
Процесот на создавање нешто ново, секогаш носи неизвесност, па така и создавањето на човекот од страна на Бога, според Неговиот образ и Нему подобен, содржи извесен степен на ризик. Притоа, ризикот не се состои во тоа што Он придодава елемент на несигурност, или, шок кон Неговото Вечно Битие но, во тоа што на човекот му даде божествена слобода, со што спречи предодреденост во било каков облик. Човекот има целосна слобода да се постави одрекувачки во односот со Бога - дури и да влезе во конфликт со Него. Бивајќи бесконечна Љубов, нашиот Небесен Отец не може да го напушти човекот којшто Он го создал за во вечноста, каде што ќе се исполни со Неговата божествена полнота. Он ја живее со нас нашата човечка трагедија. Го почитуваме овој ризик којшто ни го одзема здивот со својата величина, додека го созерцуваме Христовиот живот на земјата.
По долгото проучување на Страшниот Суд од Микеланџело, во Систинската Капела открив делумна аналогија помеѓу фреската и, моето согледување за создавањето на светот. Погледни го само Христос на фреската, погледни на она коешто го прави. Како победник во некој натпревар, Он насилно ги фрла во долината сите оние коишто се дрзнале да му се спротивстават. Сета пространа површина врие од луѓе и ангели коишто се тресат од страв. Исфрлени во некакво козмичко пространство, тие се помалку обземени од нивната сопствена несреќа, а повеќе од бесот на Христа. Он е во самиот центар и гневот Негов е ужасен. Бидете сигурни дека јас вака не гледам на Христа. Микеланџело навистина поседувал голема надареност но, не и за литургиски нешта.
Тогаш ајде да ја пресликаме фреската. Неминовно во центарот се наоѓа Христос но, поинаков Христос, поблизок до Откровението коешто ни е дадено за Него: Христос Којшто е неизмерно моќен со силата на беспрекорната љубов. Он не дејствува одмазднички. Со самото тоа што Он нè созададе како слободни битија, создаде можност, поточно неизбежност да се случи трагедијата на човековото отпаѓање. Избавувајќи нè од мракот на небитието, Неговото верно дејствување нè фрла во тајните пространства на козмичкиот живот. “На сите места и исполнувајќи сè”, Он останува вечно близу до нас. Он нè љуби и покрај нашата бесчувствителност. Он нè повикува и, секогаш е подготвен да одговори на нашите повици за помош и да ги води нашите несигурни чекори низ сите пречки коишто ни застануваат на патот. Нè смета за еднакви Нему. Неговата промисла за нас е да нè види во вечноста како вистински еднакви со Него, Негови пријатели и браќа, синови на Отецот. Он се бори за тоа, Он за тоа и копнее. Ова е нашиот Христос и, Он како Човек седна оддесно на Отецот.
На почетокот Бог го создава нашиот дух како чист потенцијал. Сè што следи понатаму не зависи само од Него. Човекот е слободен да му се спротивстави, па дури и да му пружи отпор. Од ова произлегува дека ние самите одлучуваме за вечната иднина - се разбира, секогаш во поврзаност со Него: без Него ние не би ни постоеле. И, ако бараме прославена вечност којашто во суштина само Нему му прилега, тогаш секое наше дело, сето наше творечко делување, нужно мора да биде со Него и во Него, а не одделно од Него.
Роден како чист потенцијал, нашиот дух мора да продолжи да го остварува нашето битие како ипостасно. Неопходно е да растеме, а ова растење е поврзано со болка и мачење. Колку и да изгледа необично, мачењето е потребно за да се зачува животот созададен од ништо. И животните ако не чувствуваат глад, не би правеле напор да најдат храна, туку едноставно би легнале и умреле. Слично на ова и суровата средина го принудува примитивниот човек да бара начин да се прехрани. Понатаму, со напредокот во разумното спознавање, маката му ја открива на неговиот освестен ум неговата несовршеност и несовршеноста на светот околу него. Ова го води до согледување на потребата од еден нов вид на творечко делување кон совршен живот во сите негови пројави. Подоцна наидува на извесна претстава за Највозвишеното Битие Коешто ја поттикнува неговата душа да бара да се здобие со појасно познание за Него. И се така, додека не види, дека ова Беспочетно Битие Коешто откако најпрвин го сфати почна и да го слави, не одбива средба со него и, дека во светлината на ваквиот однос смртта изгледа апсурдна, со вистинска можност да се бори против неа безмилосно. Историјата ни покажува дека сите оние коишто ја добија оваа битка борејќи се беспрекорно, дури и додека беа на земјата со духот го созерцуваа вечното царство на Живиот Бог и, преминаа од смрт кон бесконечен живот во светлината на Божественото Битие.
Да го разгледаме повторно пресудниот потег на нашиот Христос земајќи ја улогата на човекот којшто Он го создаде да биде слободен, како прекрасно семе во светот подготвен за него. Тоа е делување на сејач којшто фрла семе на земја изорана и подготвена.
