Успение

Platina Monastery, California USA

Игумен Давид (Нинов)

Соборноста на Црквата е единствениот критериум за правилно исповедање на верата

Успение број 7 · April 2004 · Интервјуа · Print

(разговор со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Велески и Повардарски и Егзарх Охридски г. г. Јован)

Многупати сме го повториле и сме се сложиле со ставот на светоотечката наука дека неартикулираната слобода и незнаењето се најголемиот грев од којшто денес бива измачуван човекот. Случувањата со и околу Црквата денес ни налагаат да разговараме со личноста што на себе го носи товарот на исцелителната болка на Црквата. Со Митрополитот г. Јован сме говореле многупати. Според православната духовност темел на градењето на духовниот живот е личносниот однос, а не односот преку посредници. Но, за тоа, пред се, треба да се биде личност. За жал, голем дел од луѓето за него формираат мислење на еден крајно непопуларен начин и надвор од контекстот на Црквата т. е. преку медиумите. Но, во ред. Еве, пред да поразговараме со него, за да се добие поточна претстава со кого се разговара, накратко го изложуваме неговиот животопис.

Митрополитот Велски и Повардарски и Егзарх Охридски г. г. Јован е роден во Битола 1966 г. и крстен како православен христијанин. Основно образование и математичка гимназија завршил во родниот град со одличен успех и примерно поведение. За време на школувањето учествувал на многу општински, републички и сојузни (во бившата СФРЈ) натпревари во разни области од науката и спортот за што сведоштва се стотината награди (медали, дипломи, пофалници). После отслужувањето на воениот рок во Сараево (1985 г.), се запишал на Градежниот факултет во Скопје. Факултетот го завршил предвреме дипломирајќи на тема: „Идеен проект и анализа на армирано бетонската конструкција на храмот Св. Илија во Канада.“ Истата година (1990) се запишал на Богословскиот факултет во Белград и се вработил во Битолската Митрополија како градежен инжинер. Таму, во соработка со Матичната и универзитетска библиотека од Битола ја формирал Митрополиската библиотека „Св. Јован Богослов“ во којашто бил и првиот библиотекар. За време на двеиполгодишното работење во Митрополијата држел циклус предавања во библиотеката. Во 1993 г. заминал да ги интензивира студиите во Белград коишто ги завршил во јуни 1995 г.; истата 1995 г. се запишал на магистерски студии во Белград на отсекот Систематско богословие (Догматика). При крајот на 1995 г. заминал во Грција (Солун) да го изучува грчкиот јазик и да запише постдипломски студии. Постдипломските студии ги завршува под раководство на еден од најпознатите современи богослови, Митрополитот Пергамски проф. д-р Јован Зизиулас. Во моментов работи дисертација: „Единството на Црквата и современите еклисиолошки проблеми.“

Монашкиот чин го примил на 07.02.1998 г. добивајќи го името Јован и истиот ден бил ракоположен во ѓаконски чин. На 08.02.1998 г. бива ракоположен за иеромонах, а на 19.07.1998 г. во епископски чин со титула Епископ Дремвитски. Со одлука на САС на МПЦ поставен е за викарен епископ на Преспанскопелагониската епархија каде што покрај редовните богослужби држи и циклуси на богословски трибини, а се зафаќа и со темелна реконструкција на Соборниот храм „Св. вмч. Димитриј“ во Битола. Со одлука на САС на МПЦ почнувајќи од 01.03.2000 г. администрира со Брегалничката епархија, а на 10.11.2000 г. е избран за Митрополит Велески и Повардарски. Интронизиран е на тронот на оваа епархија на 04.12.2000 г. На повикот на српскиот патријарх за литургиско и канонско единство без поставување на било какви услови заедно со целиот клир и побожниот народ од неговата Митрополија е единствен Митрополит од МПЦ којшто одговара позитивно. Литургиското и канонско единство на Велеската и Повардарска света Митрополија која е под негово епископство со СПЦ, а преку неа и со сите православни цркви, е постигнато на 22.06.2002 г. Неколку дена после тоа, со примена на брутална сила од страна на Полицијата на Р. Македонија, сосема бесправно, без судски налог, избркан е од седиштето на Митрополијата заедно со монаштвото коешто живее со него. На 23.09.2002 г. од страна на Соборот на СПЦ поставен е за Егзарх на сите територии на Православната Охридска Архиепископија. Многупати е затворан од страна на Власта во Р. Македонија којашто во комунистичко време ја создаде схизмата во Црквата подготвувајќи и подржувајќи го пучот што го направија епископите на МПЦ самопрогласувајќи автокефалност после што ги прекинаа односите со сите православни цркви ширум светот. После конституирањето на Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија на 25 декември 2003 г. избран е за негов Предстоител. Против него државата Р. Македонија има подигнато обвинение дека распалувал национална, расна и верска омраза и нетрпеливост и за тоа се води судски процес.

