Успение

Treskavec Monastery

игумен Давид (Нинов)

Коливарите

Успение број 7 · April 2004 · Коливари · Print

Игумен Кирил Тетоец Пејчинович
Телото на Православната Црква подобно на својата Глава - Христос не е подложно на стареење. Етосот на постојаната динамичност, на вечната младост, на чистата и мирна1 мудрост, е еден од нејзините препознатливи украси што како, никогаш ветва, царска порфира се протега низ нејзиното повестно и есхатолошко бивање.

Се разбира, сосема за очекување е, во определени историски периоди, духовниот критериум да затапи до таа мера, што според зборовите Христови „не дојдов да донесам мир, туку меч“2, при пројавувањето на свеста за Преданието од страна на едни, другите коишто се претставуваат како црква, всушност, да покажат дека тоа - не се.

Карактеристични и по многу нешта истоветни периоди на замирање на духовниот живот на овие наши простори се:

  • заради исцрпеноста од долговековното ропство - крајот на османлискиот и постосманлискиот период, и
  • она што за 500 години не го направија османлиите, а тоа е духовниот пустеж што за 50 години, под превезот на „слободата“, го направи комунизмот, и последиците од обезличеноста коишто во најголема мера доаѓаат до израз токму денес.

А, после такви истоштувачки периоди од животот на Црквата, несомнено по Божја воља, се јавуваат од Духот Свети озарени личности - да ѝ го вратат нејзиниот автентичен сјај, да ја растераат темнината на незнаењето којашто надвиснува заканувајќи се на луѓето да им стане втора природа.

Тие и таквите луѓе се - Коливарите, наречени „погрдно“ со тоа име од нивните противници. Но, под тоа име денес се собрани сите оние што се бореа за враќање на Православното Предание, и коишто во таа борба својата вера, неретко ја платија со сопствената крв. Денес, факт којшто не може да се побие е дека Црквата се темели и токму на таа нивна крв, дека ним им го должиме постоењето на монаштвото, и дека без нив секуларистичкиот ветар на тоа време (18-от век), од срцата на православниот народ ќе ја збришеше таинствената теологија на самобитната православна духовност.

Главните заложби на Коливарите беа во насоката на враќање кон црковното Предание, начелно на враќање кон литургискиот начин на живот, кон (после соодветната подготовка) редовно причестување со Телото и Крвта Христови, кон проучување на светоотечките текстови.

Овие моменти се дотолку поважни, доколку имаме совест дека македонските Коливари се тие на коишто најмногу се повикуваме како на свои корени; притоа, од една страна, на најбезочен начин бркајќи го Светиот Дух од нив, а од друга ползувајќи ги за приватна еднократна употреба.

Во тоа, можеби, најмногу претходат епископите на МП„Ц“ и нивната екстремно антиколиварска настроеност, со „црква“ којашто не е во литургиско и канонско единство со ниту една друга Православна Црква што војува на земјата, а оттука, ниту со Црквата којашто торжествува на небесата и на којашто и се причислени славните Коливари. Така, според зборовите со коишто Ловчанскиот Митрополит Гавриил од Бугарија од еклисиолошки аспект го објаснува неединството, епископите на МП„Ц“ си остануваат во состојба на безблагодатност, си остануваат форма без содржина3 Веројатно тоа е и причината што заради нашата определба да го следиме Преданието и светлите примери на Црквата, имаа потреба: во содејство со органите за безбедност да нè стават во притвор во Битолската полиција и да нè етикетираат, обвинувајќи нè, кога служиме Литургија, за нарушување на јавниот ред и мир и ширење на верска, расна и национална омраза и нетрпеливост (притоа заборавајќи дека самите се скарани со целиот православен свет, и дека, наместо да го христијанизираат, постојано го потпалуваат народот со националшовинизам и со фобии дека некој ќе дојде и ќе нè посрби, погрчи и побугарчи); да нè протераат и да ги палат манастирите, да стрижат монахињи во 21-от век (тоа не се случувало ниту под власта на иноверните)… како тоа да е единствениот начин со којшто би ја одбраниле вистината, доколку беше на нивна страна. И покрај сè, Господ ни е сведок дека срцата ни се отворени за нив, и дека благодарение на сето тоа што ни го приредија и ни го приредуваат учиме, не безлично, но од позиција на она што сме, вистински да љубиме. А, Вистината е една и таа не се брани на сила (особено не полициска сила). Вистината е Христос: „Јас Сум Вистината, Патот и Животот“4. Таа Вистина и нè учи, во неа да се молиме и да ги љубиме, оние коишто на неа креваат рака.

За жал борбите помеѓу Коливарите и антиколиварите, од минатото до денес, очигледно од зборови прераснуваат во прогонства, навреди и насилства коишто во душите на верните предизвикуваат искушенија и соблазни.

При изучување на сите собитија поврзани со дејноста на Коливарите од непроценливо значење се средбите, разговорите и соработката со светогорците: иеромонахот Макариј (православен Французин, со високо образование стекнато на Сорбона), библиотекар на манастирот Симонопетра, иеромонахот Калистос, библиотекар на манастирот Григоријат, коишто штедро ги отворија своите библиотеки - секоја од нив содржи по над 50 000 иљади наслови; неизоставен е и стариот иеромонах Пахомиј и исклучителната важност на Зографската библиотека (сите овие библиотеки содржат ракописи стари и по осум векови).

