
Мнозина се оние коишто мислат дека разликата помеѓу монаштвото и обичниот живот на луѓето се темели на безбрачноста. Ние, во согласност со светите Отци и современите подвижници, покажуваме најголем интерес за послушанието, зашто често лицата коишто живеат во безбрачност не стануваат монаси ниту во буквалната смисла, ниту по дух. Слично на ова, сиромаштвото како способност некој да се задоволува со малку, се среќава и кај луѓе коишто се наоѓаат многу далеку од монашкиот дух.
Значи, наша цел не е да направиме вреднување на трите завети но, повеќе би сакале да покажеме дека нивното проникнување создава неопходни состојби за некој да може да ја достигне основната цел на подвижништвото - бестрасност и чиста молитва.
Послушанието е основа на монаштвото. За него е многу тешко да говориме зашто почнува, се чини, со облици прости и груби но, потоа го воздигнува човекот кон еден свет којшто не се опишува. Послушанието е тајна којашто е откриена од Светиот Дух и, истовремено е Тајна и Живот во Црквата. На прв поглед, одрекувањата од слободниот избор и од слободниот начин на мислење коишто ги опфаќа послушанието, се чинат спротивни на намерата на Бога Којшто го дарувал човека со една слобода еднаква на Неговата и, го повикал да царува вечно во силата на оваа слобода. Заради предавањето на вољата и логиката во власта на еден друг човек, мнозина би чувствувале празнина под своите нозе. Оваа одлука би им се чинела како пад во бездната на мракот, како пропаст на нивната личност, како ропство и самопонижување. Но, на оние коишто преку верата го имаат сфатено учењето на Црквата и, коишто направиле такво одрекување во духот на ова учење, послушанието им се открива како еден неизречлив дар од Горе.
Послушникот може да се спореди со орел којшто со силата на своите криља се возвишува кон висините и, мирен го набљудува растојанието коешто го одвојува од земјата, радувајќи се за безбедноста и за господарењето со висините, коешто е недостижно и смртно страшно за другите. Положувајќи ја со доверба, подготвеност, љубов и радост својата воља и целосниот суд за себе на својот духовен отец, послушникот само низ послушанието се ослободува од тешкиот товар на земните грижи и тогаш го запознава непроценливиот дар - во Бога чистота на умот.
Монаштвото пред сè е чистота на умот. Чистотата на умот е невозможно да се постигне без послушание, следствено без послушание не постои монаштво. Непослушниот не е монах во вистинската смисла на овој призив. Можно е и надвор од монаштвото некој да прими големи божествени дарови, дури и совршенство на маченик; чистотата, пак, на умот е посебен дар на монаштвото, непознат за другите богоугодни патишта. Монахот ја познава оваа состојба само преку вежбање во послушанието. Ете зашто послушанието го сметаме за темел на монаштвото, темел којшто како негова природна последица ги опфаќа и другите два завети. Ова го потврдува и светиот Јован Лествичник: “Мајка на чистотата е молитвеното тихување со послушание. Бестрасноста на телото постигната во тихување, често кога доаѓа во допир со светот не останува непоколеблива, напротив, бестрастноста родена во послушание секогаш е благоразумна и непоколеблива”.
И, говорејќи за волната сиромаштија придодава дека оној којшто ја предал (во послушание) својата душа - којшто се одрекол од сите апетити и желби на неговата падната природа - зар ќе се грижи тој за нешто создадено.
Така послушникот, низ оттуѓувањето од светот и одрекувањето од својата воља, како со златни криља преминува безболно кон небесата на бестрастието.
Послушанието е тајна на Црквата, та следствено односите на старецот и послушникот добиваат свештен карактер. Како што погоре рековме, оваа тајна за послушникот се состои во изучување како да ја исполнува вољата Божја; за да би влегол во сферата на Божествената воља и да би постанал сопричесник во Божествениот живот. За старецот, пак, оваа тајна се состои во тоа - да го поведе послушникот преку молитвата и преку подвигот на неговиот живот во познание на патот на послушанието и во него да ја однегува вистинската слобода без којашто спасението е невозможно.
Вистинската слобода постои таму “каде што е Духот Господов” (2 Кор. 3, 17), заради ова целта на послушанието како и на христијанскиот живот воопшто, е стекнување на Духот Свети.
Духовниот отец не е славољубив за да ја потчини вољата на послушникот на својата човечка воља но, во секојдневниот живот можни се такви случаи во коишто духовникот настојува на извршување на неговите укази. Но, еден искусен послушник никогаш нема да го доведе својот духовен отец во состојба овој да ги постави нештата на тоа рамниште.