Ваше Високопреосвештенство, познато е дека во расколите нема автентична богословска наобразба. Од кај нас досега не произлегле теолози како познатите: отец Георгиј Флоровски, отец Думитру Станилое, епископ Иларион Алфеев, епископ Атанасиј Јевтиќ… ниту, пак, заради расколот луѓето се во можност да се среќаваат со такви имиња. За најсуптилните теолошки прашања, освен „уличарското богословие“ по медиумите, не сретнавме здрава богословска мисла. Кога запрашав еден новинар која стручна литература ја користи за неговите „теолошки“ текстови во дневниот печат тој пелтечејќи призна - дека не познава ниту една книга. Оттука, меѓу сите други, произлегоа и квалификациите дека Охридската Архиепископија е српска црква. Дали Православната Охридска Архиепископија е српска црква?

Православната Охридска Архиепископија (ПОА) е брод за спасение на сите верници коишто се под нејзина канонска јурисдикција, та следствено на тоа и на Србите. Но, не може да се нарече дека е српска Црква, не само од причина што е поприлично нееклисиолошко нарекувањето на помесните Цркви со некаков национален предзнак, туку затоа што мнозинството од паствата на Архиепископијата нема српска национална определба. Територијата на Р. Македонија претежно е населена со население со македонска национална определба. Друго е сега тоа - што некој сака да разбере под Македонец. Според нас тоа прашање е си уште нерешено, бидејќи самото население е несогласно во тоа што се подразбира под поимот Македонец. Повеќето сметаат дека Македонците се со словенско потекло и имаат сродство со другите словенски народи. Други, пак, сметаат дека Македонците во Р. Македонија имаат античко потекло и потомци се на старите Македонци. Всушност оваа нерешена дилема којашто ја поставија комунистите во 1945 г., и истата остана до денес, ги создава сите проблеми кои Р. Македонија денес ги има со некои од соседните земји. На голема жал, схизматиците го користат ваквото замешателство за да ја бранат позицијата на схизмата, секако со крајно нецрковни методи. Тие ги покриваат сопствените лични интереси да останат во схизма со обвинувања дека ПОА била српска Црква, а како големи „патриоти“, и како што во последно време за себе велат големи „пастири“, воопшто не чувствуваат дека до носот заглавиле во најголемата модерна ерес - етнофилетизмот. Ние веќе одамна ги сметаме и нив ги нарековме еретици, и се надеваме дека во процесот на судење на нивната ерес тоа ќе го сфатат сите Православни Цркви. После вака краткиот и неопходен вовед, сега поконкретно би се задржал на она за што прашувате. Значи, схизматиците не нарекуваат српска Црква, и секако тоа го прават сметкаџиски. Народот да остане во забуна, да не се причислува кон ПОА, а тие да се покажат како големи душегрижници и чувари на нацијата. Тоа што ниту Пеќката, но и ниту било која друга Црква не ја смета ПОА за српска Црква, заостанатите национал-романтичари во Синодот на расколниците не ги интересира. Тие по познат комунистички шаблон ја туркаат „големата идеја“ дека сите соседи се непријатели на Македонија, дека сите се - во криво, дека сите Цркви се под влијание на политиката, а „чистата рака“ на схизматичкиот Синод ќе го изведе светот од катастрофата. Сепак, тоа е одлика на нивната „зрелост“ која многумина ја насетуваа, а сега се докажа. Ние, пак, сосема свесно и намерно нема да го поставиме националниот идентитет пред идентитетот којшто се црпи од верата. Верата е наднационална и таа ја осмислува нацијата, а не обратно. Така, на Македонците во ПОА никој не им спречува да се декларираат така како што тие сакаат, само за разлика од схизматиците, свесни се во едно, дека прво се христијани и жители на Небесната татковина, а времено пребиваат на територијата којашто денес се вика Република Македонија. Кај болните од националфилетизам е обратно. Тие прво сметаат дека се припадници на некоја нација, а потоа, ако остане простор и време ќе работат за влез во Царството Божјо.