Црковниот спор помеѓу Коливарите и антиколиварите, од Бога допуштен, бидејќи од него се изнедрило вистинското богословие, започнал на Света Гора, космополитскиот и полн со припадници на најразлични нации и раси монаси, обединети во православната вера, коишто со векови наназад покажуваат дека сите се повикани на заедница во Христа. Оттука, критериумот на нивниот духовен живот, всушност, и секогаш двојно се изострувал токму заради тоа што нивните спорови никогаш го немале бесмислениот националшовинистички предзнак. Христос не е Јудеец, ниту Елин, Он е Надсветско Битие, бележи старецот Софрониј Сахаров. Етнофилетизмот ѝ е туѓ на православната духовност; туѓ ѝ е и на Света Гора. Оттука, невозможно е заради личните слабости да се релативизира нејзината улога во православниот свет.

Значи, поводот за видливата пројава на спорот го дадоа монасите од скитот Света Ана 1754/5 година. Дотогаш, според праксата на Православната Црква, оттука и на Света Гора, помените за упокоени се совршуваа: првиот после вечерната во петокот, а вториот утрото во саботата после Божествената Литургија. Монасите од скитот Света Ана поменот го префрлија во недела. Зошто го направиле тоа? Затоа што во сабота во Кареа се случувал вообичаениот пазар за којшто тие мислеле дека ќе го немаат потребното време доколку ги спомнуваат имињата на упокоените во сабота. Навистина прилично грдо оправдување. Овој проблем што го предизвикаа монасите од тој скит, го натера првиот коливар - отец Неофит Кавсокаливиски, професор од школата Атонијада5, против нив да започне со „догматската борба“6

Преподобен Никодим Агиорит
Вториот повод од 1783 година беше објавувањето на книгата со којашто Коливарите се залагаа за честото причестување. Книгата ја осуди патријархот Гавриил IV (1780-1785), но патријархот Неофит VI (1799-1801) ја тргна осудата.

Сега неопходно е да се нагласи дека покрај отец Неофит Кавсокаливиски важните личности од коливарското движење се: свети Макариј Нотара (1731-1805), преподобен Никодим Агиорит (1749-1809), иеромонахот Атанасиј од Парос (1722/25-1805), и за нас исклучително значајните и неодминливите: игуменот Кирил Тетоец Пејчинович (1771-1845) и иеромонахот Јоаким Крчоски (годините на раѓање и упокојување не се познати; последниот податок за него е од 1819 г.) чиишто учења подолу ќе ги разгледаме.

Значи, овие личности, Коливарите, се застапувале покрај, за извршување на помените во сабота, и за често причестување. И, тие не беа луѓе коишто би започнале толку тешка борба само за да го задоволат својот егоизам, но инсистирале на запазување на светото Предание на Црквата.

За коливата и помените.

Коливарите настојуваат помените за упокоени (со коливо = пченица) да се совршуваат во сабота како оние што го чуваат древното Предание на Црквата. И преподобниот Никодим Агиорит и иеромонахот Атанасиј од Парос ги истакнуваат Апостолските Правила коишто јасно определуваат: „Виновник е оној којшто го презира денот на славење на Господа“ т. е. во неделата како ден на Воскресението Господово не се оплакуваат мртвите, и „нема потреба да се тажи во ден на празнување.“ Преподобен Никодим Агиорит наведува дека изворно правило од Грција до Москва е: „кога постојат помени во недела да се префрлат во сабота.“ Дури Типиците на манастирите Велика Лавра и Дохијар одредуваат: ако се совпадне помен на ктитор во недела, се совршува после деветиот час во саботата.

Денес во нашата татковина клирот на МП„Ц“ којшто не е во литургиска заедница со ниту една Православна Црква, и којшто со тоа како да има отстапено од Преданието, речиси без исклучок помените за упокоени, спротивно на учењето на Црквата, ги совршува во недела. Преподобен Никодим Агиорит потврдува дека клириците служејќи ги помените во недела: „го изопачуваат и погрешно го толкуваат светиот Типик“, и сè што прават го прават заради добивка (на материјални средства и време), човекоугодништво и економија. Се разбира, овие нешта, воопшто не соодветствуваат на достоинството на една Црква, ниту на достоинството на еден, во Црквата, еманципиран народ.

За честото причестување.

Проблемот што денес верниот народ го има со причестувањето, односно непричестувањето, веројатно е еден од најилустративните показатели што се случува со една „црква“ (каков што е синодот на МП„Ц“) којашто престанува да биде Црква, трансформирајќи се себе си во Културно уметничко друштво за негување на народни обичаи. Епископи коишто ги бркаат од храмот луѓето што имаат благослов за причест, притоа чувајќи си во епархијата клирици еретици, свештеници коишто во присуство на епископот кажуваат „бабини деветини“ во однос на причеста, како да станува збор за попска, а не за епископална црква, попови коишто од една страна бараат писмена дозвола(!) за причест, а од друга на Велигден причестуваат некрстени, други, пак, кои причестуваат без никаква претходна подготовка… се настани како дел од фолклорот којшто е само логична последица од отсуството на благодатта поради недостатокот на литургиската заедница, недостаток во којшто во ова определено време пребиваат епископите на МП„Ц“7 Повторно - форма без содржина. Иеромонахот Атанасиј од Парос, пак, наведува: „се покажа дека не е определено времето за Божествената причест според денови, но само според совест“, и продолжува: „пристапуваме редовно верувајќи непоколебливо дека низ дадената благодат и сила се зацврстуваме преку честото причестување против демоните и страстите.“ Коливарите ги сметаат за противници на црковното Божествено Предание оние коишто веруваат дека пред Божественото Причестување не се неопходни - покајание и исповед.

