
Моите сеќавања за Папа-Тихон
Папа-Тихон, во свет Тимотеј Голенков, се родил во селото Новаја Михаилоска во Русија, во 1884 година, од благочестиви родители Павел и Елена. Посетил околу двесте руски манастири, а отишол на Синај и во Палестина. На Света Гора живеел шеесет години. Се упокоил на 10.09.1968 година. Ова се податоците на неговата лична карта. Но, за овој нежен изданок на светата Русија, мирисниот цвет на свештениот Атон, има некои други привлечни податоци коишто не го оставаат да помине незабележан на нашиве простори. Особено ни благодареше за гостопримството што му го укажувавме. „Им благодарам на Грците за гостопримството“, велеше често.
Топол почитувач на Богородица и достоен литург на Севишниот; божествената литургија беше неговата скапоцена радост; човек на љубов, молитва, умиление, смирение. Милосрден, постник, харизматичен еримит. Вљубеник во небесата, го покажуваше тоа со постојаното сеќавање на смртта, со безгрижноста и со својата радост.
За кревет имаше даски, а закрпени раса за покривка. Дивите ѕверови во планината беа неговите пријатели. Изобилно лиеше солзи на дрвото на чесниот Крст коешто го имаше во својата колиба. Со сопствените раце си го ископа гробот. „Слава Ти Боже“ стана едно со неговиот здив. Часот на смртта го предвиде многу порано. Поради сјајот на мир од неговиот лик, тој останува незаборавен. Молитвата на светиот старец нека не следи секогаш.
Духовни совети
Неговите совети беа капки од доживувањата на неговото срце.
За да најдеш добар духовник, велеше, треба да се молиш три дена, а потоа како ќе те просветли Господ. И, на патот по кој одиш, да се молиш, него да го просветли Господ, да ти каже добри зборови.
Секогаш, пред да започнеш било каква работа, сотвори молитва. Да велиш: Боже дај ми сила и просветление, и потоа да ја почнеш работата, и на крај: Слава Ти Боже.Многу зборуваше за смирението. „Секое утро Бог ги благословува луѓето со едната рака. Кога гледа смирен човек го благословува со двете раце“.
Еднаш го посети еден монах и му кажа дека нема направено ништо лошо во животот. Но, старецот просуди дека неговите зборови криеа голема гордост, се нажали многу и сметаше дека тој монах е паднат демон. Не сакам да гледам таков човек, велеше, подобро иљада пати да имаше паднато во грев, отколку вака каков што е. Тој е за во пеколот, дете. Тогаш ми раскажа една случка од неговата татковина: Во еден женски манастир живееше една млада монахиња прочуена по нејзината доблест. Игуманијата, тогаш, имаше едно видение и чу глас што и вели: „оваа монахиња да ја смириш“. Игуманијата се зачуди бидејќи ја сметаше за нејзина најдобра монахиња. Младата монахиња имаше обичај после службата да останува сама во црквата. Стоеше пред иконата на Богородица и велеше „јас девица, ти девица, ти роди, јас не“. И, со овие свои зборови ја покажуваше својата гордост. Но, многу скоро Бог и даде искушение, така што ја приведе во големо смирение. И тогаш, клекната пред иконата на Богородица, покајана, смирена, правејќи метании и лиејќи солзи велеше дека е најгрешната на светот…
„Солзи, дете, солзи, тоа го сака Бог“.
„Пеколот се има наполнето со луѓе девственици - горделивци. Смирен човек сака Бог“.
Смирението на папа-Тихон беше такво, што кога некој одеше да се исповеда кај него, после разрешителната молитва му велеше: Дете мое, помоли се и за мене…
Кога еден рамнодушен младич дојде на Света Гора во обиколка, го одведов во колибата на старецот. Откако се исповедав, посака и тој да се исповеда. Влегувајќи во црквата му бликнаа солзи и падна крај неговите нозе молејќи за простување на многуте свои гревови. Папа-Тихон толку го засака што во истиот момент му бараше да се помоли за него, да му прости Бог, зашто младичот имаше многу солзи, а самиот како што велеше, немаше. Тој, на којшто никогаш не му недостасуваа солзи и којшто имаше една крпа со која ги собираше солзите и којашто секогаш беше мокра…
И, неговиот епитрахил секогаш беше мокар од неговите секојдневни солзи - го целивам како скапоцен благослов. Дури и големиот крст, ако го запази човек, ќе види траги од солзи коишто ги лиеше во изобилие. Сметаше дека со солзите ги миеме нозете Христови и со косата ги бришеме.
преводот од грчки јазик е на игуманијата Кирана, од изданието:
Ίερομονάχου Άγαωανγγέλου (Καλαφάτη)
οι αναμνησεισ μου απο τον παπα-τιχων
Έκδοση
Ί Κελλίου Τιμίου Σταυρού Καρυών
Άγιον Όρος

