којшто требал да се преодолее е разделбата во самата Црква.

Архиепископот раскажува: „Имаше голем расцеп во Црквата. Луѓето тука имаат различно етничко потекло. Првата задача ни беше да постигнеме единство меѓу православните христијани. После толку многу гонења не можевме да дозволиме расцепот да продолжува. Си спомнувам дека еднаш во Корча реков: Мислите ли дека шумата е поубава ако во неа има само еден вид дрвја? Сите различни дрвја треба слободно да растат под зраците на сонцето. Клучот кон вистинското развивање се љубовта и слободата.“

Еден од елементите на процесот на надминување на преградите внатре во Црквата беше поврзан и со тоа какво самосознание придобива самата Црква.

„Ние гледаме на себе си не како на Албанска Православна Црква, но како на Православна Црква на Албанија. Дури поскоро на себе си гледаме како на Православна Црква во Албанија. Ние сме дел од вселенската Црква. Православната Црква не е федерација од цркви; Едната Православна Црква суштествува во полнота на секое конкретно место. Ние патуваме кон Царството Божјо заедно. Никој не може да суштествува како остров - ниту Велика Британија, ниту дури огромната Кина. Никој не може да суштествува изолирано“.

За архиепископот Анастасиј една од најважните задачи била да се организира работата за создавање на места за богослужење во земја, во којашто црквите во континуитет биле рушени или ползувани за светски цели. Најзабележливото постигнување се црквите изградени или востановени после неговото доаѓање. До средината на 2001 г., изградени се 80 нови цркви, 70 се издигнати од руините, повеќе од 140 се ремонтирани, а 5 манастири се вратени во живот.

Освен тоа, изградени или востановени се повеќе од 20 големи згради, помеѓу кои се: Богословската семинарија во Драч, административната зграда на Св. Синод во Тирана, епархиските центри во Корча, Берат, Џирокастро, како и гимназијата „Св. Крст“ во последниот град, медицинскиот дијагностички центар во Тирана, неколку гостоприемници, училишта, како и комплексот „Назарет“, во којшто се наоѓаат свеќоливница, печатница, иконографско и атеље за реставрација и други згради за црковни потреби.

„Во почетокот немавме друг избор, освен да направиме неколку лесни градби во различни градови, за времено да служат како храмови, но низ годините постепено изградивме вистински цркви, претежно од камен, секоја со свој облик. Во некои случаи тие беа востановени од руините, а во други изѕидани од темели. Целта ни беше не тие да бидат привремени градби, но да создадеме убави цркви. Преку архитектурата на храмовите се обидуваме да кажеме нешто не само за сегашноста но и за иднината. Таа дејност се координираше од технички оддел, од отец Теологос, светогорски монах којшто има завршено архитектура и којшто работи заедно со овдешни соработници. За градењето и востановувањето на црквите расходувавме милиони долари. Голем дел од тие средства доаѓаат како дар од странство, вклучително од мои поранешни студенти коишто успеале во кариерата, или, пак, работат во невладини организации способни да помогнат. Понекогаш си велам на себе си дека сум еден меѓународен просјак! Ние сме бедна Црква, но богати сме со пријатели. И, многу сме им благодарни на сите нив.“

Црквата во Албанија сепак не се радува на пријатели од страна на власта.
„Многу ретко властите одговараа брзо при враќањето на отуѓената црковна сопственост, независно дали станува збор за враќање на храмови или на земја со рушевини од храм врз неа. Тоа е проблем којшто не спречува во многу градови и до денес. Понекогаш единственото практично решение беше да го купиме она што беше украдено од нас.“

Градбата на цркви многу често означувала нешто повеќе од градењето на еден храм.