Кај дел од верниот народ постои една грда навика да се причестува до четирипати годишно, а поголемиот дел декларативни христијани воопшто и не знаат што е тоа Причест. Преподобниот Никодим Агиорит вели: „да не се лажеме од суеверијата и предрасудите кои владеат.“ Коливарите ја побиваа оваа лоша навика, докажувајќи дека верните треба да се причестуваат на секоја празнична (неделна) Литургија, претходно подготвени преку исповед, молитва и пост одредени во разговор со духовниот отец. Еве, што во неговото дело „Повест“ пишува иеромонахот Јоаким Крчовски: „ама зборате: ‘ние сме Христиани, веруеме Бога.’ Добро веруете, ама и дјавол веруе и се тресе от страх Божиј. Ама никое добро не чини, ами сè зло чини. Така и вие ако веруете, а никое добро не чините, вие сте подобни како дјавола. Зашто како снага без душа е умрена така и вера без добро живење е умрена… А, ако умре бирден, а душа со грешни помисли? Ох тешко и горко што умират бирден неисповедани! Това умирање страшно!… И да се чувате от сите грехови и да се исповедате сичките грехове… А духовник извадуе и откупуе грешнии човеци от муки вечнија и отворуе рај на души христијанскии и им дава крила да летнат на небо. Чуете ли колку е силно свјатое исповедание? Да знаете чисто зашто духовник зема души грешнии от руки дјаволски и ги доведуе у царство Божие. Оние ќе да се сити пред свјатаја причестна.“8 Имајќи предвид дека високиот клир на МП„Ц“ којашто нема канонска заедница со Вселенската Црква го девалвира ликот и достоинството на свештенството, денес мнозина од луѓето не знаат што е исповед (сосем природно би требало да знаат), а од оние што знаат речиси никој нема доверба да се исповеда кај тие свештеници. Оттука, високиот клир на МП„Ц“, како една антиколиварска, антипреданиска институција и го губи правото да се повикува на овие духовни џинови - Коливарите како на свое наследство, оти лесно е да се согледа дека нема ништо заедничко со нив. Доказ за тоа се текстовите на прота ставр. Трајан Митревски од коишто се учи во нашата средна богословија, а во кои тој, застапувајќи се против редовното причестување, ги сведува Коливарите на секта, иако Православната Црква повеќето од нив ги има канонизирано за светители; на тој начин се оградува и од македонските Коливари, а никој од високиот клир на гетоизираната МП„Ц“ тоа го нема побиено или осудено.9

Преподобниот игумен Кирил Тетоец во „Огледало“, во Словото за празниците пишува: „Слушајте сега, благословени Христиани, да разберете како јест причестна. Христос велит: ‘Блажен кои земат Тело Мое да јаде и да пие Крв Моја’, а не кои неќе да поиимат, сиреч, неќет да се причестит… Христиани и браќа мои, како требет да се готовимо за Великиј ден, да се готовимо духовно а не телесно, токо готвеќи се да се исповедамо на духовника, зере духовник има власт, изин од Христа Бога, малите нешто грехове што се чинит свјакиј сахат, свјакиј час, и сме ги заборавиле и не ги паметуемо, да ги кажемо на духовника, и тија може да се простат со молитва што ќе ти гу чатит исповедникот, и на Велиј ден (недела и празник) можеш достојно да се причестиш, достојно да празнуеш, достојно да се веселиш, достојно и духовно да се радуеш.“10

Движењето на Коливарите покрај овие два, допираше и допира до многу други богословски и црковни проблеми. Дел од нив се следниве:

Иконите.

Коливарите сметаат дека иконите не треба да се осветуваат со посебна молитва на свештеник како што обично се прави. Овој став го основаат на фактот дека воколку VII - от Вселенски собор востановил дека поклонувајќи се на иконата се однесуваме на нејзиниот прототип, тогаш не постои причина за посебна молитва којашто би била поважна од автентичноста на VII - от Вселенски собор. Коливарите сметаат дека молитвата за осветување влегла во Молитвеникот во XVI - от век и дека е од „папски“ происход. Тие, исто така, велат дека една икона не треба да се смета за посвета од друга, ниту, пак, на едната да се надеваме повеќе отколку на другата.

Курбанот (жртва).

Како неправославен обичај, курбанот, за жал, и денес широко е распространет во нашата земја, та како во минатото, така и денес не ретко промовиран е токму од клириците на МП„Ц“.11, најчесто како демонски удел при изградба на куќа, или на храмов празник12 Но, еве, што за тоа пишува преподобниот Кирил Тетоец: „Ако ние не го исполниме законот Христов - не сме ни Христијани… Ама ќе речете, не знаеме како треба. Така најдовме, така ќе оставиме. Немој, брате, не оставај, туку тргни се од злото и прави добро. И, помоли се Богу со солзи и речи: избави нè Боже од оваа лоша сметка што ја имаме и научи нè Господи на вистината Твоја и исправи ги стапките наши кон остварување на Твоите заповеди. А, вие се надевате на курбаните што ги колете… со тоа да му угодите на Бога. Не знаете ли дека тие курбани се идолска жртва, еврејска жртва, а не христијанска. Тој Христијанин што коле курбан не е Христијанин, туку евреин или идолопоклоник, и тој свештеник што со запалена свеќа служи над главата од овенот (курбанот) лаже само заради добивка, заради пари, заради месо, оти во законот христијански никаде не пишува свештеник да служи на овен, а христијанин да коле курбан. Гледате Христијани колку голем грев бива со колењето курбани. А, вие се надевате да измолите од Бога и од светителот и да се исцелите од болестите. А, Бог вели: Не сакам да Ми колите; Јас ни крв пијам, ниту месо јадам. А, вие го колите со свештеникот и велите: курбан го праќаме на Бога. А, свештеникот што не ви кажува каква е работата, туку од лакомост за пари уште и ве мами, ви вели: Ако, гледајте си ја работата, што сте нашле не оставајте. А, ако погрешно ве учи, на него е голем грев, оти од него отстапило и свештенството и христијанството, и тешко на таа парохија каде што тој свештеникува, и тешко и претешко и горко на неговата душа!“13

За, жал, Христијани, браќа мои, во МП„Ц“ постојат и високи клирици коишто учествуваат во курбани. На таквата состојба не смееме да се ситиме, но смирено и со љубов треба секаде и пред секого да посочиме дека во нашата православна вера жртва се лебот и виното во Литургијата, останувајќи со надеж дека ваквите обичаи каков што е курбанот, ако сакаме да покажеме автентично духовно ниво, конечно ќе станат минато. Во прилог на тоа што му доликува на православниот Христијанин, преподобниот Кирил Тетоец пишува: „донесите просфора да ви је принесем Богу и со негоа благодат да будет лебот Тело Христово и виното Крв Негова и вије достојно да се причестите.“

Oдлачувањето.

