Интервју со Иеромонах Дамаскин (Кристенсен), „Свети Герман Аљаски“, Манастир на Српската Православна Црква, Платина, Калифорнија, Соединети Американски Држави

Манастирот „Свети Герман Аљаски“ во Платина, Калифорнија, е познат ширум Православието. Во него, својот монашки живот во подвиг го помина истакнатиот иеромонах од американскиот континент, отецот Серафим (Роуз). Денес игумен на манастирот е отец Герасим. Тој и отец Дамаскин, се видни ученици и продолжувачи на делото на големиот монах и мисионер во Соединетите Американски Држави, земја којашто е позната по почитувањето и бескомпромисното спроведување на начелата на слобода на вероисповед и слобода на изразување.
Нивниот манастир е живо сведоштво на фактот дека верата е над нацијата, и дека каноничноста и единството на Црквата се неспоредливо поважни од ползувањето на расколот за приватни цели и негово лажно претставување за Црква, како што тоа е случај во нашево опкружување.
Сите монаси во манастирот „Свети Герман Аљаски“ се Американци (само еден во братството е Бразилец), и богослужбите во манастирот се одвиваат на англиски јазик. Овој познат американски манастир е под канонска јурисдикција на Српската Православна Црква.
Иеромонахот Дамаскин (Кристенсен), којшто има скандинавско потекло, ја има напишано исклучително важната книга за животот и делото на отец Серафим (Роуз), којашто на длабок, отечки начин, одблику ги запознава луѓето од англиското говорно подрачје со православната духовност. Оваа книга, заради нејзината читаност продира и на балканските простори: веќе е објавена на грчки јазик, првиот том на изданието на српски јазик на оваа биографија само што го издаде и манастирот Хиландар, а, при крај се и подготовките за печатење на завршениот превод на бугарски јазик.
За промоцијата на неговата книга, отец Дамаскин е поканет и патува насекаде во светот. Средбите ги користи и за промоција на манастирската периодока The Orthodox Word чијшто најнов број е посветен на Архиепископот г.г. Јован и Православната Охридска Архиепископија. Манастирот има богата издавачка дејност: www.sainthermanpress.com
Посетата на нивниот манастир и запознавањето со отец Дамаскин се повод за овој разговор.
Игумен Давид: Отец, ќе може ли да ни раскажете за мисионерските дела на свети Герман Аљаски и за почетоците на Православната Црква на Американскиот континент?

Иеромонах Дамаскин: Првата православна мисија во Америка беше испратена од рускиот манастир Валаам, во Кодиак, Аљаска, во 1794 година. Истата ја сочинуваа еден Архимандрит (подоцна Епископ Јоасаф), тројца иеромонаси (Атанасиј, Макариј и свети Јувеналиј, којшто е првиот маченик на Америка), двајца иероѓакони (Стефан и Нектариј) и двајца монаси (Јоасаф и свети Герман). Свети Герман, Чудотворецот од Аљаска (упокоен во 1836 год.), е првиот канонизиран светител на Америка. Тој, последните денови од животот ги помина на островот Спрус (мал остров во близината на островот Кодиак), којшто го нарече „Нов Валаам“, живеејќи како пустиножител, грижејќи се за сирачињата Алеути (домородни Американци), и работејќи како мисионер за локалните Алеути. Иако никогаш не беше ракоположен за свештеник, тој приведе многумина Алеути кон Православната Вера преку своето благодатно учење, и потоа продолжи да ги зацврстува во верата како нивни духовен отец. Тој има преобратено еден морнарички капетан со германско потекло, Леонтиј Хагемајстер, од лутеранство во Православна Вера; а, сврте и многумина Руси кон верата во Христа, меѓу кои и Симеон Јанковски, којшто еден одреден период беше управител на Руско-Американските колонии (Јанковски подоцна стана схимонах во „Свети Тихон“ Манастирот во Калуга, Русија). Свети Герман беше познат како чудотворец во текот на животот, а продолжува да чудотвори и за оние коишто го просат неговото небесно посредништво.
Преку работата на првата Православна мисија во Америка, илјадници жители на Аљаска се преобратија во Православна Вера. Во најголема мера мисионерската работа во Америја ја продолжи Свети Инокентиј Аљаски (упокоен во 1879 год). Свети Инокентиј користеше баидарка (алеутски кајак), за да стигне до оддалечените острови во Алеутскиот Ланец на острови, носејќи им ја спасителната Православна Христова вера на оние коишто сеуште не го слушнале Евангелието. Така, уште илјадници домородни Американци беа преобратени во Православие.
Аљаското домородно население и остана верно на Православната Црква. Денес Православната Црква во Аљаска има повеќе членови (повеќето од нив се домородни Американци) од било која друга црква или вера.
