Entries in 'Свети отци'
од изданието „Химни“
Кој е монахот и која е неговата дејност, а и за тоа на каква висина на созерцанието самиот тој бил воздигнат.

Монах е тој што несмешан е со светот,
та везден со Единиот Бог беседи,
зерцајќи, зерцан и љубејќи, возљубен,
станува светлост, неискажно озарен.
Прославен дума кај поскоро беднее
и придомен ко странец се однесува.
О необично сосем и неизречно чудо!
Од безмерно ли благо скуден бидувам,
и немајќи ништо, чинам сум преимашен,
па велам: Жеднеам при претек од вода
и кој ќе ми го даде она во што сум богат,
кај да Го најдам Тој што везден Го гледам?
Како да здржам тоа што е во мене,
кое и вон светот воопшто не се гледа?
Кој има уши да чуе, нека чуе,
правилно разбирајќи зборој на неук!

од изданието „Акатист на светиот Симеон Нов Богослов“
Кондак 1:
Како Божеско орудие на таинското богословие и пребивалиште на Светлината Трисолнечна, тебе Богослове Симеоне, те благовоспеваме. А како преисполнет со озаренијата на Духот, проблесни им со лачите на твојте дарови на оние, кои ти воскликнуваат: Возрадуј се, Оче богомудри.
Икос 1:
Како Ангел нов ни се јави, со штедрота од добродетели, богоносен Симеоне Богослове; (трипати со припев: Преподобен оче Симеоне Нов Богослове моли Го Бога за нас); та со ангелскиот твој глас богословствуваш за надумните таинства, и затоа, восхитени од светлозарноста ти, сите воскликнуваме:
Радувај се, низ тебе Троица се превоспева;
радувај се, низ тебе тлението се поразува.
Радувај се, на светлоста Трисолнечна живеалиште;
радувај се, на небесниот живот светилнику.
Радувај се, висино на божественото познание преподвизувана заради мнозина;
радувај се, длабино на животот благобитен низ секоја добродетел.
Радувај се, зашто ја пројави на Црквата болскотноста;
радувај се, зашто ја јави зарноста на Богословите.
Радувај се, лачу на невештествените озаренија;
радувај се, светило од вештески изображенија.
Радувај се, низ тебе Богословите се посветуваат;
радувај се, низ тебе вештословците замолкнати биваат.
Возрадуј се, Оче богомудри.
Кондак 2:
Блесокот на душата твоја преку животот најблагороден ги созре чудесно чистите јавленија на невештескта светлина, та прифаќајќи го јаремот Христов, Преподобни, и окрилувајќи се со Духот, Симеоне, вдахновено возгласуваш: Алилуја.
Икос 2:
Мисла вбожена имајќи, мудро се одрече и целодушно достојностите светски и родителската приврзаност ги пренебрегна, та кон Студитската Обител поита, зашто по Христа тргна, слушајќи од сите:
Радувај се, на љубовта Христова сокровиште;
радувај се, на светлината невештеска живеалиште.
Радувај се, подражавателу на животот Ангелски;
радувај се, поразителу на бесовските смутови.
Радувај се, сосаду бесценет на божественото дихание;
радувај се, мечу богоискован против пристрасноста вештествена.
Радувај се, оти во душата го јави огнот Божествен;
радувај се, зашто семудро го одбра она што е најдобро.
Радувај се, ти трњето на страстите го искорна;
радувај се, ти нивата на душата ја возроди.
Радувај се, земјоделецу на плодој бесмртни;
радуј се, преисполнет со блага нетлени.
Возрадуј се, Оче богомудри.
Кондак 3:
Сила голема во подвигот и разумот, Симеоне, од небесата воспримајќи, па во послушание на Старецот врвејќи, го согази мудрувањето плотско, и исполнет со премудроста најблага, кон Троица псалаш: Алилуја.
Икос 3:
Благодатта богатства источи низ усните твои и штедро премудрост тебе ти се придодаде; оттука врутоци на богословието на Црквата ѝ излеваш, Преподобни, та со своите слова ги напојуваш умовите на тие што ти воскликнуваат:
Радувај се, врутоку на богословието;
радувај се, пламену на богомудрието.
Радувај се, реко од теченија на благодатта;
радувај се, сокровиште од ученија на Духот.
Радувај се, тајнику богопросветлен на превишни созерцанија;
радувај се, усно богоносна на небесните обмисли.
Радувај се, зашто ги пречекори меѓите на вештеството;
Радувај се, зашто словата на догматите ги раскрилуваш.
Радувај се, учителу на живот свет.
радувај се, на чесните Ангели рамнодостоен.
Радувај се, храму таинствен на Троица;
радувај се, лачу на небесното озарение;
возрадуј се, Оче богомудри.
акатистот продолжува…
од изданието „Акатист на светиот Симеон Нов Богослов“
Акатистот, како што посочува и самата етимологија на зборот (ακάθιστος), е молитва којашто се совршува не-седејќи, туку стоејќи, бивајќи исправен. Во богатата ризница на Коработ на нашето спасение, акатистот претставува ремек дело на црковната химнографија. Без двеумење, ќе речеме дека во Црквата и не постои личност на којашто не ѝ е познат акатистот посветен на Пресвета Богородица, којшто на мнозина им е секојдневна молитва, а во храмот особено торжествено се чита во саботата што ѝ претходи на петтата седмица од Великиот Пост.
Акатистот се состои од дванаесет мали строфи—кондаци, и дванаесет големи строфи—икоси, посветени на Господа Христа, Пресвета Богородица или на светителите. Особеност на оваа служба се извесните, како што се наречени—херетизми, односно усрдните восклици: Радувај се!, упатени оному, на когошто акатистот е посветен.
Пред нас го имаме акатистот на оној, којшто себеси се умртви за сè што постои во светот, бидејќи го заиска животот сокриен во Христа Бога. Пред очи ги имаме молитвените воскликнувања кон оној, којшто после првиот—светиот Апостол Јован, и после вториот Богослов—светиот Григориј, се јави како трет: Нов Богослов, којшто „како столб огнен преку дејствителното делање на заповедите, го воведе новиот Израил во земјата на бестрастието.“
[Read more →]

