Успение

Platina Monastery, California USA

старец Харалампиј Дионисијатски

За умносрдечната молитва

Успение број 6 · November 2003 · Современи подвижници и богослови · Print

(дијалог прв, превземен од дневникот на еден светогорски монах)


- Старче, имам проучено книги од тихувателните отци за умносрдечната молитва. Се обидувам да го остварам она што го пишуваат. Можам да кажам дека видов полза, но не гледам резултати, онакви какви што наведуваат светите отци.
- Колку време се обидуваш да се молиш?
- Речиси две години.
- Две години; прилично време. Имаш некој патеводител да те советува како да се молиш?
- Токму заради овој проблем, свет старче, бев приморан да променам двајца духовници. За жал, не само што не знаеа да ме водат, но истовремено ме обескуражуваа. Им велев: „жеднеам да се научам на умствената и непрестана молитва“. Ми одговараа: „не е тоа за нас, дете мое. Тоа само светителите успевале. Оние што се обиделе да ги подражаваат се опрелестиле. Го знаеш „Верувам“, го знаеш „Оче наш“, доволно е. Еве, ако сакаш, читај и од Часословот на Црквата, или нешто друго пред да заспиеш“… Такви нешта слушав. Конечно најдов еден духовник којшто ми рече: „сум читал и јас, дете мое, многу за умносрдечната молитва; се обидов; нешто најдов. Но, да бидам искрен, го немам тој дар да ги водам другите. Но, не можам да ти забранам да се молиш. Да се забрани е најголемата прелест. Има, барем, на Света Гора, такви коишто можат да те воведат, ако се интересираш да напредуваш во благословеното дело на непрестаната молитва“. Првпат се удостојувам да дојдам на Света Гора. Еден монах ми препорача да дојдам кај вас. Ве молам да ми помогнете.

- Од она што слушам, дете мое, за жал и јас сум разочаран од некои духовници. Нека е благословен твојот последен духовник. Не знае; но, не го пресекува и другиот. Море, многу точно кажал. Опрелестен не е оној којшто ја кажува молитвата (Господи Иисусе Христе…), но, оној којшто не ја кажува; или, уште полошо ако ги попречува другите да ја кажуваат.

Исповедам дека запознав многумина коишто тргнале да ја кажуваат молитвата и се опрелестиле. Но, зошто се опрелестиле? Затоа што немале патеводител. Секој што мисли дека не му е потребен патеводител е опрелестен. Има егоизам. Егоист и умносрдечна молитва се спротивставени работи.

Такви опрелестени има дури и на Света Гора. Некои доаѓаат и кај мене. Наместо да се исповедаат и да се посоветуваат, целта им е да ми покажат дека се богоносни. Неодамна ми вели еден: „јас, духовнику, стекнав умносрдечна молитва“. „Море“, му велам, „ти следува награда. А, со кој духовник се советуваш“? Почна да се спротивставува и да се лути. „Јас“, вели, „духовник? Јас сум во позиција да ви предавам уроци на вас духовниците. Јас зборувам со самиот Христос, со Пресветата. Гледам светлини, светители и т. н.“. Откако му реков дека сето тоа е сатанско, се налути и си замина возматен.

Е, па, дете мое, овие се опрелестените. Знам, пак, други коишто на почетокот прашуваа за да научат за молитвата, но не излегуваат од самоволието. Своеволен и молитва - ден и ноќ. Вољата значи егоизам. Резултат: каде да ја најдат молитвата! Шипки ќе ја најдат. Се разочараа, запреа со молитвата, и најстрашното - станаа најголеми поборници против умносрдечната молитва. Само што ќе видеа некој калуѓер да врти бројаница, се демонизираа, му ја влечеа бројаницата од рака и збеснуваа како песови, дерејќи му се дека е опрелестен. Самите калуѓери дојдоа и ми кажуваа. Разбираш сега како сатаната ги прави работите - капак? Опрелестениот да му се потсмева на оној којшто се моли како да е опрелестен.

- Значи, навистина, оче, тешко е, според она што го кажувате, да се научиме на умносрдечнате молитва!

- Во службата на монашење пишува: „добрите дела бараат напор и со труд се постигнуваат“. Знаеш што значи да стекнеш умносрдечна молитва? Значи да Го стекнеш Самиот Бог во себе. Го живееш; Го чувствуваш; ти се отвораат очите на душата. Го гледаш со овие очи, во себе, Христа. Го чувствуваш во себе блаженството на Неговото царство. Разбираш?

- Оче, верувам. Но, јас не сум достоен за такви работи. Се обидов; го напрегав умот со вдишувања и издишувања како што пишуваат отците, но не можев да се соберам. Мојот ум патуваше на друга страна. Дојдов до степен и јас да се разочарам дека оваа молитва не е за нас.

- Бре, благословен. Не ли ти реков дека само со книгите напредие не бива. Дека е потребен и патеводител? Ти сакаш наеднаш да стигнеш до совршенството. Веднаш сакаш да научиш со вдишување и издишување! Додека стигнеш до таму треба уште леб да јадеш…

Но, ќе ти покажам како да ставиш почеток. Да појдеме од алфа.

Првиот урок е да ја кажуваме молитвата гласно со устата, и навистина колку што можеме чисто и брзо. Но, внимавај. Како што ние ја кажуваме молитвата, доаѓа сатаната и кова во умот еден куп помисли и фантазии. Кога почетникот ја кажува молитвата со умот, ковањето на искушението ја дави молитвата. Но, ако ја кажуваш со устата брзо, брзо, сатаната не стигнува лесно да предизвика расејување со најразлични помисли. Но, колку и умот да бега од смислата, го имаме увото. Увото, сакало несакало, слуша што кажува устата. Нашиот ум ја има таа сила во ист момент да следи две работи. Разговараме ние двајцата. Во ист момент слушаш долу како поминува мотор или други близу до нас како зборуваат, и т. н.; само што ќе почнеш да ја кажуваш молитвата, во увото ќе ти бучат гласови, автомобили, а пред се, сите фантазии коишто ти поминале во ушите и во очите од секојдневниот живот. Сега, навистина, до каде е дојден светов, во градот каде што човекот живее се инфицира во себе и со петте сетила.