Игумен Давид: Ќе ни кажете ли нешто за улогата на отец Серафим (Роуз) во пренесувањето и утврдувањето на православниот монашки начин на живот во Соединетите Држави?
Иеромонах Дамаскин: Отец Серафим беше вистински подвижник или Праведен Трудбеник. Имало и други подвижници во Северна Америка – како свети Герман Аљаски или свети Јован (Максимович) Шангајски и Сан Франциски, којшто, пак, му беше ментор на отец Серафим – но, отец Серафим е првиот подвижник роден во Америка, којшто е почитуван од Православните верни насекаде низ светот. Тој умре за светот и за себе, сосема посветувајќи му го животот на нашиот Господ Иисус Христос. Тој учеше дека монашкиот живот е основан на постојана и непрестана духовна борба, која, пак, од своја страна е со основа во љубовта кон Христа и целосната посветеност на Христа. Како роден Американец, преобратен во Православието, којшто стана вистински праведник, отец Серафим „го постави правецот“ за другите американски монаси, давајќи им надеж дека и тие може да растат во светост. Во православните манастири низ Америка – вклучувајќи ги и оние на Српската, Руската и Грчката Црква – монасите и монахињите гледаат на отец Серафим како на модел и пример, и од неговото учење се поучуваат - како да живеат вистински духовен живот во ова наше време.
Еве некои трезвени мисли на отец Серафим за пренесувањето на православниот монашки живот во Соединетите Држави, а коишто ги има напишано во 1977 година:
„Монаштвото, и покрај оттаму - светската цел, е сеуште во светот, и неговата состојба не може, а да не ја рефлектира состојбата на современиот свет. Разгалените, самољубиви млади луѓе коишто го образуваат мноштвото од оние кои му приоѓаат на монаштвото денес (барем во слободниот свет), не можат поинаку освен да го понесат со себе својот светски „багаж“ на ставови и навики, а овие, пак, од своја страна и не можат поинаку освен да се одразат на монашката средина. Со една жестока и свесна битка против овие, нивното влијание може да се минимизира; без оваа постојана битка, тие може да почнат да доминираат и во најдобро организираниот манастир, честопати на скришни начини.
„Вистинското православно монаштво, по самата своја природа му негодува на принципот на модерниот комфор. Постојаната активност на монахот е да не си даде спокој, да се жртвува, да си го даде срцето и душата за нешто над него; а, ова е сушта спротивност на првиот принцип на модерниот живот, којшто, пак, се засновува на хилиастички (милениаристички) сон за олеснување на животот на земјата. Да се посветиш себе на свесна борба против принципите и навиките на модерниот комфор е ретка и опасна работа; а, затоа и не е ни чудно што нашето монаштво е толку слабо – тоа и не прави ништо друго освен што ја рефлектира слабоста, воопшто, на православниот живот денес…
„Во сета понизност да си го признаеме сиромаштвото на нашето Христијанство, студенилото на нашата љубов за Бога, празнотијата на нашите духовни претензии; а оваа исповед нека ни биде почеток на нашиот монашки пат, којшто е пат на поправање. Ние монасите на последните времиња, реалистично свесни за нашите промашувања и за замките пред нас, да не губиме кураж пред нив, туку уште посериозно да му ги понудиме на Бога нашите скромни молитви за да ни ги прости гревовите и за да ги исцели нашите ранети души…
„Монашкиот живот, навистина, дури и во нашите времиња на маловерие, е сепак пред се љубов кон Христа, христијански живот par excellence, проживеан со многу трпеливо страдање и многу болка. Дури и денес ги има оние коишто навлегуваат во тајната на овој рај на земјата…“
Игумен Давид: Бивајќи толку блиску до него долги години, може ли да ни кажете некоја просветлена реченица од отец Серафим која би била во сличен дух на оние кои може да ги прочитаме во „Старечникот“?

Иеромонах Дамаскин: Еве некои од изреките на отец Серафим, кои ги употребив како епиграфи на почетокот на поглавјата од биографијата на отец Серафим – Отец Серафим Роуз: Неговиот живот и дела.
„Страданието индицира друго Царство кон коешто се стремиме. Ако, да се биде Христијанин значеше да се биде „среќен“ во овој живот, тогаш не би ни требало Царството Небесно“.
„Православието не може да е удобно, освен ако не е лажно.“
“Orthodoxy can’t be comfortable unless it is fake.”
