Успение

старец Порфириј Кавсокаливит

Да се бориме во духовниот живот едноставно, без грч, не изнасилено

Успение број 6 · November 2003 · Современи подвижници и богослови · Print

Старец Порфириј

Совршена, длабоко ољубомудрена е нашата вера. Едноставното е - најскапоцено. Така да се борите во духовниот живот, едноставно, без грч, не изнасилено. Душата се осветува и се очистува со изучување на словата на отците, со учење наизуст на псалми, на делови од Светото Писмо, со псалмопеење, со Иисусовата молитва.

Предадете се на овие духовни нешта, и оставете се друго. Во славењето на Бога можеме да стасаме лесно, бескрвно. Постојат два патишта коишто не водат кон Бога: суровиот и заморувачки со жестоки напади против злото и лесниот - со љубов. Постојат мнозина коишто го одбираат суровиот пат и „проливаат крв за да добијат дух“, сè додека стигнат до голема доблест. Јас најдов дека најкраток и најсигурен пат е - со љубовта. Тој пат да го следите и вие.

Можете, значи, да направите други усилби. Да изучувате, да се молите и да имате за цел да напредувате во љубовта Божја, и на Црквата. Немојте да се борите да го изгоните мракот од собата на вашата душа. Отворете едно мало дупче за да влезе светлината и мракот ќе избега. Истото важи и за страстите и за слабостите. Да не се борите со нив, но да ги преобразувате во сили, презирајќи го злото. Да се занимавате со тропари, со канони, со славење на Бога, со божествениот ерос. Сите свети книги на нашата црква Параклитики, Часословот, Псалтирот, Минеите содржат зборови свети, љубовни зборови кон нашиот Христос. Да ги читате со радост, љубов и восклик. Кога со копнеж ќе се предадете на овие усилби, вашата душа ќе се осветува на едноставен начин, таинствено, без тоа да го чувствувате.

Животите на светителите, а најмногу животот на свети Јован Колибар ми направија впечаток. Светителите се пријатели Божји. Можете по цел ден да наоѓате задоволство и да се насладувате од нивните подвизи, и да го подражавате нивниот живот. Светителите целосно се имаат предадено на Христа. Со ова изучување полека-полека ќе се здобиете со кротост, со смирение, со љубов и вашата душа ќе станува подобра, поблага. Да не одбирате одрекувачки начини за вашето исправање. Не е потребно ниту од ѓаволот да се плашите, ниту од пеколот, од ништо. Тоа создава одбивност во душата. Имам и јас некое мало искуство од ова. Целта не е да седите, да се притеснувате и да се стегате, за да станете подобри. Целта е да живеете, да изучувате, да се молите, да напредувате во љубовта, во љубовта Христова, во љубовта на Црквата.

Ова е свето и убаво - усилбата да се соедини некој со Христа, што ја радува и ја избавува душата од секое зло. Да го возљуби Христа, да воскопнее за Христа, да живее во Христа, како апостол Павел којшто вели: „живеам не веќе јас, туку живее во мене Христос“. Ова да е вашата цел. Другите усилби да бидат тајни, сокриени. Она што треба да владее е љубовта кон Христа. Тоа да постои во умот, во мислата, во срцето, во вољата. Оваа усилба да биде најјака - како да Го сретнете Христа, како да се соедините со Него, како да Го соберете во себе.

Оставете ги сите слабости, за да не добива знак спротивниот дух, та да ве потопува, да ве приковува и да ве става во притеснение. Немојте да правите никаков напор да се ослободите од нив. Да се борите едноставно, просто и без грч, без стегање и стрес. Немојте да велите „сега ќе се стегнам, ќе се молам, ќе стекнам љубов, ќе станам добар“ и т. н. Не е добро да се стегаш, да се притеснуваш, за да станеш добар. Така ќе си создадете уште поголема одбивност. Сè да бива на нежен начин, без напрегање, без изнасиленост и слободно. Ниту да велите „Боже мој, ослободи ме од ова“, на пример од гнев, од тага. Не е добро да се молиме и да мислиме на конкретната страст; тогаш, нешто се случува во нашата душа и се заплеткуваме уште повеќе. Фрли се со порив за да ја победиш страста и ќе видиш после како ќе те зграпчи, ќе те стегне и нема да можеш ништо да направиш.

Немојте да се борите директно против искушението, немојте да молите да си оди, не велете „земи го Боже“! Тогаш му придавате значение, и искушението ве стега. Затоа што, иако велите „земи го Боже“, воглавно се сеќавате на него, и повеќе го потхранувате. Расположението, значи, за избавување, се разбира, ќе постои, но нека е многу мистично и префинето, без да се пројавува. Да се случува мистично. Сетете се на она што го вели Светото Писмо: „да не знае левицата што прави твојата десница“. Целата ваша сила да се свртува кон љубовта Божја, кон неговото славење, кон прилепувањето кон него. Така избавувањето од злото и од нашите слабости ќе се случува таинствено, без и да почувствуваме, без напор.

Вакви усилија и јас правам. Најдов дека е тоа најдобриот начин за осветување, бескрвен. Подобро, значи, да се фрлам во љубовта изучувајќи ги каноните, тропарите, псалмите. Ова изучување и насладување, без тоа јас да го разбирам, го води мојот ум кон Христа и го блажи моето срце. Истовремено се молам кревајќи ги рацете со копнеж, со љубов, со радост и Господ ме воздигнува во својата љубов. Ова е нашата цел, таму да стигнеме. Што велите, овој пат не е бескрвен?

Постојат и многу други начини како, на пример, да се сеќаваш на смртта, на пеколот, на ѓаволот. Така од страв и од сметка го избегнуваш злото. Јас, најништожниот, не ги спроведов во мојот живот овие начини коишто заморуваат, коишто создаваат одбивност и многупати спротивен резултат. Душата, особено кога е чувствителна, се весели во љубовта и се восхитува, се зајакнува, ги преобразува и ги пресоздава сите одречни и грди нешта.

Затоа, јас го претпочитам „лесниот пат“, значи, оној начин којшто го постигнуваме со изучување на каноните на светителите. Во каноните ќе најдеме начини коишто ги ползувале светителите, преподобните, аскетите, мачениците. Добро е да ја направиме оваа „кражба“. Да го правиме и ние она што го правеа и тие. Тие се фрлија во љубовта Божја. Го дадоа целото свое срце. Да го украдеме нивниот начин.

преводот од грчки јазик, на игуманијата Кирана, е од изданието:

Γέροντος Πορφυρίου καυσοκαλυβίτου
ΒΙΟΣ ΚΑΙ ΛΟΓΟΙ
Εκδ. Ι. Μ. Χρυσοπηγής, Χανιά , Κρήτη, 2003