Подвижничката борба на духовниот патеводител е потешка од подвижничката борба на послушникот, заради неговата голема одговорност пред Бога. Но, духовникот има пред Бога одговорност за ученикот, само тогаш кога ученикот безрезервно му се покорува. Во сите други случаи ученикот ја носи тежината за своите постапки и, ги губи добродетелите на послушанието. Намерата на духовниот отец не е да го ослободи ученикот од секоја одговорност но, да го научи на христијански живот и вистинска христијанска слобода преку коишто низ послушание ќе ги победи страстите на властољубие и славољубие. Човекот којшто го поробува својот брат, или, просто бара да ја оспори неговата слобода, неизбежно ја губи сопствената слобода, зашто таквиот обид претставува отпаѓање од божествениот живот на љубовта на којшто човекот е повикан. Самољубието, нашиот егоизам е една од главните замки за да се стигне до љубовта на којашто не повикува заповедта Христова.
Послушанието е најдобриот пат да ги победиме во себе последиците од праотечкиот грев. Кога ја сечеме сопствената воља, пред вољата на нашиот брат, ја победуваме разделеноста којашто влезе низ Адамовиот пад во нашата природа, којашто во почетокот била единствена и собрана во Бога.
Од каде извира оваа борба на спротивставени вољи во нас? Зар во Бога не постои само една воља?
Кога ја “сечеме” нашата воља пред вољата Божја, предавајќи се на Неговата воља и “мразејќи” ги нашите мали “лични” желби, стануваме способни да ја примиме и да ја носиме во нас енергијата на Божјата воља. Восовршувајќи се во послушанието кон Бога и кон својот брат се восовршуваме во љубовта, го шириме нашето битие додека да стигнеме во полнотата на Богомажественото постоење, според образот (катееикона) на Богочовекот Христос, зашто не постои граница на љубовта Божја кон човекот.
Иако по Својата суштина Бог останува вечно недостижен и непричастен на созданието, по енергијата Своја, по благодатта Своја копнее да се соедини со човекот толку близу и, толку во полнота, за човекот да постане бог по благодат, сличен на Бога - Создателот, според образот на Неговото битие. Божјото Откровение вели: “На оној којшто победува ќе му дадам да седне со Мене на Мојот престол” (Отк. 3 , 21).
Образованиот човек на денешницата со толку развиената критичка склоност е неспоредливо помалку способен за аскезата на монашкото послушание, отколку простиот човек, ослободен од искушението на љубопитството и испитувањето. Образованиот човек е вљубен во својот критички дух и верува дека нему му ја должи својата вредност којашто ја смета за единствен постојан темел на “личниот” живот; тој пред да постане послушник или монах треба да се одрече од своето богатство, инаку, според зборовите Христови (Лука 12, 33), ќе му биде многу тешко да влезе во Царството. Но, како е можно ова да се постигне! Зар оној пред којшто ја сече сопствената воља не е обичен човек во сè сличен на нас, а, не е исклучок понекогаш да изгледа и понизок од нас. И, ученикот почнува да размислува: Што е старецот? Можеби е гатач? И, од каде ја познава тој вољата Божја? Бог ни дарувал логика и, ние самите треба да судиме. Еве, на пример, ова што ми го кажа духовниот отец е сосем нелогично… и така со ред. Еден таков однос кон старецот, му придава на секој негов збор, на секој негов указ еден карактер на несигурност и релативност. Овој послушник заборава дека вољата Божја во светот се пројавува преку конкретни облици, преку коишто се пројавува и природната човекова воља, слично, пак, и демонската којашто им се наметнува на луѓето. Тој суди надворешно, онака како што начелно му прилега да суди на “логичкиот” човек и, заради тоа не го наоѓа патот на живата вера.
Свети Јован Лествичник вели: “Монахот којшто самиот се предава на волно ропство за возврат добива вистинска слобода”. Така искуството на послушанието на крај станува искуство на автентичната во Бога слобода.
Од искуството на овој став кон Божјата вистина, подвижникот непоколебливо се убедува во несовршенството на својата логика. Тоа е особено важен момент во животот на подвижникот. Неверувајќи му на сопственото знаење и искуство, монахот се ослободува од ноќната мора во себе, а во којашто живее сето човештво.
Постојат две категории на монаси - едните имаат дар на проста непосредна вера и лесно излегуваат на патот на послушанието; другите, и покрај големата желба за Бога и, ревност да живеат според неговите заповеди, со голем напор се ослободуваат од самодовербата за да би се научиле на послушание. Кога монахот, полн со вера во Бога Којшто го штити, и во својот духовен отец, ја напушта својата воља и индивидуалниот суд, тогаш од длабочините на неговото внатрешно искуство со радост чувствува дека достигнал извор на вода којашто тече во живот вечен (Јован 4, 14).