Кратко житие на светиот новомаченик Иларион Троицки
Свештеномаченикот Иларион роден е како Владимир Алексејевич Троицки во 1886 год. во селото Липице на Тулската губернија. После завршеното духовно училиште и семинарија се запишува на Московската Духовна Академија, каде што, по сопствено признание, се соочил со неблагодатните плодови на западната ученост вгнездени во срцето на тогашната „богословска наука.“ Уште тогаш овој иден бележит богослов на Црквата Христова ја открил причината за ваквата недопустива состојба во опаѓањето на свеста и чувството за црковноста. Оттука, сиот свој понатамошен богословски устрем и живот Св. Иларион го посветува на силовито оприсутнување на преданиското православно учење за Црквата втемелено во длабокото и бескомпромисно поимање на 9-от член од Символот на Верата. Притоа, наспроти духот на времето, тој и самото богословие го ценел онака како тоа го налага Преданието, во склад со што вели: „Што е тоа богословие? За мнозина тоа претставува само знаење на богословските вистини, но не и познание на Бога. Познанието, пак, на Бога е опитна наука. Само чистите по срце ќе го видат Бога, и затоа вистинското богословие мора да биде благочестие, па дури тогаш ќе донесе плод по својата мера.“
Веќе како студент, а подоцна и како професор тој ги пишува своите врвни богословски дела: Христијанство или Црква, Гностицизмот и Црквата во односот кон Новиот Завет, За црковноста на духовното училиште и богословската наука, За нужноста од историјско-догматска апологија на 9-от член од Символот на Верата, Триединството на Божеството и единството на човештвото (кое ви го пренесуваме во овој број на нашата периодика), Покајанието во Црквата и покајанието во католицизмот.…
[Read more →]