„Секој човек, врз основа на тоа што е човек, мора да избере меѓу Бога и себе. Секој човек, всушност, веќе има избрано, затоа што ние сме она што бираме да бидеме. А со нашиот избор укажуваме на наклонетост кон едно или друго Царство: кон Царството Божјо или кон self-Царството.“
„Човек не може да биде делумен Христијанин, туку само потполно, или воопшто.“
„Православието е едната вистинска Христова Црква, единственото чисто и автентично Христијанство; а, овој факт полага обврска на православните верници, кога им зборуваат на други за Црквата, да го прават истото отворено и без искривувања – со љубов, сигурност, но пред се со љубов за Божјата Вистина.“
„Христијанинот го љуби ближниот бидејќи во него гледа некој создаден по образот Божји и призван на совршенство и вечен живот во Бога; таквата љубов не е човечка, туку Божествена, да се препознае во човекот не само земната смртност, туку небесната бесмртност.“
„Кога јас станав Христијанин, доброволно си го распнав умот, и секој крст што го носам е само извор на радост за мене. Не изгубив ништо, а добив сè.“
„Монаштвото – мачеништвото – поднесувањето на неизлечива болка, духовно се едно и исто. Побарајте од Бога, не само раководење или помош – туку мачеништво, страдање, патека на која може да направите возвишен подвиг, „да земете учество“ да горите да му служите на Бога.“
Игумен Давид: Може ли да ни кажете за сегашната состојба на Православното монаштво во Северна Америка и која е вашата проценка за неговите изгледи во иднината? А, нашите читатели би ги интересирало и колку православни манастири постојат во САД во моментот.

Иеромонах Дамаскин: Монаштвото во Америка порасна многу откако се упокои отец Серафим во 1982 година. Најголемото и најпозитивно влијание на монаштвото во Северна Америка беше преку осумнаесетте манастири основани од Старец Ефрем, поранешниот Игумен на манастирот Филотеј на Света Гора. Овие манастири не само што го помогнаа зацврстувањето на православното монаштво во Америка, тие помогнаа и во зацврстувањето на православните мирјани во традиционалниот православен начин на живот. Освен тоа, тие помогнаа и во утврдувањето на потрадиционален пристап кон Православната теологија и литургика во оваа земја. Старец Ефрем не измисли ништо ново; тој едноставно го претставува духот и преданието на Света Гора.
Во моментот, во Соединетите Држави, има околу седумдесет православни манастири. Во некој од нив има по двајца монаси, а најбројниот достигнува до триесет монаси.
Секако, препреките пред монаштвото во Америка – а, и во современиот свет воопшто – остануваат исти како и во времето на отец Серафим. Оттука, ние монасите на денешниот свет би направиле добро кога би внимавале на предупредувањата на отец Серафим, коишто ги цитирав погоре.
Игумен Давид: Од црковната историја добро ни е познато дека дури и аскетите пустиножители излегувале од пештерите кога чистотата на верата требала да се одбрани. Според вашето мислење, што претставуваат за монахот Соорноста и Каноничноста на Црквата; оттука, можно ли е постоењето на православен монашки подвиг надвор од гореспоменатата Соборност и Каноничност; и, што е според вас, од еклисиолошка перспектива, е расколот (поспецифично оној создаден од етнофилетистички причини)?

Иеромонах Дамаскин: Моето гледиште се совпаѓа со гледиштето на Неговото Блаженство Архиепископот Јован од Автономната Охридска Архиепископија. Секако, ова не е само негово или мое гледиште: тоа е, едноставно, гледиштето на Православната Црква. Животот во Соборноста и Каноничноста е витален и задолжителен за монахот. Каква ни е ползата од подвизите ако ги вршиме во раскол од Црквата?
Како иеромонах на Српската Православна Црква, бев длабоко трогнат кога дознав дека повеќето монаси и монахињи во Република Македонија пријдоа под омофорот на Архиепископот Јован. За мене ова ја прикажува вистината за она што отец Серафим го кажува погоре: „Монашкиот живот, навистина, дури и во времиња на ослабната вера, е сé уште, пред сé, љубов за Христа, Христијански живот par excellence, искусуван со многу трпеливо страдање и многу болка.“ Преку послушноста на Христовата Црква, дури и по цена на лично страдање, монасите и монахињите на Православната Охридска Архиепископија покажаа дека пребиваат во автентичниот дух на православното монаштво и дека имаат тргнато по патот на монаштвото заради вистински причини.
Православието не е едноставно збир на верувања и практики (иако, се разбира дека ги вклучува овие). Православието, како што рече отец Серафим во погоре цитираната реченица, е „едната вистинска Црква Христова“; а Црквата, како што велеше праведниот Архимандрит Јустин Поповиќ е „Богочовечки организам“: Тело Христово. Или сме во Црквата – што значи дека сме во нејзините канонски граници – или не сме. Ако не сме, ние сме одделени од Телото Христово.
