Успение

Αγίον Όρος

Игумен Давид (Нинов)

Да бидеме бодри во Христа Бога

Успение број 3 · April 2002 · Интервјуа · Print

Интервју со Архимандритот г-н Сиониј (Радев), Ректор на Софијската духовна семинарија “Свети Иван Рилски”, Бугарија

Софијската духовна семинарија е основана под покровот на свети Јован Рилски, како Самоковско богословско училиште - продолжение на богословското училиште во Љасковскиот манастир „Свети Апостоли Петар и Павел“, од 1874 година. Темелите на денешната зграда торжествено се положени во 1902 година од Неговото Царско Височество Фердинанд I и од Претседателот на Светиот Синод Високопреосветениот Варненски и Великопреславски Митрополит г-н Симеон; и, училиштето почнува да функционира веќе во 1903 година. Образованието на богословите се одвива со одредени потешкотии поради Балканските војни, Првата светска војна, земјоделскиот режим (1920-1923), Втората светска војна и комунистичкиот режим. Но, од 1990 година семинаријата е возобновена во духот на национално-православната традиција. Покрај од Бугарија, денес во неа учат и млади луѓе од Молдавија, Украина, Русија, Македонија, Југославија, Албанија. Со решение на Националниот институт за споменици на културата, од 1998 година Софијската духовна семинарија „Свети Иван Рилски“ добива положба на архитектурен и историски споменик на културата со национално значење. Семинаријата е домаќин на многубројни средби со духовници, професори, а од поново време е вклучена и во програмата за воспитување на деца сираци (од најмала возраст, па до повозрасни) организирајќи им часови по веронаука, посети на манастири, културни знаменитости и други екскурзии.

Раководител на семинаријата е Ректор, во улога на пратеник од Светиот Синод на Бугарската Православна Црква.

Денешниот Ректор на семинаријата е нашиот соговорник Архимандритот Сиониј (Радев), наш повеќегодишен пријател, со кого имаме остварено соработка во рамките на симпозиумот против ереста на софијанизмот „Света Софија - Премудрост Божја“, во Националниот дворец на културата во Софија, со учество на претставници од повеќе православни земји, а имаме разменето и повеќе меѓусебни посети.

Архимандритот Сиониј, духовникот на манастирот „Свети Кирил и Свети Методиј“ од Видинската Епархија, роден е 1969 година. Се замонашува 1991 година, а Архимандрит и Ректор на Софијската семинарија станува 1997 година. Го завршил Теолошкиот факултет во рамките на Софијскиот универзитет “Свети Климент Охридски”, каде што и магистрирал, а теологија специјализирал во Ерланген, Баварија, Германија.

Со Архимандритот Сиониј, една прекрасна личност со срце полно со небо, вистински претставник на возобновувачите на автентичната православна духовност, голем теолог и педагог, поразговаравме за овој број на нашата периодика „Успение“.

Отец Сиониј, која е улогата и местото на монаштвото во Православната Црква, во сите периоди од нејзината историја, вклучително и денес?

Според духовната практика на Светата Црква, православното монаштво, во коешто се има олицетворено аскетскиот дух и одрекувањето од светот, има не само раководна роља, но и роља на сочувување и предавање на црковното учење и традиција. Уште не востановено при првите христијани, монаштвото го има своето суштествување во себе-принесувачкото (безбрачно и нестекнувачко) служење на апостолите и нивните следбеници. Големото распространување на таквиот начин на живот во Христа, после III - от век го прави дејствителен фактор во животот на Црквата, а средновековните богословски интерпретации оправдано му го даваат ореолот на пазител на чистата вера, символ на високата духовност и пример за подражавање на сите членови на Црквата. Денес монаштвото го наоѓа своето место, како во пополнувањето на високиот клир, така и во најодговорните мисии на Црквата, оставајќи го неизменет и начинот на живот и подвизувањето на скромните иноци во манастирите, испосниците и келиите во сиот православен свет.

Поаѓајќи од светоотечкото учење на преподобниот Симеон Нов Богослов за духовниот отец, ќе ни кажете ли неколку зборови за местото и улогата на духовниот отец во животот на православниот христијанин?

Учењето на Христа е едно учење за духовен живот, пат кон совршениот Бог, подражавање на Господа, исполнување на Неговите заповеди (заповедите за љубовта), а како отплата за тоа е нашето спасение. Луѓето на различен начин стигнуваат до Господа, и нивните духовни преживувања не секогаш се исти. Многу од новопосветените, коишто целосно не го примиле Христа, можат да се отклонат од патот на правдата, искушани од непријателот на спасението. И тука, се јавува Божјата благодат низ духовно утврдените луѓе, способни да поттикнат, помогнат и да ги утешат оние коишто се колебаат. Особено правилна е практиката на Светата ни Црква секој православен христијанин да има свој духовен отец, собеседник и исповедник, во когошто има доверба и кон кого во Христовата љубов, се обраќа и во радост, и во скрб. Уште богоглаголивите апостоли се јавуваат како духовници (исповедници), предавајќи го тоа и на своите ученици и така до наши дни, во исполнување на зборовите на Спасителот, за исповедање на гревовите еден другому, и дека таму каде што се двајца или тројца во Негово име, таму е и Господ. Од Апостолите до денес ја примаме и пастирската грижа за словесната паства и наставникување во верата кон послабите членови на Христовото Царство.

Постои една прекрасна изрека: “Монахот е налик на цветот - колку повеќе го газиш, толку повеќе мириса”. Ќе ни проговорите ли за ставот што монахот треба да го завземе при нападите од светот којшто, сведоци сме, не го разбира православното монаштво?

Секојдневното молитвено правило, трудот во манастирот и грижата за неговото устројување, како и високиот богословски дух се претпоставка за еден духовен живот којшто не е некакво минато или страница од црковната историја, но една практична реалност и докажано православно предание да се достигне до Бога, да се удостоиме како апостолите да ја видиме несоздадената таворска светлина и да црпиме животодателни сили од Првоисточникот на секоја благодат и енергија. Таквиот живот на покајание и постојано созерцание и сега им го предлагаме на сите луѓе, спротивставувајќи го на светот, на гревот на светот, на изопачувањата на нормалното, на плотската похот, а тоа спротивставување ние го правиме со силата на нашиот Спасител Иисус Христос.

Самиот Господ ни вели да се стремиме и да бидеме смели и бодри во Него, и покрај страдањата и скрбта во и од светот. Тоа е гласот на Црквата кон секој монах којшто бива посветен во таа служба да биде бодар и покрај страданијата, и покрај незгодите и лишувањата, и на тој начин да расцвета како цвет благоухан во смирението, послушанието и исполнувањето на секоја правда од посветувањето си.