Успение

Архимандрит Василиј, игумен на манастирот Ивирон, Света Гора

Значењето на типикот

Успение број 1 · April 2001 · Современи подвижници и богослови · Print

(Суштинскиот придонес на типикот во монашкиот живот)

Монахот треба сиот да се восоврши во созерцанието. Тоа е целта и причината на неговото постоење. Тој, само тогаш, може да гледа, слуша и чувствува; се смирува, напредува, созрева. Стапува во природен однос со светот околу него. Го спознава секое битие. Прима и испраќа пораки на живот. Станува свештенослужител на созданието. Сослужува со сета природа во единствената служба, во којашто Првосвештеникот е Оној Којшто принесува и Оној Којшто се принесува и прима и раздава за живот и спасение на сиот свет. Тогаш монахот - човечкото битие - е во мир, бидејќи во хармонија сослужува со севкупноста. И, во ваквото сослужување има ред, закон, којшто е законот на личносниот живот и заедничарење. Тоа е дар од благодатта којашто произлегува од Иисуса, а не законот којшто беше даден преку Мојсеја (Јован 1: 17). Благословот од присуството на Богочовекот е оној којшто владее со нештата на небесата и земјата. А, Он е Тој Којшто благословува, осветува и ги нахранува сите нешта.

Законот е сеопшт закон; поврзан е со она по коешто древниот философ трагал кога нејасно зборувал за “начинот на којшто си е под власт” (Хераклит). Ваквиот закон, којшто не е механички, туку личносен, го опфаќа редот и “безредието”. Го опфаќа општото и непобитното, го прифаќа непредвидливото, коешто доаѓа ненадејно. И додека сиe* тече нормално, настануваат повремени избувнувања, ослободување на скриени сили, коишто човекот го пренесуваат на поинакво рамниште. Така, според свети Григориј Нисијски, душата постојано се создава. И, оној којшто се здобил со состојба на тишина и мирување постојано е во движење, постојано бивајќи создаван од несоздадената Сила. Истиот е каков што одсекогаш бил, истовремено бивајќи различен.

Ваквото скеле, овој ред и толеранција, дава можности за стекнување личносна особеност, секој свесно да се здобие со личносна зрелост и смирение; да може секој да се најде себеси, да го пронајде сопствениот ритам; свесно да вели “Господи помилуј”, да го изговара единствениот збор којшто личносно произлегува од него, да зборува на сопствениот јазик и, на тој начин да заедничари со Словото коешто се пренесува преку зборовите на другите луѓе и созданија… Ова скеле, овој свет, овие околности ги подготвува типикот на Црквата - структура мајсторски составена од живот, подреден режим и созданија - каде што има место за секоја личност со сопственото име, на кое било ниво од животот и на патот до зрелоста. Таа не е груб калап којшто произедува идентични садови, но жива утроба којашто создава личносни битија со сопствен карактер, повиканост и “судбина”.

Црквата е утроба којашто го обликува секое човечко битие. Го опкружува секое создание, сета човекова заедница - мината, сегашна и онаа којашто доаѓа - со мајчинска љубов. Го оживува и обединува сиот создаден свет којшто истовремено е и одреден, и во постојан напредок; којшто приличи на шира којашто се меури во бурето, и на прочистено вино коешто продолжува да ферментира за дополнителна јачина, вкус и боја. Во ова сослужување на насилните сили (Матеј 11. 12) и, незабрзаното придвижување на ферментот на трагање и нежното бранување во достигнувањето, сфаќаме дека иако сме многумина - ние сме едно тело и еден дух. Ништо не се случува без наше учество, без да имаме органска врска со нашето битие и нашиот живот. Сите се храниме од сè. И, сите сме одговорни за сè.

И создавачката Љубов, којашто без престан се излева, ги обединува сите нешта во свет, во κόσµοσ; сè разубавува во украсеност (κοσµεµα), пројавувајќи ја чудесната убавина којашто свети од севкупноста на созданијата. Оваа Љубов ги создаде сите нешта. Им дава живот, ги храни и ги остава слободни да ја најдат сопствената рамнотежа со внатрешниот копнеж по живот, којшто како сила е сокриен во нив.

