
Во Првата недела на великиот пост, го славиме споменот на востановувањето на светите и сечесни икони. Повеќе од сто години Црквата Христова ја потресуваше гонењето на злославните богоборци οд кои прв беше автократорот, Леон Исавриј, а последен Теофил, мажот на светата царица Теодора, којaшто пo неговата смрт повторно го утврди Православието заедно со Патријархот Методиј (843 година). Оваа незаборавна царица ги извика следниве свети зборови: „Кој не им се поклонува на светите икони и не ги целива со однос (=σχετικώς), а не богопоклоно (=λατρευτικώς), значи, не како богови, туку како икони (=слики) на првообразите, со копнеж и со љубов – засекогаш да е анатема”, a потоа побара од Бога простување на гревовите на својот маж преку општ пост и молитва за време на целата прва недела на Четириестницата, и во неделниот ден, заедно со својот син Михаил, со целиот клир и со народот ги воздигаа светите икони, и со нив повторно ја украси светата Христова Црква. Споменот на ова свето дело денес го слават сите Православни и затоа овој светол и сечесен ден го нарекуваме Недела на православието. Употребата, честа и односното поклонување на светите икони е прадревно апостолско предание, како што сведочат отците на светиот VII Вселенски собор. Постоењето на иконите во богослужбениот живот на Црквата и во животот на Христијаните е втемелено од самиот Господ Исус Христос. Тој, на царот Авгар од Месопотамија, му ја испрати неракотворената икона на своето лице. Овој цар боледуваше од неизлечива болест и имаше пратено покана до Господа, со желба, тој да дојде во Месопотамија и да го исцели. Христос, пак, зеде еден убрус и бришејќи ја потта од своето лице чудесно го отпечати својот лик на тој убрус, кој потоа му беше пратен на Авгар за да го исцели.
[Read more →]