Пресудата е веќе падната врз расколничкото тело во Македонија. Целата Православна Црква во светот – секој канонски Православен Патријархат – смета дека оваа група е во раскол, односно, надвор од Црквата. А, многу канонски Православни Цркви низ светот напишаа писма во поддршка за Неговото Блаженство Архиепископот Јован и го осудија неговото неодамнешно затварање.
Расколот е смртен грев. Ако човек не се покае за овој грев пред да почине, тој ја губи надежта на вечно спасение. Меѓутоа, оние коишто ќе се покајат, Црквата е секогаш подготвена да ги прегрне и срдечно да ги прими во она што отец Серафим Роуз го нарекува „спасоносен круг“ на Телото Христово. Неговата Светост Патријархот Павле многу пати љубовно го упати ова добредојде кон оние коишто остануваат во раскол со Црквата. Треба да се молиме за оние коишто се во раскол, но не смееме да дозволиме на нас да повлијае гревот на расколот и лажните, себични еклисиологии коишто го придружуваат.
Игумен Давид: Каква мислите дека треба да биде улогата на православното монаштво во современиот свет, но без да се изгуби автентичноста во процесот?
Иеромонах Дамаскин: Во продолжение на она што претходно го кажав, како и на она што го цитирав од отец Серафим, би сакал да спомнам дека монаштвото во современиот свет треба да има мисионерски дух. Ова е навистина примерот кој свети Герман го постави кога дојде во Америка: тој, заедно со другите монаси од Валаам, дојдоа да живеат монашки во Америка, а истовремено да бидат и мисионери.
Ова не значи дека секој монах треба да патува наоколу како мисионер. Некои монаси може да го прават ова со благослов на нивниот Игумен и Епископ; но, ова е повеќе исклучок отколку правило во монашкиот живот. Како и да е, без разлика дали монахот патува како мисионер, тој треба да има мисионерска рамка на умот. Ова значи, дека тој треба да разбере оти во овие времиња многу луѓе не знаат за Православната Црква; па, дури и ако знаат, тие ја немаат доживеано Црквата како вистински „Кораб на Спасението“, она што таа е. Овие души изгинуваат; должноста на секој православен монах, а навистина, и на секој православен Христијанин е да биде подготвен да ја сподели вистинската Вера во Христа со тие изгубени и трагачки души. Манастирите се прибежишта за луѓето коишто бараат вистински духовен живот во Христа. Така, ако монахот никогаш не го напушти манастирот за да врши мисионерска работа, истата може да ја врши во ѕидините на неговиот манастир. Тој може и треба да биде светлина и сведок пред светот, да го носи сведоштвото за власта Христова врз гревот и смртта.
Друг начин на кој монасите може да вршат мисионерска работа во своите манастири е преку печатениот збор. Нашиот манастир „Свети Герман Аљаски“ во северна Калифорнија беше со-основан од отец Серафим Роуз токму како пустинско живеалиште посветено на мисионерска работа преку печатениот збор: ширење на словото Божјо низ светот преку печатење на книги, списанија и годишни црковни календарчиња.
Игумен Давид: Познато ви е со какви проблеми се соочуваат православните свештеници од странство при влез во Р. Македонија. Мнозина и не успеваат да влезат бивајќи малтретирани од полицијата која сака да спречи верниот македонски народ да го вкуси плодот на црковното единство. Би ве замолиле за вашата пастирска порака до православните верници во Р. Македонија.
Иеромонах Дамаскин: Мојата прва порака до православните верници во Р. Македонија е: останете и верни на канонската иерархија на Автономната Охридска Архиепископија. Ова не е политичко прашање. Напротив, ова е животно, духовно прашање на тоа да се биде во Црквата Христова. Неговото Блаженство Архиепископот Јован не побара од верните во Македонија да го следат патот на крстот, патот на прогонот, без најпрво самиот тој да го следи таквиот пат. Кога Неговото Блаженство го посети нашиот манастир во Калифорнија (кој сега и припаѓа на Српската Православна Црква), бевме длабоко потресени од неговото смирение и од неговата подготвеност да страда за Верата. Тој е вистински исповедник на нашето време: исповедник на вистината, патристичката еклисиологија на Православната Црква, исповедник на единството на Црквата. Верните во Македонија се благословени со така храбар и благороден иерарх.
Кога размислувам за страдањето на Архиепископот Јован во затвор, тоа ме поттикнува да размислувам за зборовите на отец Серафим Роуз во однос на борбата и страдањето за Христа, коишто ги цитирав погоре. Но, пред се, ме инспирираат зборовите на Самиот наш Господ Иисус Христос, коишто им ги проговори на оние кои ќе бидат Негови вистински ученици: „Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас, ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе Ве гонат; ако моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат… Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот“(Јован 15. 20; 16. 33).

