
Георги Каприев е роден 1960 година во Бургас, Република Бугарија. Доктор е по философија од 1991 година; хабилитација 1995 година. Денес е професор по историја на средновековната философија и раководител на катедрата „Историја на философијата“ на философскиот факултет при Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“. Специјализирал во Келн (1992/1993; 1996/1998) и во Париз (1999/2000) со поткрепа на фондациите ДААД, Александар фон Хумболт, Андрју Мелн. Претседател е на Комисијата „Византиска философија“ на меѓународната заедница за истражување на средновековната философија, со седиште во Лувен, Белгија. За германските студенти учебниците ги пишува на германски, а одличен познавач е и на грчкиот јазик. Соиздавач е на алманахот Архив на средновековната философија и култура и на преводите Biblioteca christiana. Автор е и на повеќе дела, меѓу кои: Историја и метафизика, Homo spiritualis, Byzantica minora и други.
Познанството со Георги Каприев е едно од оние за коишто човек секогаш му благодари на Бога, та живее во надеж дека тоа ќе продолжи и во Осмиот Ден на нашиот Небесен Град. Дел од тоа есхатолошко доживување на заедницата се обидуваме да го пренесеме и овде, во овој краток разговор којшто своите корени ги има повеќе години наназад, а насетувањето на конечниот изглед го доби на едно од нашите неодамнешни заеднички патувања низ најзначајните врутоци на Источната Ромејска империја којашто својата најнова пролет и своите најнови пупки денес ги доживува не само во географските рамки на своето некогашно постоење, но и многу пошироко.
Професоре, Вие имате совршен увид во историјата на Византија и во нејзиното богословие и философија. Нашиот интерес е насочен кон феноменот на монашкиот живот во Византија. Затоа, ќе ни проговорите ли за значењето токму на тој монашки живот и од него изнедреното богословие во Источното Ромејско царство, и воопшто, за неговата улога во севкупниот (духовен, културен, етички, образовен) живот на тогашната империја?
Благодарам за комплиментот, но јас не мислам дека денес има човек којшто совршено ја познава историјата и културата на Ромејската империја, анахроно и под западно влијание нарекувана Византија. Премногу од изворниците не се издадени, а секако, уште повеќе се уништените текстови и споменици, поради што засега е невозможно да се говори за целосно и совршено познавање на византискиот свет. Сепак, од перспектива на она, не малку, коешто го знаеме денес, би можело да се каже (навистина, сосем општо) следново: Монашкиот начин на живот се здобива со сила и авторитет уште во текот на третиот век, а првиот нам познат манастир во Константинопол е основан во 382 година од Исаак Сирин (овој не е авторот на прочуените „Подвижнички слова“). Денес се знае дека манастирите во самата престолинина биле околу тристотини. Монаштвото е исклучително многу распространето не само во Ромејската империја, туку и во сите други земји формирани според моделот зададен од неа. Неговото влијание е такво, што дава основа за тврдењето, според кое основната норма на византинизмот, то ест, на културата формирана по критериумите на ромејската традиција, е монашкиот идеал. Како да го разбереме ова? Монашкиот живот се разгранува во мноштво форми (од пустиножителството до општежитијата), коишто не можат да бидат обединети под некаков единствен устав, а впрочем не се ни правени такви обиди. Следствено, единството произлегува не од еден општ организационен принцип, ами од идејата, од заедничката цел. Првата и основна цел на монахот е, се разбира, спасението на својата душа. Затоа неговиот духовен отец му наложува особено правило, прилагодено лично за него, во сообразност со неговиот карактер и неговите дарби. Колку и да се различни тие правила, сепак без измена ги содржат двете норми зададени на свети Антониј од ангелот Господен: молитвата и трудот. Монахот избира да живее непрестано пред очите на Бога, далеку од соблазните на светот. „Умирањето за светот“ се состои во целосната монашка независност од условеностите и нормите