„Кога градевме или востановуваме црква или храм, не ретко ни се налагаше и да го ремонтираме патот крај него. Еднаш ме прашаа каков подарок би сакал и, ми се чини, дека предвид имаа некаква икона. А јас кажав: „Би сакал еден булдожер“. Луѓето беа многу изненадени: „Но, што ќе правите со булдожерот?“. „Ќе градиме патишта во оддалечени реони, за да им го направиме животот на луѓето почовечки.“

„Така Црквата со нејзината целосна градежна дејност стана важен фактор во економскиот развој на Албанија. Ние сме еден од најголемите инвеститори и работодавци во земјата.“

Задачата да се востановат црковните згради, како и да се осознае значењето на заедничката молитва, се поврза со градењето на разбирање за општата одговорност на секој човек во Црквата и за животот во неа.

„Ние имаме три основни принципи коишто непрекинато ги повторувам: првиот е да има домородно раководство; вториот - да се ползува домородниот јазик; а, третиот - да се смета на домородно финансирање. Ни се наметнува да правиме компромис само со последниот принцип. Големата беда во Албанија изискува надворешна помош, за да се востановат црквите и да постои милосрдна дејност. Но дури и во таа област никогаш не започнуваме проект без парични пожртвување и од Албанците. За да го добиеме Божјиот благослов, треба да го дадеме она што можеме. Само што нулата не може да биде благословена. Со две риби и пет леба Христос нарани 5000 души, но прво требаше да се принесе дар од малкуто коешто луѓето го имаа.“

Една од неодложните задачи беше да се направи се што е можно за оние што страдаа во најбедната земја на Европа. Црквата почна да создава клиники во главните населени места. Се реализираат програми за помош на инвалиди, за зачувување на здравјето во селските реони, за развој на селското стопанство, за работа со затвореници и бездомници, бесплатни кујни, бесплатна помош за оние што имаат неодложна потреба. Поголем дел од таа работа се реализира преку „Диакониа Агапис“ („Служење на љубовта“ - црковен оддел, основан во 1992 г. од архиепископот Анастасиј и раководен во почетокот од отец Мартин Рици, којшто сега го возглавува Православниот христијански мисионерски центар во САД, после тоа од Пени Делијанис, а во моментов од Албанката - Нина Грамо Пердику). Тие проекти се наменети не само за пра­вославните, но и за сите коишто имаа потреба од помош, независно од верската припадност или недостатокот на таква.

„Ние работиме за примена на новостите во чувањето на здрав­јето - вели архиепископот Анастасиј, - клиниката „Благовештение“ во Тирана сега одговара на највисоките европски стандарди. Доаѓаат луѓе од целата земја за да се лекуваат во неа.“

Проект за пример е стоматолошката клиника којашто се наоѓа во голем бел микробус којшто патува од град во град.

Друга клучна сфера на дејност е образованието. Освен православната семинарија во Тирана во којашто учат момчиња и девојчиња, создадени се исто така и училишта коишто одговараат на други потреби. Неодамна во Тирана се отвори Институт за професионална обука после средното образование. Во Џирокастро неколку години постои машка гимназија, во соседниот град - училиште за девојки. Отворени се 12 детски градинки во мали и по­големи градови. Се организираат летни кампови, како и работа според различни младешки програми.

„Наш главен приоритет се децата - вели архиепископот Анастасиј - отворивме многу детски градинки, јасли и училишта. Жалиме само што не можеме да им помогнеме на уште повеќе млади луѓе. Правиме за луѓето се што можеме, доколку ни дозволуваат условите.“

„За да постигнеме резултати ни требаат луѓе, свети луѓе. Луѓе коишто не ги менуваат нештата, а се менуваат себе си. Црквата ја има силата да создава личности, способни да љубат и да се жртвуваат, такви коишто ја надживеале одмаздата и способни се да простуваат. Помирувањето не е лесно. Тоа има потреба од помошта на Црквата. Прошката и помирувањето се суштествен дел на христијанскиот живот, особено за време на Великиот пост. Тој дава сила да му простиш на другиот. Колку повеќе си простуваме, толку поздраво е заедничарењето?“