Ваше Високопреосвештенство, работите докторска дисертација на тема „Единството на Црквата и современите еклисиолошки проблеми.“ Впрочем, тоа го работите не схоластички како што е обичај, но дисертацијата, согласно на православното предание, ја пишувате и со начинот на Вашиот живот. Денес, во Македонија со тоа, да се изразам, експертско теолошко прашање, се занимаваат не само луѓе коишто не ја познаваат духовната азбука, туку и оние коишто не веруваат во Бога. Владико, дали во неединството односно во расколот има благодат?

Расколот е безблагодатно подрачје на Црквата. Ова не е теолошка новина. Пред многу векови ова истово го кажале и свети Кипријан Картагински и блажени Августин. Можеби има разлики во тоа од каде едниот, а до каде другиот го поместуваат безблагодатното подрачје на расколот, но и едниот и другиот согласни се во тоа дека во расколот нема спасение. Свети Кипријан којшто е прилично строг, но чијашто теологија за расколот Црквата никогаш до сега не ја отфрлила, вели дека надвор од канонските граници на Црквата нема спасение. Расколите, значи, коишто се надвор од канонските граници на Црквата не се во единство со истата и не учествуваат во истата тајна на Црквата. Тоа е и многу природно да се разбере. Не е можно да има две Литургии, Литургијата како тајна на Црквата е само една и таа е тајна на Црквата само воколку се совршува од канонски воспоставена иерархија. Очигледно и за најнеупатените е дека схизматиците веруваат оти имаа своја Литургија, но таа Литургија не е иста со онаа на канонската Црква. Не е иста затоа што нема литургиско општење на канонската иерархија со схизматичката. Може сега некој да го постави прашањето која Литургија е тогаш валидна, на канонската иерархија или на схизматичката? Повеќето од схизматиците ќе ви одговорат дека валидна е таа Литургија којашто ја служат тие, притоа сметајќи ја за невалидна Литургијата на канонската иерархија. Само схизматиците во Македонија на коишто навистина им недостига теолошко образование тврдат дека двете Литургии биле валидни и дека во двете Литургии имало спасение. Тоа што таквото тврдење е против Преданието на Црквата, но дури и против здравата логика која исклучува постоење на две вистини, тоа за нив нема никакво значење. Како што на локалните бајачи не им е многу грижа што подалеку од нивната зона на интерес има и други бајачи, така и на схизматиците во Македонија чиј најголем дострел им е погледот до сопствениот стомак, не им е грижа што го манипулираат целиот народ, учејќи го народот дека во расколот имало спасение.

Од расколниците во Македонија се слуша дека и тие го читале истото Свето Писмо коешто се читало во Србија, и тие служеле Литургија со истите зборови со коишто таа се служи во Русија, и тие носеле иста облека со онаа што ја носат свештенослужителите во Бугарија или Грција, едноставно дека ја имале истата вера во која веруваат православните христијани. За горното ќе ги исползуваме зборовите на блажениот Августин којшто вели дека расколниците може да читаат од истите книги од коишто чита Црквата, може да ги служат истите тајни коишто се служат во Црквата, може дури и да веруваат исто како што тоа го прават православните, но сепак, да немаат спасение затоа што немаат единство со Црквата. Свети Кипријан таа разлика ја прави уште понагласено. Тој вели дека православното исповедање на верата не е единствениот критериум на Црквата. Обратно, Црквата е единствениот критериум за правилно исповедање на верата. Сметаме дека подобар одговор за тоа дали во расколот има благодат, од оној којшто го дале свети Кипријан Картагински и блажениот Августин не може да се даде.