Преподобниот Никодим Агиорит тврди дека - одлачувањето нема никаква правна и црковна основа кога се работи за неправилно одлачување од страна на Црквата. Оние што неправедно се одлачени, заради името Божјо, или заради верата, или заради Преданието на Црквата, или заради заповед Христова, тие треба да се радуваат затоа што се достојни и за блаженство.

Поклоните во недела.

За Коливарите почитувањето на воскресниот карактер на неделата е до тој степен што укажуваат дека за поклоните во недела нема место во богослужбите. Иеромонахот Атанасиј од Парос се потпира на 15-от канон на свети Петар Александриски според кој неделата ја сметаме за радосен ден поради Воскреснатиот во неа, во којашто нема ниту приклонување на колената.

Eдинството на Црквата.

„За да бидат сите едно како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе, и тие во нас едно да бидат…“14 Во студијата на митрополитот Велеско-повардарски и егзарх Охридски г. Јован е забележано: „Ако црковниот идентитет е во единството, тогаш расколот е директно насочен против него.“15 Следејќи го преданието на Црквата искажано во зборовите на свети Теодор Студит дека нема да го предадеме христијанството за да ги запазиме ѕидовите, се сообразуваме со ставот на Отците дека е невозможно да се биде во заедница со Бога ако се нема заедница со православниот народ Божји што низ целата Екумена е во заедница со Бога. При исповедањето на верата торжествено изговараме дека веруваме во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Оттука, и кога некој точно би ги запазил сите претходно погоре изложени ставови, бездруго тоа повторно би бил залуден и безблагодатен фолклор штом не е во соборното тело на Православната Црква. Оти според светоотечкото Предание, на пример учењето на свети Кипријан Картагински, оние што се наоѓаат надвор од соборното Тело чијашто глава е Христос, тие ја немаат благодатта на Светиот Дух. Денес кога некои од епископите на МП„Ц“, значи од „црква“ којашто нема удел во Апостолската Црква (немањето удел пред сè се однесува на - како што побожниот народ ги нарекува - следбениците на Едвард Кардељ т. е. владиците на МП„Ц“16 коишто во спрега со политиката недозволиво го заблудуваат народот ползувајќи ја црквата како средство за нецрковни цели), проповедаат ерес заговарајќи и дека немаат потреба од заедница во Евхаристијата со Православната Вселена, особено треба да го изостриме критериумот за тоа што се црковни интереси, а што нецрковни, што е Православна Црква, а што е театар.

Личности - Коливари.

Отец Неофит Кавсокаливиски - образован светогорец од 18-от век. Роден е 1713 г., студирал во Цариград, на Патмос и во Јанина. Монашка схима ќе прими во скитот Кавсокалива, а во 1749 г. ќе стане раководител на Атонијадата, предавајќи им на младите монаси граматика. Неговата предаденост на Преданието ќе предизвика силно спротивставување од коешто како резултат ќе произлезе неговото протерување од Света Гора. Бил раководител на школите во Хиос, Едрене и на крај во Букурешт каде што се упокојува во 1784 г. Негови поважни дела се: Меморандум (на 4-та книга Граматика на Теодор Гази), Букурешт 1768 г., и Разобличување на верата на Евреите (самиот, пак, отец Неофит по потекло бил Евреин).

Свети Макариј Нотара - поранешен митрополит на Коринт, по род од старата фамилија на Нотарите со потекло од византиските времиња. Од таа фамилија се: свети Герасим (1509-1579) и големиот византиски војвода Лука Нотара. Свети Макариј е роден во Коринт 1731 г., а на 34-годишна возраст е хиротонисан за митрополит Коринтски. Востанието од 1769 г. го лишува градот од неговиот епископ. Тој живее монашки живот на Закинт, Кефалонија, и на крај Идра каде што се поврзува со преподобниот Никодим Агиорит. Плодот од таа соработка се: Добротољубие, Евергетинос, Собраните дела на свети Симеон Нов Богослов, како и Книгата за постојаното свето причестување. На Хиос, пак, се поврзува со иеромонахот Атанасиј Пароски и од таа соработка произлегуваат повеќе дела, меѓу кои Новиот Лимонариј. Во Господа се упокојува на 16 Април 1805 г. на Хиос, а денес на истиот остров во селото Елата подигнат е храм којшто му е посветен нему. Важи како вдахновувач на душа на движењето, познат е како иерарх којшто во себе ги соединува духовната способност и научната работа, а со неговото човекољубие им има помогнато на мнозина студенти да ги завршат студиите.

Преподобен Никодим Агиорит - Студирал во Смирна. Покрај старогрчкиот, бил познавач на латинскиот, францускиот и италијанскиот јазик. Потстрижен е за монах во манастирот Дионисијат, Света Гора, во 1775 година. Тој е теологот на движењето на Коливарите. Од неговата неуморна работа произлезени се голем број дела на коишто се темели Православната Црква. Покрај Добротољубие и Евергетинос, еден од најзначајните мистични трудови од 18-от век е Прирачникот на совети. Тој овозможил издавање на делата на свети Симеон Нов Богослов и на свети Григориј Палама, а неговите, пак, дела денес се преведени на турски, руски, романски, француски, германски, англиски и шпански.