Типикот има за цел да ги задржи и прераспредели енергијата и преизобилството на динамичност содржани во Божјото создание.

Според тоа, типикот и дневниот режим не се доживуваат како механички организиран процес којшто го игнорира животот и карактерот на животот и, наметнува неоправдани ограничувања. Но попрво, го прифаќаме како правило на аскеза, внимателно поткастрување коешто го почитува животот и, го подготвува патот за плодност на Духот. Ни открива што е во нас, а што над нас: слобода, одреденоста на просторот и, единство; како да здобиеме полнота со сите Светии и, како во една личност се распознава само-доволност, опфаќајќи сè во себеси.

Типиците се суштински: тие ѝ служат на суштината. Тие не се направени за да ги пригушат човечкиот живот и спонтаност, но, човекот да го очистат, да го испитаат и да му ја покажат неговата вредност, природно водејќи го по правилната насока, којашто води кон смирение и кон светиот обред на внатрешната проникливост, каде што сите нешта се собираат и шират. Нештата дејствуваат одвоено и, се собираат на едно место. Стигнуваат до степенот во којшто поредокот на смртноста не преовладува, туку светлината од Неговиот лик стражари. И, оваа непристапна светлина ги исполнува пристапните нешта со внатрешна убавина, откривајќи им ги козмичките димензии на личноста и личносните димензии на козмосот, на светот.

Сиот свет, како поредок од созданија, ја открива хармонијата на синергијата на трите божествени Лица, Троичното Сонце. И, секоја човечка креација носи белег од личноста на нејзиниот создател. Го носи белегот од сите личности коишто на некој начин придонеле во остварувањето на ова особено создание, било тоа да е икона, градба, или режим на живот.

Секој манастир си има свои особености. А, во сржта на сите манастири, келии, скитови, пустиножителства, лежи истата Божествена Литургија којашто ги осветува сите нешта.

Секој потенцијален монах може слободно да патува, додека не го избере манастирот во којшто ќе се чувствува слободно. И, додека секој манастир има типик и распоред на службите заеднички со сите други манастири, истовремено секој манастир е и носител на особениот карактер на неговите основачи, градители и на областа каде што е изграден. Покрај карактерот на манастирот којшто произлегува од неговиот основач, постои и друг карактер којшто се менува со времето; зависи од старецот на манастирот и заедницата којашто се образува околу него; зависи од старецот којшто е духовен отец на заедницата и, којшто ја разбира и пројавува благодатта на монашкиот живот на негов сопствен, несомнено личносен начин. Така секој манастир е повикан на нешто - но, не како на Запад, да изврши одредена работа или да исполни некаква задача (издавајќи весник, управувајќи некакви училишта или факултети)…

Секој манастир е повикан на нешто коешто е исто, а сепак различно за секој од нив. Тие се повикани да му помогнат на секој брат засебно да го освети својот сад со покајание, аскеза, понизност и љубов; за да на крај како цвет на животот од него се отвори: “Слава на Бога!”. Слава му на Бога што сум човек, што станав монах, што имам такви дарови, што имам многу маки, што поминувам низ толку искушенија и, што преку сево ова ја познав љубовта Божја и, што по сево ова Бог ме спаси, и ме спасува, и што со Неговата благодат преминувам од образ кон подобие.

По сево ова, не постои голема разлика дали братот работи на бавча, во трепезарија или библиотека. Дали пишува, гради, иконописува или пее во црква или, пак, е преслаб да би работел нешто надворешно - не постои никаква разлика. Преку сите овие нешта, преку она коешто го прави и она коешто не го прави, зрелиот монах зрачи; излевање е на благодатта, смирението и славењето на Бога, коишто и го обливаат неговото срце. Тој сведочи дека Бог во изобилството на Неговата милост ги изведе сите нешта од небитие во битие. И, Он ги создаде предобри.