на светското устројство. Но, тоа не значи дека монахот го мрази светот. Всушност, она против коешто тој на најкатегоричен начин се спротивставува е гревот на овој свет. Неговото искоренување, христијанизирањето на светот, е основната задача пред монаштвото и затоа главниот призив му е христијанското делување во овој свет, неговото устројување според критериумите на Царството Божјо. Треба веднаш да се забележи дека правилата и одредбите на светите отци во однос на монашкиот живот не предвидуваат ништо поспецијално освен строгото бескомпромисно и совршено придржување кон сето она што го формира христијанскиот живот, живот на секој христијанин. Сега веќе станува јасно зошто монашкиот идеал се сфаќа и како идеал на целата култура од византиски тип, чијшто општопризнат фундамент е имено христијанското суштествување безусловно насочено кон спасението. Оттука стануват видливи и задачите на монаштвото во таа култура. Христијанската љубов, основниот двигател на монашкиот живот, претполага не бегство од луѓето, ами токму обратното. Ова се однесува дури и за најстрогите пустиножители, коишто без исклучок си го нарушуваат молитвениот спокој за да дадат совет и утеха на тие што ја побарале нивната помош. Ова уште повеќе важи за општежителните манастири сместени во близина на големите населени места. Монаштвото е неспорниот гарант на високата духовност во рамките на византиската култура. Денес нашироко е истражувано и неговото влијание врз политичките норми, обичаи и случувања во империјата, влијание што под многу длабоко сомнение го става постоењето на т. н. „цезаропапизам“ како политичка идеологија. Монасите осуетуваат не малку необмислени или неморални потези на световните власти и иницираат од своја страна множество политички збиднувања. Монаштвото во таа смисла е и политички двигател на империјата. Не толку добро е проучена една друга страна на монашкото културно делување, којашто инаку е очигледна и признаена од сите. Станува збор за образовно-културната мисија на монаштвото. Навистина, православните манастири, во и околу себе, не организираат училишта коишто предаваат општообразовни дисциплини. Тоа следи, најмалку барем, од фактот дека според едно правило зададено од свети Василиј Велики, примањето на монашкиот живот не смее да се случи пред 16-17 годишна возраст, кога младите веќе ги усвоиле тие знаења во добро разгранетата мрежа на империјата. За сметка на тоа најкрупните библиотеки, најголемите книжевни центри, местата каде што се развиваат најмоќните богословски и философски согледби се имено манастирите. Во денешната литература можат да се сретнат жалби дека стимулираната од монаштвото предимно теолошка литература го ограничувала развитокот на световните знаења и дисциплини карактеристични за хуманизмот, со што се потиснувало неговото развивање. Овие поплаки произлегуваат воглавно од неисчитувањето на основниот патос во ромејската култура. Чисто и просто сме должни, како што обрнува внимание отец Иоан Маендорф, да го забележиме суштествувањето на два вида хуманизам. Едниот е антропоцентричен, тој се темели врз човекот и неговата присутност во светот. Другиот, пак, е теоцентричен. Тој исто така е вгледан во човекот, меѓутоа во човекот којшто за свој центар го има Бога. Во тој хуманизам световните дисциплини го наоѓаат својот развиток, но како потчинети на една друга, повисока цел. Останува само да се додаде дека таа цел е формулирана од монашкиот идеал, за да се добие претстава за значењето и местото на монаштвото во таа култура.
Зошто денес светот во којшто живееме (немајќи однос кон своето предание, за разлика од Византија) не само што не го разбира монаштвото, но и се бори против него? Од каде и зошто во земјите (на пример Македонија) коишто биле составен дел од Византија, толку голема одбивност кон Црквата и монаштвото? Значи, да ни проговорите за духот на епохата во којашто живееме, и за Духот којшто дише во Православната Црква, и за Вашето мислење за тоа каква треба да биде улогата на монаштвото во времето во коешто живееме?