„Успение“ е периодика на монашка заедница и третира теми од монашкиот живот. Неодамна од монахињите во манастирот „Св. Јован Златоуст“ којшто е времена резиденција на ПОА се побара едно живо сведоштво на монашкиот етос, на монашкиот начин на живот. Владико би Ве замолиле да ни проговорите токму за тој етос и за улогата на монаштвото во ПОА?

Целиот монашки живот е едно големо сведоштво (мартирион) за заедницата којашто на личносен план ја остваруваме со Бога во Троица. Бог постои како заедница, а воколку човекот сака да постои вечно, како што постои Бог, потребно е животот да му постане заедница, прво со самата Света Троица, но исто така и со сите оние коишто заедничарат со неа. Од монасите се очекува да покажат поинтензивно сведоштво на заедницата којашто ја имаат со Бога. Секогаш наново да го проживуваат и да го објаснуваат парадоксот да се живее во овој свет, но да не се биде од светот. Да живееш како минувач којшто е во туѓа земја, свесен дека вистинската татковина е таму каде што е Небесниот Отец. Сметаме дека токму таа зрелост на сведоштво за верата ја покажа монаштвото на Православната Охридска Архиепископија. Тогаш кога од нив се побара да изберат помеѓу Царството Небесно и царството земно, тие го одбраа Царството Небесно. Покажаа дека ништо на овој свет не може да ги врзе и да ги пороби. Спремни дури и покривот над главата да го остават заради својот сакан Христос, тие тоа и го направија, тогаш кога од нив тоа се побара. Затоа има и толку почит насекаде во православниот свет кон монаштвото на ПОА. Не многу често Бог дава искушенија на монасите до таа мера како што беа искушани монасите во ПОА. Но, сега испробани во слободата и љубовта се покажаа достојни во големиот дар на восиновувањето којшто Господ ни го подари. Секако, потребно е да се издржи до крај. Досегашното сведоштво за верата е навистина достофално, но сите дела се ценат според крајот. Токму верата во тој благословен крај или како што уште го викаме есхатон, им дава сила на монасите да претрпат, да истраат.

Сега монасите и што е уште потажно монахињите коишто пристапија кон Православната Охридска Архиепископија од страна на власта во Р. Македонија истерани се на улица. Им ги одзедоа манастирите во коишто со години го вложуваа својот труд, но и пролеваа солзи за својот и за гревовите на ближниот. Ги оставија без било какви приходи нив коишто цел живот приходувале за манастирот од којшто се протерани. Тоа е крајно нечовечки, но на голема жал, политичката култура во Македонија е на такво ниво што ниту една политичка партија не го осуди јавно тој нехуман атак врз монасите.

Уште потрагично е што ниту една политичка партија не го осуди ниту обидот за линчување на целата висока иерархија на ПОА којшто се случи пред извено време. Во нападот на манастирот „Св. Јован Златоуст“ којшто е привремено седиште на Православата Охридска Архиепископија монаштвото беше испробано со не мало искушение. Не е лесно да стоиш пред разбојници вооружени со автоматски пушки коишто дошле да те принудат да се откажеш од слободата како начин на живот. Со пушка вперена во стомакот да гледаш како ти гори манастирот е прилично тежок подвиг. Треба да си слободен од страстите за да речеш: Господ даде, Господ зеде! Но, во тоа е и почетокот и крајот на монашкиот подвиг. Во слободата како зададеност за вподобување. Слобода како љубов, како ДА и АМИН на Божјата воља.