Иеромонах Атанасиј од Парос
Иеромонах Атанасиј од Парос - Се школувал на Крф, а за свој учител го имал отецот Неофит Кавсокаливиски. Откако станал монах предавал во Атонијадата. Посакувајќи издигнување на духовното ниво бил најборбен во движењето на Коливарите. Зборувал отворено против Европа, Волтеризмот и атеизмот. Пишувал: „како Православни, не само што ја поседуваме верската, но и надворешната философија. Отците на Црквата ни даваат решение за сите философски теми“. На наша несреќа, најголемиот дел од тие отци, до денешен ден ние ги немаме на нашиот мајчин јазик. Отецот Атанасиј од Парос бил наклеветен со најтешки клевети, бил расчинет и протеран од Света Гора. Во 1781 г. цариградскиот патријарх Гаврил IV, увидувајќи ја неправдата му го повлекол расчинувањето. Го одбил епископскиот чин и како иеромонах работел дванаесет години како директор и учител во тогаш единствената Солунска гимназија, а потоа бил и директор на гимназијата во Хиос каде што останува до смртта.

Игумен Кирил Тетоец Пејчинович - роден е 1771 г. во с. Теарце, Тетовско. Се образувал во манастирските школи: Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста, Кичевско, и веројатно Свети Јован Бигорски. Со својот татко Пејчин и со стрико си Далмат заминува на Света Гора, во манастирот Хиландар каде што сите тројца се замонашуваат, сведочејќи ги со тоа следниве моменти: првиот, длабоката посветеност на македонското семејство на монашкиот идеал на живеење, и вториот, денешната отстапеност и отуѓеност од корените на духовните вредности на христијанството длабоко внедрени во битието на нашиот народ.

Во почетокот на 19-от век отец Кирил Тетоец веќе е игумен на Марковиот манастир „Свети вмч. Димитриј“, Скопско, каде што поминал дваесетина години од животот и каде што ја напишал својата позната книга Огледало, издадена во Будим 1816 година. Остатокот од животот го минува во Лешочкиот манастир посветен на свети Атанасиј Велики. Ги обновува и двата манастири, а, и во двата се посветува на собирање книги и на организирање на манастирските школи. Својата книга Утешение грешним игуменот Кирил Тетоец ја печати во печатницата на архимандритот Теодосиј Синаитски којшто во тоа време се наоѓа во Солун каде што на словенски служи во црквата Свети Мина. За Утешение грешним предговорот го пишува самиот архимандрит Теодосиј Синаитски. Во своите книги игуменот Кирил Тетоец се истакнува со авторските текстови Слово за празниците и Поучение за бракот каде што до израз доаѓаат неговата жар за проповед и умеењето остро да укори. Тој продолжувајќи го Преданието на Црквата ги продолжува нападите против бесовските песни присутни помеѓу народот, постојано „потцртувајќи ја тенденцијата за чистење на верата од разни заблуди и суеверија.“17 Се упокојува во Господа во 1845 г. и погребан е во Лешочкиот манастир.

Иеромонах Јоаким Крчовски - годините на неговото раѓање и упокојување во Господа не се познати. Неговото име се спомнува во 1819 г. кога од печат излегува неговата книга Различна поучителна наставленија. Од неговиот живот се знае дека патувал на поклонение во Иерусалим поради што и бил нарекуван хаџи Јоаким. Последниот податок што за него го среќаваме е дека бил ракоположен за иеромонах. Негови дела се: Слово исказаное заради умирание (1814), Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова (1814), Митарства (1817), Чудеса Пресвјатија Богородици (1817), Различна поучителна наставленија (1819).

Во книгите на нашите отци Кирил и Јоаким видливо е нивното одлично познавање на црковнословенскиот јазик, на којшто, впрочем, и секојдневно богослужеле, и со којшто единствено сметале дека можат да ги изразат највозвишените содржини. Кон нивниот јазик и дела се пристапува со голем респект, и тие се опсервирани од голем број учени луѓе: Марин Дринов, Ефрем Каранов, А. Теодоров од 19-от век; Јордан Иванов, А. М. Селишчев, А. Стоилов, В. Илиќ од почетокот и средината на 20-от век.

За жал, досега, нивната дејност, единствено од нашите научници е набљудувана исклучиво низ еден тесен, стерилен, идеолошки, комунистички аспект. Нивниот пристап како и обично не е сеопфатен, но делумен, при што се исклучува суштинската димензија на дејноста на овие припадници на коливарското движење, а акцентот се става на споредни нешта.