Причините за денешното однесување кон православната духовност и соодветниот на нејзе начин на живот, значи и кон монаштвото, се многу, но јас ќе се запрам на две поосновни. Едната од нив е типот на модернизацијата на општеството, започната во нашите земји најдоцна во 18-от век и којашто продолжува всушност си до денес. Таа се развива исцело по западноевропски образци врз кои се гледа како на неприкосновена норма и лек за сите болки. Тој процес е насочен целесообразно против византиската традиција. Најрадикалниот пресврт исходи од фактот што новиот идентификационен модел се базира не врз културната и религиозната, туку врз етничката принадлежност. На местото на православниот културен козмос застанува националната држава. Оттука, имено се пораѓа и секуларизмот (а не обратно, како што вообичаено се мисли). При таква положба Црквата си го губи централното место во социјалното пространство. Нејзиното делување се ограничува и бидува истуркано од една страна во сферата на чисто личното, а од друга страна во сферата на политичкото. Верата и црквата се натоваруваат со несвојствената им задача да ја озаконат партикуларизационата националистичка идеологија. Надвор од овие две сфери, црковноста, а воедно со тоа и монаштвото како нејзин основен носител, почнуваат да бидат гледани како изветвен музејски експонат, препуштен во најдобар случај на доизживување. Втората причина се дејствијата на самите Православни Цркви. Пред сe`, во првите векови на османлиското владеење православната духовност принудно се самоизолира зад манастирските ѕидови, каде што основните усилби се сосредоточуваат врз зачувувањето и повторувањето на наследеното, и тоа најмногу на литургиски и душеспасителен план. Треба да се забележи дека при исполнувањето на таа инаку достојна мисија бидува изоставен иноваторскиот дух, својствен за Православната Црква и особено за православното монаштво. Со генезата на националистичките идеологии и со, следствено, појавените национални држави повеќето православни духовници се ангажираат во наметнатата им рамка. Треба да се додаде дека комунизмот кој завладеал со не малку од православните земји дополнително ги забрза и продлабочи тие процеси. Денес православниот духовен живот се самозатворил во храмовите и манастирите и се специјализирал најмногу во ретроспективното повторување на наследеното, што дури и се претставува како норма на вистинската православна црковност. Тоа, пак, нема ништо заедничко со самата традиција која навидум се продолжува. Таа традиција имено изискува барање на си поквалитетна синтеза како во сферата на догматската и богословската словесност, така и во насока на осмислувањето и дејствувањето кон социјалото развивање. Општеството го загубило своето предание, но и црковноста исто отстапила од него. Ете зошто вообичаениот однос кон монасите денеска се совпаѓа со она на рускиот цар Петар I, кој во нив гледал непотребни мрзеливци. Нашата современост не исправува пред малку поразлична културна ситуација дури и на секуларно ниво. Кризите на модерноста и поучната балканска историја низ минатиот 20-ти век мнозина ги тераат да се насочат кон специфичноста на регионот и по едни или по други патишта да му ја преоткриваат автентичната традиција вака или онака сочувана во битот, во светогледот, во културните реакции на повеќето луѓе што го населуваат, независно од нивната етничка, политичка и секаква друга партикуларна припадност. Црквата и монаштвото не смеат да ја пропуштат оваа шанса. Неопходни се сериозни усилби за стимулирањето на тие процеси, па дури и за нивно насочување. Тоа, се разбира, не значи дека Црквата треба да тргне кон компромиси и да се прилагодува кон барањата на коњуктурата, ами токму обратното - таа треба да се обиде да му биде максимално верна на своето самобитно предание и токму така да ги менува и диктира параметрите на современата ситуација. Во таа смисла еднакво се неопходни и сочувувањето на верата во нејзината чистота и безукорно запазување на монашкиот живот и молитвеноста, како и пренесувањето и коректното толкување на отечкото наследство. Меѓутоа, потребно е и уште нешто. Неопходен е новаторски смел дух со којшто продуктивно ќе се спротивставува на надворешната идеолошка агресивност, неопходно е внимателно сослушување на актуелните духовни и битови проблеми на луѓето и трагање по нивно решение, неопходна е целосна приопштеност кон културната драма на времето и откривањето лек за неа низ духовна ведрина и љубов. Инаку, црковноста и монашкиот живот ќе се испразнат и ќе бидат повлечени од тенденцијата која ги претвара во живи, но веќе непродуктивни обрасци од едно привршувачко минато.