Ти копнееш да ја стекнеш умносрдечната молитва. Знаеш што значи чиста молитва? Знаеш што значи да ти се прилепи умот во срцето? Да искорениш од себе секаква рѓа и да се сосредоточиш само на смислата на молитвата?

Така лесно излегуваат сите валканици? Ние зошто излеговме од светот? Со благодатта Христова и таму стоевме на нозе. Но, за умот да се очисти, бара исихија (безмолвие, молитвено тихување). Не со една лажица да вадиш, а со друга да ставаш. Се бориш ноќе да ги исфрлиш, а другиот ден повторно се враќаш на истото. Ако денот го поминеш во театри, танци и песни, тогаш, ако можеш, вечерта изгони ги за да кажеш чисто макар и една молитва. Ќе немаш ниту апетит за молитва.

Значи, го почнуваме првиот урок. Ќе ти ја дадам оваа тристотка бројаница, и вечерва ќе го правиш правилото во исто време со нас. Ќе свртиш девет бројаници кажувајќи - „Господи Иисусе Христе помилуј ме“ и три „Пресвета Богородице спаси ме“. Штом ќе ги направиш дванаесте, тогаш пак кажувај од почеток. Еден час пред да отидеме на Литургија ќе поминеш да ми ги кажеш… твоите подвизи.

- Ма, старче, извини, ама не можам да свртам дванаесет тристотки. Како, пак, да свртам и повеќе од тоа?

- Кој ти кажа дека не можеш? Сега за сега заборави ги твоите претстави. Ќе правиш како што ти кажав јас и после ќе поразговараме. Ти сега не си за вдишувања и издишувања. Ќе ја кажуваш молитвата со устата брзо, брзо. Истовремено ќе го приморуваш и умот да го разбира она што го кажуваш. За да успееш е тешко. Во сосредоточувањето многу помага да се молиш со страв Божји. Не формално и механички. Зборуваме со Бога, не е шала работа. Веруваме дека е присутен и дека не слуша. Ако со молитвата се отворат и очите на душата, дури и ќе Го гледаш.

Завчера дојде еден Ѓуптин за милостиња. Тој цел живот оди наоколу и собира. Не можам да го избркам. Те моли толку скрушено, дури и пред нозе ти паѓа. Од една страна знаеш дека е измамник, од друга неможеш да не му дадеш. Е, ако тој за материјалните работи моли толку смирено, колку повеќе ние треба за духовните! Човек човека го жали и го умилостивува, колку повеќе преблагиот Господ ги жали и ги слуша оние коишто Го молат! Ова ми се чини дека го укажува Христос кога во Евангелието вели дека синовите на овој свет се помудри од синовите на Царството Небесно.

Колку можеш, дете мое, со страв Божји, умствено да паѓаш и ти како Ѓуптинот пред нозете на Христа наш. Уште да го знаеш и ова: дојден си од светот. Го влечеш сеуште светот со себе. Сите слики што ги имаш од светот во себе, сите како лента ќе ти ги врти искушението во умот. Ти - молитвата. Упорност, трпение и себепринудување. Колку што можеш одгонувај каква и да е фантазија, добра и лоша. Само овие пет зборови на молитвата принуди се колку што можеш да ги сфаќаш. Денес, ова е првиот урок. Ајде да видиме дали си го разбрал!

- Ќе се обидам, оче, вечерва како што ми кажавте. Значи, постојано со устата ќе ја кажувам молитвата и потоа ќе поминам да ве видам.

- Да, дете мое, Господ нека те благослови. Така да направиш.

Ова момче откако попладнето се одмори во една келија, освежен и со голем копнеж стави почеток. Започнува бдение со тристотка. Покрај сите негови колебања дека не е лесно да свртат дванаесет бројаници, јазикот како моторче постојано ја повторуваше Иисусовата молитва. Како што самиот исповеда - јазикот трчаше без тешкотија. Најтешко беше како да се задржи умот во смислата на кажуваното. Таму навистина се случуваше битка со крв. Но, во претстојната борба, Господ не задоцни да го покаже првиот видлив резултат, но и чувството на Неговото присуство. Откако се истркалаа првите бројаници полека, полека една чувствена благост извира од грлото и се лепи на јазикот и на усните. Оваа блажина личеше како една најслатка карамела, со таа разлика што карамелата за пет, десет минути се топи. Таа немаше намера да се истопи, но уште повеќе се засилуваше до степен што со големо задоволство постојано да се повторуваат божествените зборови на молитвата.
Не помина еден час и веќе дванаесете бројаници беа готови. Почнува втора, трета се до четврта дванаеска. Кон крајот на четвртата дванаеска неочекувано душата воскликна во солзи на славословие и благодарење. Веќе се приближуваше часот за отчет. Радоста на старецот, заради успехот во исполнувањето на првиот урок, е неискажлива.

- Кураж, дете мое, ќе напредуваме.

Ова момче остана неколку дена. Потоа се врати во светот. Преку допишување го продолжи заедничарењето со старецот до оној момент кога Божјата промисла го повика во ангелскиот ред на монасите.

преводот од грчки јазик, на игуманијата Кирана, е од изданието:

Ιωσήφ M. Δ.
Ιερομοναχος Ιωσιφ Διονυσιατου
διδάσκαλος της νοεράς προσευχής