Отците Коливари како и повеќето просветители и преродбеници пред сè биле монаси, и како такви работеле на просветлувањето на народот со Христовата светлина, а тоа од нашите научници се маргинализира или премолчува (на пример никаде не ги ословуваат со нивните свештенички титули предизвикувајќи впечаток како тие да не се монаси, со што и трудот на нашите учени луѓе како да го губи потребното ниво и веродостојност), та значење се дава само на нивната книжевна дејност. Потем, иако, како ретко кој во тоа време, го познавале црковнословенскиот јазик, наместа дури и тоа им се оспорува. На пример, Блаже Конески наоѓа за потреба да ги цитира впечатоците на германскиот ботаничар А. Гризебах од неговата посета на Лешочките монаси: “Жители имаше малку. Тоа беа монаси, што се чини, освен црната одежда на духовенството, не носеа ништо друго на себе и имаа речиси уште понечист изглед, отколку жителите на селото. И во однос на образованието тие стоеја уште пониско отколку светогорските монаси.“18 Јасно е дека на еден западен, рационалистички настроен човек мистичноста на Истокот му е туѓа. На нашите, пак, учени луѓе идеолошката припадност којашто ја оцрнуваше Црквата, иако од неа добија сè, веројатно им наложувала да цитираат луѓе коишто судат само според надворешноста, не знаејќи притоа дека игуменот Кирил Тетоец е светогорец, образован и на Света Гора, на којашто во тоа време гледаме дека, покрај необразованите, живееле исклучително образовани монаси. Во истиот текст, самиот Блаже Конески го нарекува игуменот Кирил „полуписмен калуѓер“; на друго, пак, место православната вера ја определува само како: запазување од друговерците, додека денес верата не е потребна бидејќи основата на запазување е - националната (што очигледно претставува догма за високиот клир на МП„Ц“). Збирот од партиска директива и богословска неграмотност, во периодот на антитеизмот чиишто последици живо ги чувствуваме и денес, нашите учени ги наведувал да пишуваат и дека носител на иницијативите за книжевната дејност е граѓанството, сакајќи тенденциозно да премолчат дека тоа, всушност е - монаштвото.19

За несреќа и други истражувачи се водат според истата идеолошка матрица. Додека едни докажуваат соседни влијанија во нивниот јазик, други, како Ванчо Тушевски некомпетентно, слепи и необразовани во учењето на светата Православна Црква, нивните дела ги квалификуваат како „последен одглас на старата апокрифна литература.“

Трудот што овие учени луѓе го вложувале навистина е голем. Во делот каде што биле недоследни, каква и да била целта, денес е повеќе од јасно дека не е постигната. Последиците ќе треба да се надминат, оти наравоучението е дека: не може црковни автори да се набљудуваат надвор од Црквата, и грдо е да се фрла содржината, а да се јаде амбалажата.20

Конечно, да сфатиме дека Христос е единствениот неминлив Критериум според којшто се вреднуваат собитијата во животот и самиот живот, и е дело на слободата и изборот што од неа произлегува кај секоја личност одделно!

Антиколивари.

Двајцата главни водачи на антиколиварите коишто успеале, со дозволени и недозволени средства, да истераат мнозина од Коливарите надвор од Света Гора се:

отец Теодорит од Јанина - образован клирик од скитот Света Ана, еден период и игумен на манастирот Есфигмен. Бил најборбениот во групата на антиколиварите. Во 1799 г. издал анонимно Толкување на Откровението коешто било осудено и забрането од Цариградската патријаршија заради неговите догматски грешки. Следејќи го издавањето на Пидалион на преподобниот Никодим Агиорит и на монахот Агапиј во 1880 г. без да ги извести авторите додал бројни забелешки со слободоумен дух, поради што преподобниот Никодим, отфрлајќи ги забелешките го нарекол „лажен брат.“ Во кризниот момент на судирот за помените ќе отпечати и фалсификувана посланица на преподобниот Никодим Агиорит којашто ќе биде испратена во Цариград. Се упокојува во Пруса во 1823 година.

отец Висарион од Рапсани - роден во Рапсани, Тесалија во 1738 г., се образувал во Јанина, во Атонијадата и во Цариград каде што бил учител на синовите на големиот логотет Александар Маврокордат. Монашка схима примил и до смртта останал во Новиот Скит на Света Гора. Неговата улога во друштвото на антиколиварите била најнеблагодарна. Тој одел во Цариград за во патријаршијата да ги известува за судирите, главно обвинувајќи ги Коливарите. Оттука, осудата на Коливарите од Цариградската патријаршија исцело се припишува на неговите клеветнички дејанија.

Судирите на Света Гора помеѓу Коливарите и антиколиварите се проследени со низа патријаршиски посланици. Во една од нив двете страни се слободни да изберат кога ќе ги совршуваат помените, во втора, на антиколиварите им е забрането да ги нарекуваат Коливарите еретици, со следните, пак, на скитовите им е наложено да го пазат редот на манастирите (скитот Света Ана кој е под Велика Лавра нема да послуша, продолжувајќи со помените во недела), а, и Коливарите биваат осудени. Конечно, во 1807 г. се одржува собор на сите претставници на Света Гора кој ги осудува сите обвинувања против Коливарите. Преподобниот Никодим Агиорит го изложува своето Исповедање на верата после што светата Кинотита21 издала посланица до сите манастири за враќање на честа на преподобниот Никодим. Последните патријаршиски посланици во прилог на Коливарите ги издаваат патријарсите Григориј V во 1819 г., Григориј VI во 1836 г. и Антим VI во 1846 година.