Сведоци сме дека со европеизацијата на нашите народи се врши и еден вид духовна и културна асимилација поради којашто православните народи како да прифаќаат да живеат туѓо, западно, безблагодатно предание. Како да го сочуваме нашиот идентитет, како да го актуелизираме и од внатре уште повеќе да го откриваме нашето свето православно предание, и оттука каков духовен капитал би можеле ние да вложиме во рационалистичката Европа, за таа да ги збогати своите ризници и да ги разбере народите од Исток?
Европеизацијата или поточно глобализацијата којашто денес се случува не е еднозначна појава, како што ја претставуваат мнозинството од повиканите и неповиканите нејзини пророци. Навистина во сферата на економијата и технологиите таа налага неминовно унифицирање и согласување во светски размери. Нешто слично се очекува и од сферата на политичкото којашто треба да прими едно солидно множество норми како задолжително за секој регион. Со оглед на тоа што денеска токму економистите и политичарите се најгромогласни за проблемите на глобализацијата, се добива впечаток дека и културните аспекти на глобализацијата треба да се подредат на истиот начин. Ако сe` им се препушти на овие господа, најрадосната перспектива на човештвото е една целосна културна ентропија, базирана врз еден најмал заеднички именител од холивудски тип. Глобализацијата, сепак, има многу посложен и нееднозначен културен потенцијал којшто е забележан од мислечките луѓе по целиот свет. На прво место треба да се забележи дека во културната перспектива глобализацијата генерира едно исклучително внимание како кон личната, така и кон локалната културна специфичност. Таа дава можност за изразување на непрегледно мноштво културни традиции и особености пред аудиториумот кој по обем се совпаѓа со целиот цивилизиран свет. Во таа ситуација со постојаност ќе се здобијат само формите што имаат здрав корен и традиција коишто се реализират на неоспорен начин и коишто се подготвени на културен дијалог без притоа да го загубат својот идентитет или да мимикрираат. Во таа смисла глобализацијата е и една шанса за нас како духовно моќна култура да се пројавиме себеси во светски размери и оптимално да го разграниме својот потенцијал. Треба да се поведеме по словото на вистината - дека Духот дише каде што сака и да не попаднеме во прелест дека православните се претплатени за дејствата на Духот без разлика во каква состојба живеат. Напротив, должни сме да обрнеме внимание како живеат и другите деноминации, па дури и вон христијанството. Не за да ги усвоиме, откажувајќи се од сопствената традиција, ами токму за да ја огледаме сопствената духовна практика и да ја обогатиме нејзината интензивност, а заедно со тоа да ги збогатуваме и другите. На крајот на краиштата во сферата на духовното победници секогаш биле Вистината и Духот.
Имам секаква основа да тврдам дека денес на Европа повеќе од секогаш и? е јасно дека нејзината култура не е моноцентрична, не е произведена само од западноевропските вредности, туку има два креативни центри од коишто вториот е формиран од византиската култура и нејзините денешни продолжители. Затоа, денес мнозина од мислечките луѓе на запад не само што се добронамерни кон специфичната култура на европскиот Исток, туку буквално се и жедни да си го откријат за себе духовниот хоризонт формиран од православието. Адекватното присуство на православната духовност може да доведе до непознато досега потквасување на општоевропската култура коешто ќе даде нечуени и невидени резултати.

