Успение

на Света Гора

Свети Симеон Нов Богослов

Химна Прва

January 2003 · Свети отци · Print

од изданието „Химни“

За Божественото озарение и просветлението на Духот Свети, а и за тоа дека Бог е единственото место во кое сите светии имаат упокоение по смртта, како и за тоа дека отпаднатиот од Бога не ќе има на друго место упокоение во идниот живот.

Каква трепетна тајна во мене се совршува?
Збор не ја искажува, ниту, пак, може нешто да
напише беднава ми рака во фалба и слава1
на Суштиот над восфалби, на Суштиот над зборој.
Ако ова што сега в’мене блуден се совршува
нескажано и неизречно е, како тогаш Оној,
ај кажи, Кој на ова Подател е и Творец,
би имал нужда од наша фалба ил’ принос на слава?
Та не може да се слави Суштиот Препрославен,2
ко што не може да се осветли или светлост да
прими сонцево што го гледаме во светот, кое
зари, а не се озарува, сјае, а сјај не прима,
та си има она што од искон, од Творца си зело.
Значи, штом Бог, на сè Творец, го создаде сонцето,
безнуждно го сотвори, штедро со болскот да блеска
и ништо повеќе од некој друг да не му треба,
како тогаш Он од мене ли ништ слава да прими?
Та сосем Безнужден е на сонцето Создателот.
Тој Којшто сè преисполнува со блага секакви
имајќи крепост тоа по воља сал в’миг да чини.
Тука и јазикот од зборој ми се лишува, а
ум зерца она што се врши, но не го толкува,
гледа и сака да продума, но збор не наоѓа,
зашто незреното го созерца, в’целост безвидното,3
простото, сосем несложеното, с’вељост безмеѓна.
Ни почеток му зерца, ниту крај му гледа, за
средост сосем не знае, како да каже, што гледа?!
Ми се чини дека Возглавена Целост се гледа,
но никако по суштина, туку низ причастие.
Ако ли од огин оган палиш, цел оган примаш,
кој си стои неподелен, неисцрпен ко преди,
додека предадениот од првиот се дели
и, како телесен, в’многу светилки престојува.
Оној, пак, духовниот, неразделив си бидува
и исцело неодвоив, неподелив постои,
и кога се предава, в’мноштво не се разделува,
а в’мене пребивајќи, останува неподелен,
та изгрева во мене, внатре во прежалното ми4
срце како сонце или, пак, како диск сончев се
јавува сферовиден, светловиден, небаре в’плам.
Не знам што е кажано, што да кажам јас за ова,
посакав да молчам (каму таа среќа да можев!),
но чудото страотно срце ми возбудува,
та ја отклучува устата моја осквернета,
па и без да сакам, прави да зборам и пишувам.
О Ти, Кој за час изгреа во мрачното ми срце,5
Којшто ми јави чудеса, очи што не виделе,
Којшто слезе при мене, при последниот од сите,6
Којшто ме сотвори син и ученик апостолски,
мене, кој ме имаше страшниот змев човекоморец,
што преди бев аргат на секое безаконие,
о Сонце Предвечно, Коешто во адот заблесна,
та сетне ми ја озари душава помрачена
и ме обдари мене ли со невечерниот ден,
- Неверно е ова за мрзливи дембели ко мене!-
о Ти, Кој исполни скудност в’мене с’блага секакви,
Сам ми Ти словесност даруј и зборови ми подај,
та на сите да раскажам за Твојте чудодејства,
кои и денес ги чиниш меѓу нас, Твојте раби,
за и тие што дремат во мракот на мрзливоста
и велат: -Невозможно е грешници да се спасат,
та ко Петар и другите апостоли, светии,
преподобни, праведни да бидат помилувани,-
да спознаат и да научат дека ова лесно
било, е и ќе биде за Твојата Ти Добрина!
И тие што мислат - Те имаат, на цел свет Лачу,7
и тие што мислат - не Те гледаат, в’светлост не се,
ни се просветлени, ни везден Те зерцаат, Спасе.
Нека познаат дека уште не си им блеснал во
ум, ни си Се вдомил во срцата им изгнасени,8
те попусто се дуеле с’тие надежи празни,
мислејќи дека по смрт ќе созрат светлост Твоја!
Та залог за тоа одовде и баш тука печат9
од Тебе, Спасе, им се дава на десните овци!10
Зашто на секого смртта му е заклучување,
па подеднакво по смртта никој веќе не може
ни лошо, ниту, пак, добро да направи, и секој,
Спасе мој, ќе биде в’она во што се нашол тогаш.11
Тоа ме плаши, Владико, и трепетен ме чини,
ете тоа ми ги расточува сите сетила,
зашто слепиот кој умрел, па преминал онаму,
никогаш веќе чувствено не ќе го созре сонцето,
дури и штом воскресне, та лач очен пак си прими.
Исто така и оној со слеп ум, доколку умре,12
не ќе Те созре Тебе, Умното Сонце, Боже мој,
туку од темнина излегува за в’мрак да влезе,
та во вечност од Тебе одвоен ќе си остане.