Иако во времето кога спорот ја живеел својата кулминација постоел впечаток дека победата ја однеле антиколиварите, сепак, и тогаш и денес праксата го покажува спротивното. Во сите манастири на Света Гора, а во повеќето од нив и лично се уверуваме, типикот е во целосна согласност со преданиското движење на Коливарите: апсолутно без исклучок помените се служат во сабота, монасите често се причестуваат, преждеосвештените литургии се служат навечер… Нивното влијание коешто за своја основа го има исихазмот видливо е секаде каде што не се потпаднало под латинската пропаганда (како на пример кај нас, каде што повеќето од епископите на МП„Ц“, која нема литургиска заедница со Православната Црква, се обучени и инфицирани со папистичката квази теологија на римокатоличките институти во Италија). Иако антиколиварите биле побројни и имале подршка од некои патријарси, иако Коливарите биле прогонувани и убивани, сепак никој не успеал да го задуши коливарското учење коешто всушност под тоа име е запазување на православното Предание наспроти западните влијанија. Коливарите се вистинските пастири, коишто сообразно на светоотечкото толкување на Евангелието22 одат, со духот и мислите, пред своето стадо, го испитуваат она што ќе дојде, ризикувајќи ги опасностите врз себе во полза на сигурноста на паствата; тие не се пропаднати монаси коишто манипулираат со стадото, коишто куцаат зад паствата жртвувајќи го заради сопственото удобствие и безбедност, дури и нивното спасение. Како што вели свети Јован Златоуст: „според минатото можеме да судиме за иднината“ - значи, необразованите и сиромашни Апостоли коишто го изменија човештвото без да имааат вештествени храмови, а само 12 на број, намразени од сите, најмногу од сопствениот народ, денес се дванаесетте столбови на Црквата; Коливарите, пак, тие пожртвувани пастири прогонувани од нивните „собраќа“, без да имаат ѕидани манастири, денес се квасецот на истата Црква; и покрај сите злонамерни планови „вратите на пеколот нема да ја надвладеат.“23 Коливарите свои приврзаници имале во Цариград, нивното влијание е големо на островите, и сосема природно во сите Балкански земји, со акцент на Романија и долна Русија каде што заминале голем дел од оние што биле прогонети. Еден од главните претставници на коливарското движење за нас Словените е и свети Паисиј Величковски којшто во неговата ревност за Преданието го преведува Добротољубие - то на црковнословенски јазик, истата година кога тоа излегува на грчки. Тој, после свети Нил Сорски, се смета за голем возобновител на словенското монаштво. За истакнување е и делото на свети Софрониј Врачански (Бугарија).

Денес кога со востановувањето на канонската црква во нашата татковина - Православната Охридска Архиепископија, повеќедеценискиот проблем на неединството е решен, веруваме дека е одминато и времето кога Коливарите беа третирани како мрачни сили. Длабоко ќе жалиме ако такви останат само уште за клириците на оние коишто веќе свесно го губат и последниот заеднички именител со Црквата Христова.

На вториот собир на балканолозите24, од 7 до 13 мај 1970 г. е утврдено да се направи акција од страна на Црквата, но и науката за издавање на сите необјавени текстови во врска со движењето. Нивните дела зборуваат за возвишеноста на мистичната духовност на Црквата од Исток. Значи, ним им ги должиме темелниците на црковната литература: Добротољубие (Венеција, 1782), Евергетинос (Венеција, 1783), За честото причестување, Пидалион, Прирачник на совети, Невидлива борба, Духовно вежбалиште, Огледало, Различна поучителна наставленија, Синаксар… Тие ги направиле познати делата на свети Симеон Нов Богослов, свети Григориј Палама, свети Марко Ефески… Коливарите со ревност и самоодрекување пишувале на говорен јазик за јавна полза и образување на широките маси, за што најдобра илустрација се делата на преподобните отци Кирил Тетоец Пејчинович и Јоаким Крчовски.

Денес нашите напори треба да бидат насочени кон едно праведно актуелизирање на коливарското движење. Досега тоа движење најмногу го критикувал калвинистот Адаман Кораи на кого што му пречел филотуркизмот и антилатинизмот на иеромонахот Атанасиј од Парос. Овој калвинист не ја зема предвид психологијата на православниот народ од времето на Отоманската империја којшто живеел според девизата од византиските времиња: помил ни е среде Цариград султанскиот фес отколку латинската митра.

До денес мнозина учени го истражуваат движењето на Коливарите надвор од Преданието, а сосема јасно е дека нивната дејност е борба токму за тоа Предание. Од денес, во духот на вистината, да ги согледаме и да им станеме соработници на Коливарите во нивните заложби за потсетување на православниот народ на нивната должност кон светото Предание и духовното возраѓање.