Кратко житие на Свети Арсениј Велики
Свети Арсениј (354 -449) по потекло е од Рим. Успева да се стекне со врвно класично образовение, благодарение на што бидува повикан од императорот Теодосиј I Велики да им биде педагод на неговите синови Хонориј и Аркадиј.
Светскиот живот го напушта во 349 г., заминувајќи да живее во Египет како прост монах, после едно потресно искуство. Имено, уште додека бил во царската палата, тој се молел на Бога, говорејќи:
- Господи, поучи ме како да се спасам!
[Read more →]

Кратко житие на Свети Григориј Богослов
Свети Григориј Богослов е роден околу 330 г. во гратчето Аријанз, кападокија - Мала Азија. Татко му бил епископ во соседниот Назијанз, а неговата мајка, света Нона, му била прва учителка во благочестието.
[Read more →]

избор од книгата „Старец Силуан“ од блажениот старец Софрониј (Сахаров)
Доаѓањето на Света Гора.
Семјон на Света Гора дошол во есента 1892 година и стапил во Рускиот манастир „Свети Великомаченик Пантелејмон“. Тука започнува нов подвижнички живот.
Според светогорскиот обичај, новопристапениот послушник „брат Симеон“ требало да помине неколку дена во целосен спокој, да се присети на сите дотогашни гревови во животот, да ги запише и да ги исповеда на духовникот. Чувствувањето на адското мачење, во него родило незадржливо огнено покајание. Низ тајната на покајанието тој сакал да ја ослободи својата душа од се што и тежело, и затоа со подготвеност и голем страв, во ништо не оправдувајќи се себеси, ги исповедал сите гревови од неговиот дотогашен живот.
[Read more →]

Архимандритот Јоаникиј е роден 1839 година, а се упокоил пред повеќе од шеесет години, на 24 јануари 1941 година. Податоците за неговиот живот се ограничени на само неколку редови, но сепак доволни да се здобиеме со точна претстава за неговата од Бога просветлена личност.
Си спомнуваме за некои од мачениците, вброени во редот на светиите заради нивното исповедање на верата, а за коишто нема скоро никакви податоци; но, нивните свети мошти сведочат за нивниот живот.
[Read more →]
Ако ние не го исполниме законот Христов - не сме ни христијани… Бидејќи за Христа трпиме, барем да го слушаме што ни вели. Он не ни вели нешто тешко, но лесно. Он ни вели да се љубиме еден со друг, да си простуваме, да се тешиме, да седиме мадро, да не збеснуваме како мали деца, да не се опиваме, да не блудствуваме, да не пиеме вино без мера, да не скокаме на оро како безумните што скокаат.
А ние и празникот што го служиме еднаш во годината, и него непристојно го служиме, а не побожно. Баш на денот гледаме да се опиеме, да скокаме, да збеснуваме. Цела ноќ седите, пиете и збеснувате, не го молите светителот туку го лутите, та тој не ве измолува пред Бога и не ви помага, па попусто се трошите…
[Read more →]
од изданието „Химни“
За Божественото озарение и просветлението на Духот Свети, а и за тоа дека Бог е единственото место во кое сите светии имаат упокоение по смртта, како и за тоа дека отпаднатиот од Бога не ќе има на друго место упокоение во идниот живот.
Каква трепетна тајна во мене се совршува?
Збор не ја искажува, ниту, пак, може нешто да
напише беднава ми рака во фалба и слава
на Суштиот над восфалби, на Суштиот над зборој.
Ако ова што сега в’мене блуден се совршува
нескажано и неизречно е, како тогаш Оној,
ај кажи, Кој на ова Подател е и Творец,
би имал нужда од наша фалба ил’ принос на слава? [Read more →]