Камен - темелник на нашата христијанска вероисповед е откровението: “Во почетокот беше Словото… и Бог беше Словото… сè стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. Во Него имаше Живот” (Јован 1. 1, 3, 4). Но, во исто време науката тврди дека на почетокот бил водородот и, од овој атом по еволутивен пат во текот на милијарда години, сè друго настанало. Научниот пристап - објективизирање на вселената во согласност со објективното знаење - е можен само во оние случаи кога природните закони апсолутно преовладуваат. Но, не е доволно јасно врз основа на што научниците ја отфрлаат можноста од друг вид на постоење - на слободно, безусловно постоење. Знаеме дека Беспочетното Битие е надвор од рамките на науката којашто во однос на смислата на нашето постоење не може ништо да ни рече.
Воопшто, со двата начини на размислување коишто се разликуваат од корен, забележуваме и две спротивни тежнеења на човечката душа. На една страна се оние коишто го презираат, за нив бесмисленото измачување поврзано со овоземниот живот, па според тоа воопшто не го сакаат постоењето и се чувствуваат необично привлечени кон мистериозната се’-опфатна инертност на не-битисување. Другите се обидуваат да го следат Христа; да ги надвладеат овоземните слабости и да се здобијат со божествената вечност, трудејќи се да навлезат подлабоко во тајните на делувањето на беспочетното Битие коишто можеби наизглед се ненадминливо апсурдни. “Бидејќи не сакаме да се соблечеме, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното” (2 Кор. 5. 4) - спротивно на философската и самоодрекувачка теорија за соголувањето на битието.
Ние, христијаните со благодарност го примаме чудесниот дар на животот. Повикани од Христа, копнееме за познание на Единствениот Извор на сè што постои, во сета негова полнота. Со нашето раѓање започнуваме постепено да растеме и да навлегуваме во просторот на битието. Христос ни е “патот, вистината и ‘ивотот” (Јован 14. 6). Со Него, нашиот пат нè води низ големи и сложени духовни достигнувања: се движиме низ вселенските длабочини, најчесто со голема мака но, не ретко и со восхит пред позананието коешто расте. Некое време овој процес на духовно растење е поврзан и со нашето физичко тело; но, потоа доаѓа време кога ослободени од световните окови, умот и духот продолжуваат да се приближуваат кон Небесниот Отец. Знаеме дека Он нè љуби и поради оваа љубов Себеси ни се открива безрезервно. Можеби сеуште делумно но, сепак знаеме дека во Него е нашата бесмртност; во Него ќе ја најдеме вечната Вистина. Он ќе не дарува со неискажаната радост поради споделувањето на самиот Чин на Божественото создавање на светот. Жедни сме за целосно единство во Него. Он е Светлина, Убавина, Премудрост, Љубов. Он го облагородува нашиот живот и го осветлува со бесконечно познание.
Сопственото битие, онакво со какво што се здобивме при раѓањето - битие како потенцијал којшто делумно сме го оствариле - никогаш не би можело да се развие од водороден атом, па дури и да поминале иљадници години, па дури и да се случиле чудесни и невидени “пресврти”. Премногу е голема онтолошката разлика помеѓу атомската состојба на материјалното битие и состојбата на битието коешто веќе го поседуваме и, за коешто сме сигурни дека ќе се восоврши и ќе биде во полнота.
Природно е како христијани заедно да истражуваме во светлината на евангелското нагласување за нашата личносна поврзаност со Бога. Кога Светиот Дух, пребивајќи во нас ни овозможува да ја живееме љубовта којашто ни е заповедана од Христа, во коските чувствуваме дека ова е единствената нормална состојба на нашето бесмртно битие; дека, во оваа состојба ја поимаме божествената сеопфатност на Христа и на неговите заповеди. Ова е Вистината којашто не остава место за сомнеж во срцето или умот. Ова е спасението проповедано од Црквата. (Сега зборувам не за етичката, туку за онтолошката содржина на Евангелието.) Оваа љубов во суштина е Божествен Чин чијашто сила никогаш не исчезнува но, вечно дејствува во својата полнота.
Кога Христос Словото Божјо ја зеде на Себе нашата падната природа ја возобнови онаква каква што беше и, каква што отсекогаш е во творечката воља на Отецот. Овоплотувањето на Единородниот Син е пројава на Божјото во облик во каков што ние постоиме. Сега се откри тајната на патот кон спасението.
О БОЖЕ ОЧЕ Којшто си преблагословен;
Којшто ни повика кон вечна слава во Иисуса Христа,
Христа безгрешниот, Којшто ги зеде гревовите на светот,
И го положи животот на крст, за ние да живееме вечно;
Којшто во слабоста на човековото тело
Го пројави образот на Твоето совршенство -
Ти се молиме Тебе, Пресвет Оче,
Исполни не со Твојата сила од висините,
За да можеме да Те следиме.
Направи не слични во добрините на Твојот Син
Во ова суетно, непостојано време,
За патот на Твојата Вистина да не биде похулен
Заради нашата невистинитост,
Ниту да биде попречен од синовите на противникот.
преводот од англиски јазик на Дона Јанева е од изданието:
Archimandrite Sophrony
His Life is Mine
St. Vladimir’s Seminary Press
Crestwood, New York 10707