  1. Јаков 3.17 []
  2. Матеј 10.34 []
  3. Мирна, Списание за православна беседа, број 19, 2002, София, Митрополит Ловчански Гавриил, стр. 65, 66: „расколниците ја имаат формата т. е. нивните ракоположенија се извршени според тие книги, и на тој начин според канонот, но тие ја немаат содржината, бидејќи тие се надвор од благодатта… За жал, во моментов ние не ја познаваме македонската црква. Не ја познаваме затоа што ние со нив не заедничариме на евхаристиско ниво. Другите средби, природно, исто така се избегнуваат. македонската црква во моментов е изолирана и многу важно е за таа црква да влезе во семејството на православните цркви - за нејзино добро, за нејзин развој, за нејзино постоење.“ Понатаму Митрополитот од Бугарија нагласува дека само Соборот ја има таа канонска духовна власт да им го дополни на епископите што се во раскол најважното што им недостасува: кон нивните формални ракоположенија да им биде дадена благодатта и да станат епископи; оти до тој момент тие не се благодатни епископи. []
  4. Јован 14.6 []
  5. Атонијада - богословско училиште на Света Гора []
  6. Κων. Κ. Παπουλίδη, Το κίνημα των Κολλυβάδων, Εν Αθήναις 1971 []
  7. Наспроти ставот на МП„Ц“ за православието како националистичка идеологија, православната теологија учи (види: епископ Игњатије Мидић, Сећање на будућност, заглавјето - Литургија као појава Цркве, стр 15, Београд 1995) дека Црквата не претставува хуманистичка организација со национални определби, туку дека таа секогаш се идентификува со Литургијата. Во таа Литургија, за жал, МП„Ц“ не учeствува. []
  8. Крчовски - Пејчиновиќ, Избрани текстови, Матица македонска, Скопје 2002 []
  9. во таа насока, очебијно по налог на некои од клириците на МП„Ц“, одредени, црковно неграмотни, новинари-апаратчици (види Иван Блажевски, дневниот весник „Време“, 18 и 19. 03. 2004) коишто се само штрафче од механизмот на медиокритетската матрица што го моделира нашето општество, продолжуваат во истиот антицрковен манипулантски дух: дека „светоста на монахот Пејчиновиќ е во борбата против туѓите црковни пропаганди“, иако и на најнеупатените им е јасно дека во тоа време на Балканот сеуште не постои оформена национална идеологија (таа се појавува после неговата смрт, при увозот на западните општествени теории; згора на сè и смешно е за монах да биде националшовинист, а заблуда и ерес е да се учи дека светоста е во националшовинизмот). Отец Кирил е сосредоточен исклучиво на духовното, и неговите дела сведочат за индиферентноста кон националното. Гревот на богословскто незнаење ги тера да пишуваат и лаги: дека „Хиландар и тогаш и сега е раководен од СПЦ“, којашто тогаш, патем речено, како таква и не постоела, (како патријаршија постои од 1920 г.) а од друга страна секој би требало да знае дека сите светогорски манастири од секогаш биле под јурисдикција на Константинополскиот патријарх како што се и денес. Неукоста и дилетантизмот во ваквите написи кулминира со претставувањето на отец Јоаким Крчовски како „владика“, што тој, се разбира никогаш не бил. Да не продолжуваме со уште примери, бидејќи оваа белешка нема намера да омаловажи, туку најсмирено да упати на аргументирано претставување на недвосмислените факти, без да се падне под ничиј притисок, а најмалку под притисокот на политичката „црква“. []
  10. Кирил Пејчиновиќ, Слово за празниците (од „Огледало“), Култура - Скопје 1968 []
  11. сведочиме дека на празникот на свети Атанасиј Велики, во Лешочкиот манастир, каде што е погребан преподобниот Кирил Тетоец, (непосредно пред рушењето на манастирот) свештеник на МП„Ц“ за време на празнувањето со колење курбани, настапи јавно на Македонската телевизија велејќи: - еве, ние сега на свети Атанасиј му принесуваме жртва за здравје; ваквото одрекување од Христијанството мина со подршка на синодот на МП„Ц“, како што, впрочем, минуваат сите курбани од кои запамтен остана оној во Берово 1996 г. []
  12. за свештениците коишто се занимаваат со курбани, магии и слични демонски нешта 36-то правило на Лаодикискиот собор вели: „Бидејќи тоа е предавство на верата, таков свештеник треба да се исклучи од Црквата, зашто занимавајќи се со такви дела, тој од служител на Вечниот Бог, станал служител на ѓаволот.“ []
  13. Успениебр. 5, 2003 []
  14. Јован 17. 21 []
  15. Митрополит Велеско-повардарски и егзарх Охридски г. Јован, „Богословско-историски аспект на расколот на црквата во Р. Македонија и неговото надминување.“ []
  16. види Доне Илиевски, Смислата на некои отпори против автокефалноста на МПЦ, Скопје, 1970, стр. 172: „Некаде во пролетта 1967 г. во Белград еден собир на високи функционери: Кардељ, Стамболиќ, Влаховиќ, Мијалко Тодоровиќ, Драги Стаменковиќ, Никола Минчев, Крсте Црвенковски се заклучи да се оди на нов собир на кој дефинитивно ќе се прогласи и возобнови старата Охридска Архиепископија како автокефална црква која прекинува со какви и да е натамошни канонски врски со СПЦ. Мора да се подвлече дека на тој собир најголема поткрепа во барањето македонските претставници добија од Едвард Кардељ. И другите двајца присутни (Влаховиќ и Тодоровиќ) се согласија.“ Недозволиво е неправославни, комунистички политичари да одлучуваат за Православната Црква, очигледно со свесна определба македонската Црква да ја скараат, не само со Црквата во Србија, но и со целиот православен свет, и смртно да ѝ напакостат. Оти од 1967 г наваму ниту еден православен патријарх нема служено во Македонија, ниту еден македонски архиепископ нема служено во православниот свет!!! Малку покајание и - Воскресение. Неединството е решено со канонската македонска Црква - Православната Охридска Архиепископија, но сега нашата полиција (во 21 век, бивајќи инволвирана од кардељовските владици) на границите им забранува на православните високи клирици и клирици да влегуваат во Македонија, повторно, неовластена, завземајќи на тој начин страна во богословски спор. []
  17. д-р Харалампие Поленаковиќ, Уметничко творештво, Македонската книжевност во критиката II []
  18. Блаже Конески, Уметничко творештво, Македонската книжевност во критиката II []
  19. Крчовски - Пејчиновиќ, Избрани текстови, Матица македонска, Скопје, 2002 []
  20. Ванчо Тушевски, Јоаким Крчовски и изворите на некои од неговите дела, НИП „Студентски збор“, Скопје, 1985 []
  21. света Кинотита = света Општина е највисок постојан законодавен орган на Света Гора којшто има јурисдикција над целата Атонска држава, над сите лица: монаси, клирици, лаици. Претставува, исто така, и второстепена судска власт. Составена е од 20 членови, значи по еден претставник од сите дваесет манастири чијшто мандат е една година, а може да се продолжува без ограничувања. Извршен орган на светата Општина е светата Епистасија (Началство) составена од четири членови Епистати со годишен мандат коишто доаѓаат од четири конкретни манастири. Во период од пет години сите манастири даваат по еден претставник Епистат. На чело на Епистасијата се наоѓа Протоепистат - Протос. Само пет манастири имаат право да одредат Протоепистат. Тие се светите манастири: Велика Лавра, Ватопед, Ивирон, Хиландар и Дионисијат. []
  22. Јован 10. 4 []
  23. Матеј 16, 18 []
  24. Κων. Κ. Παπουλίδη, Το κίνημα των Κολλυβάδων, Εν Αθήναις 1971 []