„Некогаш младото поколение беше обучувано преку системот на комунистичката пропаганда. Тоа беше култура на стравот… Сега младите се објект на друга пропаганда - на идејата дека кога имаш положба во општеството значи дека имаш пари. Новиот систем вели дека колку повеќе пари имаш толку повеќе значиш. Но без љубов и жртва луѓето се претвораат во диви животни. Денес без верските заедници нема надеж. Луѓето тешко ја разбираат жртвата. произлезена од љубовта, од верата во Христа. Тажно е што толку многу луѓе се робови на сфаќањето дека среќата е во парите. Младите треба да знаат дека има нешто повеќе отаде овој живот. Сега, светските луѓе штом видат човек којшто живее правејќи жртви, си мислат дека тој тајно добива некакви материјални средства…“

Целосното возраѓање на црковниот живот во Албанија вклучува и некои други сфери на работа.

„Основавме радиостаница и весник. И двете се викаат „Нгјалља“ - Воскресение. Весникот излегува еднаш месечно, а радиото емитува 24 часа секој ден. Програмата вклучува духовни, музички, информативни и други предавања. Сега има и час посветен на децата. скоро поставивме нова антена којашто овозможува да емитуваме во целата земја. Освен тоа имаме и центар надвор од Тирана, наречен „Назарет“, во него се предава иконопис и реставрација. Во истата зграда сместени се печатница и свеќоливница. Продажбата на свеќи е еден стабилен извор на приходи за парохиите.“

Архиепископот Анастасиј како друга област за црковна дејност ја гледа работата според проекти за зголемување на грижата за природната околина.

„Оваа година започнуваме програма за запазување на природната околина, којашто вклучува последипломно обучување на 15 студенти, коишто завршиле биологија, шумарство или екологија. Тие ќе започнат програми за запазувањето на екосистемите во три области на Албанија. Создадовме уште и програми за собирање на отпадоците во два града. Дел од улогата на парохијата е да се грижи селото или градот да бидат чисти. Треба да ја внушиме идејата за чиста природна средина, каква што некогаш Албанија имала, наложена од полициската држава. Сега тоа не може да биде наложено, но треба да стане слободен избор.“

„Неопходно е Црквата да присуствува во сите сфери на животот преку пилотни програми за запазување на здравјето, образование, социјална помош, програми за економски развој, култура и грижа за природното опкружување. Тоа се основни нешта на цивилизацијата. Во секоја област на животот треба да воведеме духовна мерка. Културата е повеќе од технологијата! Пред се таа е уважување кон човечкото достоинство. Културата е уважување кон Божјата твар. Таму кадешто таа суштествува, има убавина.“

Архиепископот Анастасиј уште вели: „Дел од мојот призив тука е да потпомагам во ферментацијата на општествените процеси. Треба да си го поставиме прашањето како Албанија навистина може да стане демократска земја. Демократијата е сложен феномен. Таа не означува просто - една партија да дојде на власт и да ја налага нејзината воља. Таа е повеќе од тоа да дојдеш на власт преку слободни избори. Демократијата е уважување кон вистината, уважување кон другиот. Таа означува - да не ја заменуваш реалноста со зборови и пароли. Таа означува - да не мислиш дека твоето насилство е добро, а нивното насилство е престап. Зборовите се менуваат, но за жал синтаксата останува таква каква што била. Ние страдаме од вакуум на вредности и од една многу жестока форма на капитализам - капитализмот што го гледаме во „Оливер Твист.“

Не сите беди на Албанија се случиле пред крајот на тешкиот комунистички режим во 1991 г. Во 1997 г. Албанија е опфатена од анархија после пропаѓањето на финансиските пирамиди во коишто мнозина албанци ги заложија и загубија сите заштеди.