Остварувајќи го одрекувањето од својата воља и суд, заради пребивање во вољата Божја, којашто ја надминува секоја човечка мудрост, монахот всушност не се одрекува од ништо друго туку од сопствената острастена егоистичка воља и од својот мал немоќен разум.
Со ова тој ја сведочи вистинската мудрост, ретко силната воља и животот со еден возвишен квалитет. Преку овој пат и, на начин дури и за него сокриен, монахот лесно се воздигнува на едно ниво коешто никогаш не можат да го достигнат, ниту да го сфатат, дури и луѓето со високо однегуван интелект. Оваа состојба, како што погоре веќе е речено, е во Бога чистотата на умот.
Послушанието е патот на верата којашто го победи светот (1Јован 5, 4). Но, не ја познаваат сите оваа тајна. Светиот епископ Игнатиј Брјанчанинов пишува во едно свое послание: “Веруваме како што ни научија светите Отци, дека ако Самиот Господ не го научи монахот на послушание, тој ништо не би можел да научи од луѓето, дури ако ги има пред себе и самите свети Апостоли возможно е и нив да ги каменува”.
Монашкото послушание не е “дисциплина”. Ниту еден човеков режим не може да опстои без координирање на дејствата на своите членови. Ова координирање се постигнува преку дисциплина чијашто суштина се состои во потчинување на човечката воља на оној којшто својата воља ја потчинува на вољата на одговорниот, или, на мнозинството. Таквото потчинување често се постигнува со принуда. Но, дури и да е слободно како неопходност за зачувување на човечката заедница, тоа не престанува да биде дисциплина, затоа што неговото основно начело е потчинување на човечка воља.
Монашкото послушание е пракса на живот според верата и како такво треба да биде слободно, инаку ја губи својата смисла. Послушанието е духовно плодоносно кога го има карактерот на слободното сечење на својата воља и на својот суд, пред старецот, со цел - барање на Божјата воља. Во барањето на Божјата воља се состои суштината на нашето послушание.
Послушникот ја согледува својата неспособност непосредно да ја познае вољата Божја и, заради ова прибегнува кон својот духовен отец за кого верува дека му е дадено појасно да ја познае Божјата воља.
Духовниот отец не ја убива вољата на ученикот и, не ја потчинува на својата воља но, го прима на себе одговорно тешкиот товар на едно свето служење, преку кое заедничари во Божествената пракса на создавање на човекот. Често пати во секојдневниот живот духовниот отец, природно болен, можно е да има потреба од помош на послушникот но, ова не ја менува смислата на послушанието. Ако во еден манастир игуменот и другите духовници се принудени да прибегнуваат кон “дисциплина”, кон приморување на своите браќа, тогаш тоа секако е знак за пад на монаштвото, веројатно совршен заборав на целта и на неговата суштина.
Од практична страна, прашањето на послушанието е тесно поврзано со барање и избор на еден духовен отец, старец, но оваа тема ќе ја оставиме на страна, за многу да не ја издолжиме беседата. Да забележиме само дека според учењето на свети Симеон Нов Богослов и другите Отци, оној којшто вистински и смирено со многу молитва, бара за себе водач по патиштата на Божествениот живот, тој според зборовите Христови : “Барајте и ќе најдете”, ќе го најде него.
Темата - послушание е огромна и неисцрпна, зашто се пројавува под разни облици и во многу различни состојби. Но, општото правило останува секогаш исто: “Немој да веруваш во себе”. Ова е особено важно за почетниците. Но, и оние коишто имаат напреднато во монашката аскеза не го напуштаат ова правило.
Секоја пракса, секое дело, треба да се прими со благослов, та преку благословот да се облече во карактерот на Божјо дело. Како што малите и безначајни, така и големите нешта имаат потреба од познание на вољата Божја, зашто во животот на човекот сè е големо и важно. Преку овој благослов целиот живот добива димензија на светост и, тогаш секое дело станува автентично вечно, бидејќи се совршува во Името Божјо. Христос рекол: “Секоја садница којашто не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне” (Матеј 15, 13). Преку послушанието вечниот живот станува реалност веќе од овде. Добриот послушник го чувствува присуството на Духот Божји Којшто на душата ѝ дава не само длабок мир но, и неоспорно чувство на премин од смртта кон живот.
преводот од грчки јазик на игуманијата Кирана е од изданието:
Αρχιμανδρίτου Σωφρονίου (Σαχάρωφ)
ΑΣΚΗΣΙΣ ΚΑΙ ΘΕΩΡΙΑ
Ι. Μ. Τιμίου Προδρόμου
Εσσεξ Αγγλίας
1996