Иако типиците во сите манастири во основа се исти - постои еднообразно скеле на секојдневата поставеност, службите и редот - истовремено, секој манастир во секое време има свои особени правила на животот и службите во него. Така што кога свети Никодим Светогорец, авторот на законикот на канонското право познат како Кормило, сакал да состави прецизен типик за сите Атонски манастири, замислата му пропаднала. Покрај очигледните правила за дневниот, неделниот и годишниот циклус на служби, било невозможно да се изведе подробен типик којшто би бил споив за сите манастири, поради особеностите во практикувањата и обичаите во однос на типикот.

Покрај тоа очигледно е дека животот и службите ќе бидат организирани на еден начин во монашка заедница од сто монаси, а различно во некоја друга која брои педесет, дваесет или десет монаси. Исто како што има и различна поставеност во службите и работата во келијно монашко братство од пет, три или двајца монаси. И, пустиножителите коишто сами го исполнуват својот аскетски живот во тишина, немаат иста поставеност во нивното поучување, молитвеното правило, метаниите, ракоделието и службите. Секој пустиножител ја спроведува својата лична поставеност во согласност со неговиот карактер, неговите потреби и можности, со помошта на искусен духовен отец пред којшто си го отвара срцето и му ги открива помислите и, преку којшто е воден во исполнувањето на неговата посебна личносна поставеност во молитвата, поучувањето и работата, коишто му помагаат да напредува во смирението, во молитвата, во небесната слобода во Христа и, во братство со сите.

Тогаш и постои некаква оправданост во збунетоста на римокатоличкиот свештеник којшто во една статија напишана по неговата посета на Света Гора го покренува прашањето: Како е можно Светогорците толку фанатички да му бидат верни на Преданието, а истовремено да имаат таква слобода во молитвата и животот?

Редот и правилата коишто владеат во монашкиот живот сигурно не приличат на подредување на уредно складирани предмети ниту, пак, на организираност во воени бараки каде што одредени луѓе извршуваат принудна служба. Тие повеќе приличат на редот и хармоничниот однос помеѓу членовите на едно семејство полно со љубов. Тие се како редот и севкупната организираност на еден жив организам; како редот и животот на едно дрво, вкоренето во добра земја и на добра клима, коешто надворешно останува неподвижно, а е во постојано движење, бидејќи е живо, неговите сокови се креваат и паѓаат и, коешто со сето свое битие се соочува со сè она коешто времето ќе му го донесе. Од горчливите корени закопани во земјата па се до стеблото, гранките и лисјата тоа е едно живо дрво коешто расцветува и дава свои слатки плодови во вистинско време.

Типиците и каноните ги чувствуваш како божествени ограничувања, како речно корито коешто ги понесува водите на животот, радоста и солзите за да го најдат својот пат; да ја наводнат земјата и, на крај да се испразнат во морето на љубовта и да го прослават Бога.
Поставеноста и редот во црковната заедница ги чувствуваш како начин да не се изгубиш во збрката и метежот на себељубието, за на крај да не се удавиш во бурата на животот но, да станеш дел од полнотата.

“Божјите Отци коишто сe* добро уредиле” се покрај тебе; и преку каноните коишто тие ги поставија и преку нивните битија коишто ги осветија, невидливо и постојано ти помагаат во напредокот кон достигнувањето на конечната цел: да се откажеш од сè, да ги соблечеш облеките на телото, да се ослободиш себеси од сопствената воља, да ја загубиш и сопствената душа, за да можеш да ја најдеш својата душа по благодат - душа којашто се восовршила во созерцанието, додека безусловно им се предаваш на вољата и љубовта на Бога Словото, Создателот на сè.

На тој начин од твоето битие коешто е препородено преку умртвувањето и пронајдено преку губењето, восхитувачки процветува невенлив цвет; чудо од длабочините процветува како песната на славословието: “Еден е Свет, Еден е Господ, Иисус Христос во слава на Бога Отецот. Амин.”

преводот од англиски јазик на Дона Јанева е од изданието:

Archimandrite Vasileios
Abbot of Iveron Monastery, Mount Athos
The Meaning of Typikon
Alexander Press,
Montreal Quebec Canada