„Земјата беше на раб од граѓанска војна - си спомнува архиепископот Анастасиј - тоа беше тешка катастрофа којашто ги разгори стравот и агресијата натрупани во срцата на многу луѓе. Повеќето од странците коишто работеа во Албанија, ја напуштија земјата. Во тој период Црквата покажа брза помош на 25 000 семејства и неуморно призиваше: „Не на оружјето, не на насилството!“. Повторувавме дека никаков акт на насилство може да биде оправдан од Црквата.“

Архиепископот ги пренебрегна советите на мнозина пријатели во Албанија и странство и откажа да ја напушти земјата.

„Могу луѓе требаше да заминат, но јас разбрав дека треба да останам и ги поканив оние коишто сакаат, да останат. Мојата положба е капетан на кораб. За мене можноста да напуштам не постоеше, но опасност беше сосема вистинска.“

Тој ми покажа еден куршум којшто беше истрелан во прозорецот на неговиот кабинет, којшто го искршил надворешното стакло, но бил сопрен од внатрешното.
„Чудно беше да се види куршум сопрен на таков начин! Го сочував како спомен од тие времиња, кога бевме подложени на испитанија и секој ден можеше, за нас, да биде последен. Во тие дни спиев на подот, во својот кабинет, во аголот под прозорецот.“

Друг период на испитанија е 1999 г., кога НАТО ја нападна Југославија и нападна многу објекти во Србија и Косово.

„Во тој период половина милион косовски Албанци избегаа во Албанија. Црквата не можеше да им сврти грб. Повеќето од избеганите веднаш беа примени во албанските домови, а ние се погриживме за 32 000 души и се уште го опслужуваме последниот бегалски логор во земјата. За нас немаше важност тоа што помеѓу бегалците немаше христијани. За извесно време запревме со дејностите во семинаријата, за сите студенти да можат да земат учество во брзата помош за бегалците.“

Од различни фотографии знаев дека архиепископот не испраќал само други да помагаат, но и самиот лично растоварал, на пример, кутии со храна и лекарства.
Тој си спомнува како во тоа време некои од семинаристите, откако дошле да им помогнат, првично стравувале и се тревожеле дека бегалците ќе бидат непријателски настроени кон нив како кон православни христијани.

„Им кажав дека треба да отидеме во центарот на кризата и да го видиме ликот на Христос во оние коишто страдаат. Еден студент ме праша: „Нема ли крстчето коешто го носам да предизвика некои од нив?“ Му реков дека е доволно да го носиме крстот во срцата си. Поважни од зборовите за Православието се христијанските постапки. Потчинувај се на Бога со љубов и не се плаши! Не дозволувај му на стравот да ти стане идол! Невозможно е да се занимаваме со богословие без да покажуваме самопожртвуваност.“

Денот кога требаше да ја напуштам Албанија, имав време за уште еден последен разговор со архиепископот Анастасиј.

„Некои странци гледајќи го тешкиот живот тука ми велат: „Како можеш да го издржиш ова? Тука е толку грозно!“ А, за мене тука е толку убаво! Божји благослов е да бидам тука - не благословот којшто си го претставив, но оној којшто навистина го добив.“

„Јас не произлегувам од овие смирени луѓе, но од нив се учам да живеам попросто, повистински, почесно, да имам повеќе подготвеност да проштевам. Смирението не е постигнување, но процес на развивање којшто продолжува преку целиот живот. Тука во Албанија често можеш да сретнеш луѓе коишто го впиваат секој твој збор, секој гест. Лицата им се како жедна земја, готова да ја прими секоја капка вода. За мене тоа е неверојатна промисла: да бидеш испратен да им служиш на такви луѓе, луѓе коишто никогаш не си ги познавал, никогаш не си очекувал да ги сретнеш, а тие да те примат со таква доверба. Слава Богу за тоа што бев испратен да живеам помеѓу нив и да ги имам за свои помошници.“

„Луѓето понекогаш ме прашуваат за моите очекувања, но јас не знам ништо за иднината. Човекот може само да си ја извршува работата со љубов и смирение. Јас не сум спасителот на Албанија, но само една свеќа пред иконата на Спасителот.“