Ниеден човек што во Тебе, Владико, верува,
ниеден од тие што в’Твое Име се крстиле,13
не би го поднел тоа големо и грозно бреме,
разделеноста од Тебе, Благи, страшен ли чемер,
грозоморен и неиздржлив вековен печал!
Што е полошо од раздвоеноста од Тебе, Спасе?!
што е помачно од тоа да си разлачен од Живот,
та ко мртов да живееш таму, од Живот лишен,
а с’тоа да се лишиш и од сите блага, зашто
од Тебе раздвоениот, од сите добра е лишен.
А тогаш не ќе биде како сега на земјата,
каде тие што не Те знаат, телесно уживаат
и си се веселат, пирувајќи како бесловесни,14
имајќи она што за угодие в’живот с’им дал,
та сал тоа го гледаат и мислат исто ќе е
дури и по исходот на душата и животот.
Но лошо проценуваат, лошо расудуваат,
думајќи дека не со Тебе, ами во покој ќе
се, и за некакво место се готват, - о, безумство!,-15
кое ни в’светлост учествува, ни в’мрак удел има,
од Царството надвор, но исто и од геената,
далеку од Одаја Брачна и од огнот праведен,16
во којшто беднициве и сакаат да појдат,
штом велат дека не им треба Вечната Ти Слава
или Царството Небесно, туку сал в’покој да бидат.
Оф, помраченост нивна, оф, непознание нивно,
оф, каква бедотија и пусти ли надевања!
Никаде така не пишува, зашто ќе го нема,
но в’Светлост ќе се деателите на Божеското,
во мрак, пак, казнен ќе пребиваат злодејците, а17
меѓу нив посреде, пропаст страшна ги разделува,18
ко што нè поучи Сам Ти, Кој ова си го приготвил.
Зашто на човекот кој паѓа среде, над секое
мачење и казна тоа ќе му биде пострашно,
во бездната на маките, в’ждрелото на гибелта,
несреќно таму да се стрмоглави и тоне,
кај тешко би се упатиле тие што се в’маки19
за да би преминале в’земја на праведниците,
претпочитајќи в’огнот грозен да се пеплосаат,
одошто ли во пропаста страотна да се сринат.
Така, тие што по смрт сакаат таму да бидат,
достојни се за многу солзи и ридања, зашто
сосем се бесчувствени, небаре скотој бесловесни,
и сами зло си сноват, сами се прелестуваат.
Ти си Царство Небесно, Ти Христе, Земјо на кротки,20
Ти си Рај Буен, Ти, Брачна Одајо Божествена,
Ти си Ложница Нескажна, Ти, Трпезо за сите,
Ти си Лебот на Животот, Ти, Питие Најново,21
Ти си и Стомна с’Вода, Ти, и Вода на Животот,22
Ти си и Светило Незгасно за сите светии,
Ти си и Риза, и Венец, и на венци Подател,
Ти си Радост и Покој, Ти, Угодие и Славо,
Ти си и Веселие, Ти, и Радование, и
ко сонце ќе светне, Боже мој, благодатта Твоја23
на Сесветиот Дух внатре во сите светители,
и ќе зазариш, о Сонце Непристапно, среде нив,24
та сите ќе бидат озарени во сооднос со
верата, делата, надежта и љубовта и со
очистеноста и просветленоста на Духот Твој,
Боже, Единствен Долготрпен и на сите Судец,25
на кои ќе им досудиш разни домој и места26
по мера на озареност, по мера на љубовта,
на созерцанието Твое, по чиј што обем на
величие, славата, угодието и знамението ќе
им се во разни домој и обители чудесни.
Ете, сеници различни, ете многу домови,
ете одежди пресјајни и великодостојни,
венци сешарени, драги камења и бисери,
и цветје невенливо, изглед чуден што си има.
Ете одри и легла, трпези, престоли и сè
она што постои за угодие најслатко, кое
било, е и ќе биде Тебе Един да Те гледаат.
Но тие, ко што реков, светлост што не ти гледаат,
ни од Тебе не се видени, па одвоени се
од себлагиот поглед Твој и од добра лишени.
Та кај би нашле покој, каде ли место безболно?
Каде би се вселиле без да станат праведници?
Зашто праведните ќе живеат со Твојто лице,27
оти си вообличен в’нивното правично срце,28
па пребиваат со Твојот лик во Тебе, Христе мој.
О чудо ли, о непоимлив ли дар на Добрината!

химната продолжува…

  1. Фил. 1, 11 []
  2. 2 Кор. 3, 10 []
  3. Рим. 1, 20 []
  4. Пс. 111, 4 []
  5. 2 Пет. 1, 19 []
  6. 1 Кор. 15, 8 []
  7. Јов. 8, 12 []
  8. Ефес. 3,17 []
  9. 2 Кор. 1, 22; Откр. 9, 4 []
  10. Мат. 25, 32 []
  11. 2 Кор. 5, 3 []
  12. 2 Кор. 4, 4 []
  13. Дела 8, 16 []
  14. 2 Пет. 2, 12; Јуд. 10 []
  15. Јов. 14, 2 []
  16. Јуд. 7 []
  17. 1 Јов. 3, 18-21 []
  18. Лук. 16, 26 []
  19. Лук. 16, 23-26 []
  20. Мат. 5, 5 []
  21. Јов. 6, 35 []
  22. Откр. 21, 6 []
  23. Мат. 17, 2 []
  24. Тим. 6, 16 []
  25. Евр. 12, 23 []
  26. Јов. 14, 2-3 []
  27. Пс. 139, 14 []
  28. Гал. 4, 18 []

препев од старогрчки:
Игор Радев